You are on page 1of 1

Наставна единица: Јазикот и говорот *(да се повтори во плановите, Наука за јазикот I, II)

* Јазикот е систем од знаци за општење меѓу луѓето.

* Употребата на јазикот во конкретни ситуации се нарекува говор.


- Јазикот и говорот се меѓусебно поврзани и претставуваат неделиво единство. Сите
членови на една заедница го владеат јазикот како апстрактен систем од знаци, но секоја
единка различно го употребува јазикот преку сопствениот говор.
- Единството од јазикот и говорот се нарекува јазична дејност.
1. Јазикот е општествена појава и претставува заеднички систем за сите единки на таа
заедница.
- Во јазикот се систематизирани во една целина заедничките јазични навики, јазичните
можности, способности и потреби на една општествена заедница.
- Како систем од знаци, јазикот е постојан и стабилен.
2. Говорот е индивидуален процес и претставува начин на кој единките го употребуваат
јазикот.
- Преку него доаѓаат до израз личните пројави на единките да го употребуваат јазикот
како средство за општење меѓу луѓето во различни ситуации и како средство за
искажување на сопствените мисли на различни рамништа.
- Говорот е динамичен и променлив. Врз говорот влијаат повеќе надворешни фактори:
психички, физички, физиолошки и сл. Говорот е обусловен од општествените ситуации во
кои се одвива, интелектуалните способности и културата на зборувачите.
- Тој е јазик во акција! Тој е моментен и неповторлив.
* Јазикот и говорот се во непрекинато заемно дејство. Јазикот трае низ времето со
постојаната употреба на говорот.
- Разликувањето на јазикот и говорот претставува една од основните поставки на науката
за јазикот.
- Јазичен знак
1. Јазикот се остварува преку говорот. Говорот, пак, се јавува во вид на звучни слики и на
нервно-физиолошки процеси во мозокот на зборувачот и на неговиот говорен апарат, па
во вид на звучни бранови се пренесува до слушателот. Но за да пренесе зборувачот
порака, а слушачот да ја прими и разбере, треба да употребуваат исти знаци, да имаат ист
систем од знаци –ист јазик.
2. Знаците што ги употребуваме при општењето со помош на јазикот се нарекуваат
јазични знаци.
Овие знаци се наоѓаат во човековиот мозок и одговараат на предметите и на појавите на
стварноста. За секој предмет или појава во човековиот мозок постои соодветен поим, а на
секој поим му одговара одредена звучна слика.
а) Јазичниот знак е единство од две нешта:
- поимот – ја претставува содржинската, означената страна на јазичниот знак;
- звучна слика – ја претставува материјалната, означувачката страна на јазичниот знак.
б) Јазични знаци се зборовите. Тие имаат две страни:
- форма – означувачка страна на зборот, означувач;
- значење – содржинска страна на зборот, означеник.

- Јазичните знаци/зборовите се основни елементи на системот на јазикот. Од нив зависи


функционирањето на јазикот како систем и неговата употреба во општењето.

You might also like