You are on page 1of 47

Чернодрински се враќа дома

Горан Стефановски

ЧЕРНОДРИНСКИ СЕ ВРАЌА ДОМА

1
Чернодрински се враќа дома

СПИСОК НА СЦЕНИ И ЛИЦА:


(Забелешка: улогите можат и треба повеќекратно да се дуплираат.)
1. Лектира на зададена тема
ДЕТЕТО БЕЗ ФАНТАЗИЈА
ТАТКОТО
МАЈКАТА
2. Кинеска делегација во Прилеп
РАМПО ПРЦЕСКИ
ПРЕВЕДУВАЧКАТА
КИНЕЗОТ ЧУАНГ ЛИ
ВТОРИОТ КИНЕЗ
3. Љубовна идила на плажа во Бургас
ГОСПОЖА БАЛБАКОВА
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ
ЛИРСКИОТ ЉУБОВНИК ЧОРБЕ
4. Доверливо досие во подземните подруми на тајните архиви
МЛАДИОТ АРХИВАР
СТАРИОТ АРХИВАР
ЖЕНАТА ВОЈНИК
5. Мал инцидент во кафеаната „Балкан“
ГОСПОДИН ГРЧЕВ
ГОСПОЃИЦА ЦАНЕВСКА
ГОСПОДИН АРИЗАН
6. Панаѓур на Ѓурѓовден во маалото Јуџбунар
ЈОСИФ
СЛАВЕ
АНАСТАСИЈА

2
Чернодрински се враќа дома

ЦРНЕЦОТ СО ТРУБА
7. Поделба на улогите на пиесата „Цар Симеон“
АКТЕРЧЕТО ИЦО
ДИРЕКТОРОТ СЛАВЕЈКОВ
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН
СОВЕТНИКОТ
8. Срешта
ЦВЕТКО
НАДА
ЏАФЕР-АГА
9. Ненадејна посета на Суботица
АЛЕКСАНДАР
КАТАЛИН
СТАРАТА
10. Што се случуваше вечерта по свадбата
КУМОТ
КУМАТА
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА
МЕАНЏИЈАТА
МУЗИКАНТИ
11. Случајот Белодрински
ИНКОГНИТО ПРВ
ИНКОГНИТО ВТОР
ВРСКАТА
БЕЛОДРИНСКИ
12. Суреалистичко-дадаистички кружок
РУСА

3
Чернодрински се враќа дома

ЦАРА
БРЕТОН
13. Пикник во напуштеното село Селци, Дебарско
ЕЛИЦА
ЖАН
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК
14. Кажи зошто ме остави?
ГЕОРГИ
МАРИНА
МАЈКАТА

4
Чернодрински се враќа дома

1. ЛЕКТИРА НА ЗАДАДЕНА ТЕМА


(Дневна соба во мал стан. Попладне. Таткото лежи и чита весник. Детето, стармало,
седи крај маса, врз отворена тетратка.)
ДЕТЕТО: Тато, треба да пишувам домашна работа.
ТАТКОТО: Па пишувај сине. Кој ти пречи?
ДЕТЕТО: Не знам што да напишам.
ТАТКОТО: Па тоа што треба.
ДЕТЕТО: Што треба?
ТАТКОТО: Па тоа што ви кажала учителката.
ДЕТЕТО: Ништо не ни кажала.
ТАТКОТО: Како ништо не ви кажала? Па ви кажала за што да пишувате.
ДЕТЕТО: За Чернодрински.
ТАТКОТО: Па ете. Значи ви кажала.
ДЕТЕТО и ТАТКОТО: Што?
ДЕТЕТО: Што да пишувам?
ТАТКОТО: Како што, сине? Па тоа е една толку широка област.
ДЕТЕТО: Кој бил тој?
ТАТКОТО: Па од кај да знам јас, сине? Тоа ви пишува во учебникот. Сум ти купил
учебници. Толкави пари сме дале со мајка ти.
ДЕТЕТО: Како не знаеш?
ТАТКОТО: Јас сега се одмарам, сине. Ручав и читам весник пред спиење. Сакам да
бидам свеж за спортскиот пренос вечерва. Тато ги напишал своите лектири во животот.
Сега е ред ти да ги пишуваш твоите. Малку да се помачиш. Ни мене никој не ми
помагаше. Јас не изучив, ама се снајдов. Како така, сега нишам врата, земам плата. А
сакам ти да ми станеш стручњак, да не се мачиш како мене. Мораш да загрееш столица.
„Учи, учи глава бучи“. Да не биде „Умри воле кад немаш школе“.
ДЕТЕТО: Тато, јас не знам да пишувам. Немам фантазија.
ТАТКОТО: Па барем тоа не е тешко сине. Замижи малку, концентрирај се. Ете ти
фантазија.
ДЕТЕТО: (Замижува.)

5
Чернодрински се враќа дома

ТАТКОТО: Ти дојде?
ДЕТЕТО: Да.
ТАТКОТО: Ете гледаш.
ДЕТЕТО: И тебе вака ти доаѓа?
ТАТКОТО: И мене. На сите така ни доаѓа.
ДЕТЕТО: Си замислив кога бил зет.
ТАТКОТО: Молам?
ДЕТЕТО: Гледам каква облека носел кога бил зет.
ТАТКОТО: Кој?
ДЕТЕТО: Тој. Облечен е во зетовско руво. Го имал готово три години пред свадбата. Не
сакал да го позајми од некаде за да не му направат магија. Бела кошула од селско ткаено
платно, сошиена со дваесет бочници, везена амелии, везот од жолт памучен конец,
вапцан во жолто цвеќе „тулипан“. Конецот поминат низ жолт восок да ја задржи бојата
кога се пере. Бели шајачни гаќи, со преден и заден кутел, врз него шајачни ѕиври,
пртеници со црни гајтани, бели волнени плетени чорапи. Врз чорапите, подвески. На нив
долги ѓувезни реси од волнено предено, букмиња со наредени мониста и пулејки на нив.
Опинци со крстови. Врз кошулата малешевски ќемер. На градите црн шајак, со отвори под
мишките. Врз шајакот, гуна од клашни. На главата зеточка капа. Напред зашиено алтанче
што паѓа врз челото. Од десно, крпа со седум карагроша, по три од страна, а на средината
паричка спуштена над слепоочницата.
(Пауза. Таткото гледа во синот загрижено.)
ТАТКОТО: Учи што учиш, сине, ама од време на време, фрли ја книгата, дај си оддушка,
поиграј фудбал со другарите.
ДЕТЕТО: Доцна е сега, татко. Доцна е сега за сè.
(Ја вади сијалицата од солната ламба. Ја зема во рака и ја крева високо. Сијалицата му
се пали во рака. Таткото гледа зачудено. Влегува мајката со кафе во раката. Гледа
зачудено во синот.)
ДЕТЕТО: Град градила самовила, Ни на небо ни наземи, Туку така под облака. Туку така
под облака, Ни на небо ни наземи, Град градила самовила.
МАЈКАТА: Мамино! (Ѝ паѓа кафето на земја.)

6
Чернодрински се враќа дома

2. КИНЕСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ПРИЛЕП


(Кинеска економска делегација се шета низ Прилеп. Двајца Кинези, една преведувачка и
директорот Рампо Прцески со локална свита.)
РАМПО: Да појдеме сега на лапачка, другари. Ширданот чека. Ќе се задржиме во подолг
пријателски ручек каде што ќе го прославиме потпишувањето на долгорочната соработка
меѓу нашите два комбинати за конзервирање зеленчук. Да живее Македонско-Кинеското
пријателство!
ЧУАНГ ЛИ: Да живее!
СИТЕ: Да живее!
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Да живеат другарите Чуанг Ли и Рампо Прцески!
СИТЕ: Да живеат!
ЧУАНГ ЛИ: На крајот на нашата посета на Прилеп сакаме да истакнеме дека овде
доживеавме незаборавни мигови. Нашите домаќини навистина се потрудија овој престој
да ни остане во вечен спомен. Кога ќе се вратиме во нашиот далечен крај, во местото
Јинцао, во провинцијата Шантунг, ќе ги запознаеме нашите граѓани со вашите обичаи,
вашиот начин на живот и вашите работни резултати. Посебен впечаток ни оставија
питомата природа, благородноста на луѓето и убавината на вашите жени. (Аплауз.)
РАМПО: Кажи му да побрза, сè ќе остине.
ЧУАНГ ЛИ: Што е онаа зграда?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Тоа е нашиот театар.
ЧУАНГ ЛИ: Театар? Имате театар?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Имаме, се разбира.
ЧУАНГ ЛИ: Како се вика?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Народен театар „Војдан Чернодрински“.
ЧУАНГ ЛИ: Што значи тоа?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Тоа е името на еден наш... (Гледа во Рампо.)
РАМПО: Деец.
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Деец.
ЧУАНГ ЛИ: Што?

7
Чернодрински се враќа дома

ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Како да кажам? Книжевник. Писател. Пишувал за ослободувањето од


ропство, маките на народот под турскиот султан.
ЧУАНГ ЛИ: И ние имаме театар.
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: И тие имаат театар.
РАМПО: Убаво.
ЧУАНГ ЛИ: Нашиот театар се вика Канг Чин – Ци.
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Нивниот театар се вика Канг Чин – Ци.
РАМПО: Е, баш ме заболе.
ЧУАНГ ЛИ: По еден наш писател, деец од единаесеттиот век. Една негова пиеса се вика
„Ли Куеи носи трња.“ Со ваша дозвола: куса одломка пред ручек! (Пее.) „Ох колку е тешка
оваа разделба. Знам дека брзаш да си одиш. Но срцево ќе тргне со тебе на север. На
враќање, ќе те барам во соништата знај, големците не забораваат лесно.“
КИНЕЗОТ: (Го соблекува палтото и го положува на раце. Пее.) „Денес сум на кинескиот
двор, А утре ќе бидам Татарска невеста. Како твоето китено даровно руво Да го носам
пред туѓи луѓе?“
ЧУАНГ ЛИ: (Пее.) Понеси го со себе рувото за танц. Мирисот негов ќе ми дојде со ветрот.
Денес Чао – Чин ја напушта родната земја. Ах кога ќе заврши ова прогонство? (Аплаузи.)
Сега вие.
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Молам?
ЧУАНГ ЛИ: Вие. Сцена. Чернодрински.
(Рампо ја гледа преведувачката збунето.)
РАМПО: Што сака?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Да му играме претстава.
РАМПО: Знаеш нешто?
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Не. Вие?
РАМПО: Од кај знам, да го ебам. Дај некоја народна. (Говори како да е драмски текст.)
„На сред село тапан чука...“
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: ... зурли трештат дум дум дум...
РАМПО и СВИТАТА: Млади моми и ергени до три ора вијат Млади моми и ергени до три
ора вијат.

8
Чернодрински се враќа дома

РАМПО: Рум дум дум дум дум дум дум дум дум дум...
ПРЕВЕДУВАЧКАТА: Рум дум дум дум дум дум дум дум дум дум...
РАМПО и СВИТАТА: Млади моми и ергени до три ора вијат Млади моми и ергени до три
ора вијат.
(Аплаузи.)
ЧУАНГ ЛИ: Чернодрински?
РАМПО: Да, де.
(Едно дете стои среде улица и ги гледа веќе подолго време.)
РАМПО: Ајде бе копиле дома. (Гледа во Кинезот. Се смее.) Деца.

9
Чернодрински се враќа дома

3. ЉУБОВНА ИДИЛА НА ПЛАЖА ВО БУРГАС


(Плажа на хотелот „Сплендид“ во Бургас 1909 година. Кабини за пресоблекување.
Чадор за сонце. Под чадорот лежи госпоѓа Балбакова, прилично дебеличка за свои
години и лирскиот љубовник господин Чорбе, облечени во пливачки костими од
времето.)
БАЛБАКОВА: Одете сега. Мажот ми може секој момент да дојде. Тешко нас ако нè најде
заедно.
ЧОРБЕ: Госпожа Балбакова!
БАЛБАКОВА: Господине Чорбе!
ЧОРБЕ: Овенав поради вас.
БАЛБАКОВА: И за мене ова е агонија.
ЧОРБЕ: Вака трагична љубов не е регистрирана во античката литература.
БАЛБАКОВА: Што сте читале?
ЧОРБЕ: Дозволете нешто малку да сум прочитал. Ќе го убијам мажот ви.
БАЛБАКОВА: Ах, господине Чорбе.
ЧОРБЕ: Тој не заслужува да стои на патот на нашата среќа. Ќе ве одведам назад во Софија.
Ќе свиткаме тивко, топло гнездо, како гулапчиња. Ќе ве водам во театар, на балови, на
бањи.
БАЛБАКОВА: Од што ќе живееме?
ЧОРБЕ: Ах зарем е тоа проблем госпожа Балбакова, зарем е тоа проблем?
БАЛБАКОВА: Проблем е господине Чорбе, проблем е. Јас сум навикната на соодветни
принадлежности.
ЧОРБЕ: Само ноќва да ме послужи зарот и тоа прашање ќе се симне од дневен ред. Може
ли на заем уште стотина лева, гугутке моја? Чувствувам дека вечерва фортуната е на моја
страна. Овој ден ќе се памети во казиното на Хотелот „Палас“ во Бургас.
БАЛБАКОВА: Хотелот „Сплендид“.
ЧОРБЕ: Хотелот „Сплендид“. Ќе пишуваат весниците за черноморскиот Фантом. Фиљан
господин Чорбе, добил милион лева на рулет и со избраницата на своето срце исчезнал
во непознат правец.
БАЛБАКОВА: (Му дава пари.) Ако ги изгубите и овие, веќе немам.
ЧОРБЕ: Како да го изразам чувството на искрена благодарност за покажаното разбирање?

10
Чернодрински се враќа дома

БАЛБАКОВА: Бегајте сега.


ЧОРБЕ: До вечер.
БАЛБАКОВА: Потивко кога се префрлате преку балконот. Синоќа разбудивте половина
хотел.
(Се појавува господин Балбаков. Крупен, лут, со споени веѓи.)
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Скапа моја. Кој е младиов господин што ти прави друштво во мое
отсуство?
БАЛБАКОВА: Господине Чорбе, мојот сопруг.
ЧОРБЕ: Необично ми е мило.
БАЛБАКОВА: Господинот Чорбе е... (Пауза.)
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Да?
БАЛБАКОВА: ... од театарот.
ЧОРБЕ: Зошто му кажавте госпоѓо, сакав да видам дали господинот сам ќе погодеше.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Што работите во театарот?
ЧОРБЕ: Господине Балбаков, нема да верувате. Нашата работа е чергарска. Се работи тук-
там, чат-пат, и што треба и што не треба.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Глумите?
ЧОРБЕ: И глумиме кога се мора! Кој те прашува!
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Давате претстава вечерва?
ЧОРБЕ: (Гледа во Балбакова.)
БАЛБАКОВА: Тие се на турнеја.
ЧОРБЕ: Ние сме на турнеја.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Давате претстава вечерва?
ЧОРБЕ: Кога сме на турнеја, се разбира, претстава секоја вечер.
БАЛБАКОВ: До кога сте на турнеја?
ЧОРБЕ: Па богами, така, тоа е доста подолготрајно.
БАЛБАКОВ: Како ви се вика театарот?
ЧОРБЕ: (Гледа во Балбакова.)

11
Чернодрински се враќа дома

БАЛБАКОВА: Тоа е театарската трупа на Чернодрински.


ЧОРБЕ: Јас сум член на трупата и најдобар пријател со господин Чернодрински. Ние сме
скоро ортаци. Често ми вели, кога ќе умрам јас Чорбе, преземи ја трупата и туркај.
БАЛБАКОВ: И што сакате сега од жена ми?
ЧОРБЕ: Ја рекламирам претставата. Продавам карти. Одам по плажата и ги известувам
ценетите гости на Хотелот „Палас“.
БАЛБАКОВ: „Сплендид“.
ЧОРБЕ: Хотелот „Сплендид“.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: На влезот има рекламен плакат.
ЧОРБЕ: Јас го поставив. Годините на искуство, меѓутоа, покажуваат дека само плакат не е
доволен. Секогаш добро доаѓа и малку ваква слободна продажба.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Која пиеса ја давате?
ЧОРБЕ: Молам?
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Како се вика пиесата што ја рекламирате?
ЧОРБЕ: (Пауза. Гледа во Балбакова.)
БАЛБАКОВ: (Кон жена си.) Ти да молчиш.
ЧОРБЕ: (Се удира по глава.) Синоќа малку се запивме, театарски луѓе, а виното лошо, а
сега и сонце. Ќе морам на лекар.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: „Од глаата си патиме“.
ЧОРБЕ: Имате право. Воопшто не смеев да излегувам. Уште од сабајле ми се лошеше.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Така се вика пиесата. „Од глаата си патиме“.
ЧОРБЕ: Имено. Имено. А не, ова е крај, од утре вртам нов лист.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: За што е таа пиеса?
ЧОРБЕ: Ах, за што е! За што е пиесата? Пиесата е... тоа е француска пиеса, комедија, за
еден стар циција. Тој има жена, релативно помлада, која го ограбува. Му ги зема парите.
И бега.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Со љубовникот?
ЧОРБЕ: Точно.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Што го играте вие?

12
Чернодрински се враќа дома

ЧОРБЕ: Браво. Иако тоа е една... помала улога. Скоро безначајна.


ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Јас и мојата сопруга бевме синоќа во театар.
ЧОРБЕ: Така.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: И ја гледавме претставата.
ЧОРБЕ: Така.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Пиесата не е за никаков француски циција туку за ослободувањето
на македонскиот народ од турскиот гнет. За храбрата мома Бисера и нејзиното момче
Цветко.
ЧОРБЕ: Така.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Што така?
ЧОРБЕ: Продолжете слободно.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Во неа нема никаква улога на љубовник. И вие не играте.
ЧОРБЕ: Ах, каков шегобиец сте биле вие, господине Балбаков. (Пауза.) Чорбе, Чорбе,
тикво зелена, сега што правиш?
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: (Вади касапски нож.) За ова ќе платиш со живот.
БАЛБАКОВА: Не мил мој, јас сум виновна.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Знам сè за вашата врска.
ЧОРБЕ: Господине, смилувајте се. Јас сум сирак. Растен сум како куче во сиромашното
маало на Македонци бегалци на периферијата на Софија од тетка ми која ме тепаше по
глава со пегла. Тетин ми пиеше и ме фрли во светот на хазардните игри и алкохолот.
Никогаш не сум почувствувал човечка топлина и љубов. Имајте разбирање за нас
клетниците и за социјалната неправда која ни е нанесена. Втурнат сум во водите на
криминалот не затоа што јас го бирав него, туку затоа што тој ме избра мене.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Зборуваш со скоравен финансиски капиталист. Попусти се твоите
пролетерски тажачки.
(Го прободува со нож во срца. Чорбе се фаќа за дршката.)
ЧОРБЕ: Сиот мој животен пат стремеше кон средбата на овој нож и ова срце. Збогум
госпоѓо Балбакова. Миговите со вас беа ретки мигови среќа во мојот живот. Синоќа долго
се колебав дали да одам во театар или да играм комар. И мојата ниска страст за комарот
победи. Така и ми треба. Ако отидев во театар ќе знаев дека пиесата што се дава не е
француска комедија за ограбен циција, туку за нешто друго. Нешто сосем друго, што ми
останува непознато и во часот на мојата смрт.

13
Чернодрински се враќа дома

(Умира.)
БАЛБАКОВА: Убиј ме и мене.
ГОСПОДИН БАЛБАКОВ: Ти ќе живееш. И заедно со мене, до гроб ќе го носиш споменот на
овој необичен настан. (Пауза.) Има ли време за едно капење пред ручек?
БАЛБАКОВА: Време има. Дали има расположение?

14
Чернодрински се враќа дома

4. ДОВЕРЛИВО ДОСИЕ ВО ПОДЗЕМНИТЕ ПОДРУМИ НА ТАЈНИТЕ


АРХИВИ
(Подземни подруми во полициска архива. Меѓу купишта расфрлани фасцикли и списи се
младиот и стариот архивар. Однадвор се слушаат детонации и пукање.)
МЛАДИОТ АРХИВАР: Што чекаме? Бунтовниците секој момент ќе влезат во зградава!
Имаме наредба да ја запалиме архивата! Ако нè фатат, ќе нè запалат нас! (Стариот
архивар пали цигара.) Владата е во бегство! Градот гори! Терористите заземаат улица по
улица! (Стариот архивар длабоко зема чад.) Архивата не смее да падне во рацете на
новата власт! Да палиме и да бегаме!
(Стариот архивар испушта кругчиња чад.)
СТАРИОТ АРХИВАР: И да го поништиме нашиот живот? Нашиот свет? Нашата филигранска
професија?
МЛАДИОТ АРХИВАР: Има ли друго решение?
СТАРИОТ АРХИВАР: Има ли друг кој новата власт ќе може да ја упати низ овие лавиринти?
Регистри, печати и фасцикли! Сомнителни, политички и државни?
МЛАДИОТ АРХИВАР: (Ненадејно просветление.) Мислите... да извршиме
примопредажба?!.
СТАРИОТ АРХИВАР: (Вади печено пиле и шише вино.) Батак или бело месо?
МЛАДИОТ АРХИВАР: Првпат длабински ве разбирам. (Јадат.)
СТАРИОТ АРХИВАР: Читај! (Младиот архивар гледа бело.) Тоа ми е како музика. Помага
на варењето. Читај некое досие. (Младиот го гледа бело. Стариот архивар зема досие
што му паѓа до рака. Му го фрла на младиот архивар.) Читај!
МЛАДИОТ АРХИВАР: (Вади документ од досието. Чита.) Свидетелство.
СТАРИОТ АРХИВАР: Бројот?
МЛАДИОТ АРХИВАР: Сто дваесет и три, низ пет римско.
СТАРИОТ АРХИВАР: Досие без број е како партитура без виолински клуч.
МЛАДИОТ АРХИВАР: Свидетелство на ученикот...
СТАРИОТ АРХИВАР: Никако името. Треба сами да си замислиме кој е човекот, која му е
дејност, за што го товари законот.

15
Чернодрински се враќа дома

МЛАДИОТ АРХИВАР: Ученик во прв клас на Охридското училиште „Свети Климент“,


добива свидетелство од прв ред со одличие за учебната 1888/89 година.
СТАРИОТ АРХИВАР: Што заклучуваш од ова досега? (Младиот архивар гледа бело.) Ќе
дојдеш во мои години, многу ќе заклучуваш.
МЛАДИОТ АРХИВАР: Поведение: примерно. Прилежност: неуморна. Успех во: закон божји
– одличен. Славјанско читање – многу добар. Бугарски јазик – добар. Аритметика – многу
добар. Општа историја – многу добар. Географија – одличен. Краснопис – многу добар.
Турски јазик – добар. Француски јазик – добар. Надворешен изглед на писмените работи –
убав. Отсуства: оправдани 100, неоправдани 20. Класен раководител: Н. Настев.
СТАРИОТ АРХИВАР: О темпи пасати!
МЛАДИОТ АРХИВАР: Што прави ова свидетелство тука?
СТАРИОТ АРХИВАР: Леб не бара, а не знаеш кога ќе затреба.
МЛАДИОТ АРХИВАР: Човекот бил дете!
СТАРИОТ АРХИВАР: Детето станало човек!
МЛАДИОТ АРХИВАР: Височина: сто и осумдесет. Боја на очи...
СТАРИОТ АРХИВАР: Не брзај! Пушти да оттрае. Замисли ја височината. Секој детал е битен
за конечната слика.
МЛАДИОТ АРХИВАР: Боја на очи: црна. (Пауза. Ја замислува бојата.) Нос: правилен. (Го
замислува носот.) Спие со чорапи. Прави шприцер со четири прсти вино, а другото сода.
Пуши во кревет. Кога се бричи свирка лесни класични теми: главно Штраус.
(Се втурнува жена војник со пушка.)
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Рацете горе!
СТАРИОТ АРХИВАР: Конечно. Браќа! Сестри! Ослободители. Крвавите народни издаици
заминаа. Го полија овој архив со бензин и сакаа да го запалат. Ние со натчовечки заложби
успеавме да спречиме да не дојде до тоа. Можеби нешто од оваа граѓа ќе ѝ биде од полза
на новата власт. Скромно ги ставаме нашите услуги на располагање.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Добро сте сториле. Новата власт ќе биде задоволна и ќе знае тоа да го
цени. Ве наименувам чувари на архивот во преодниот период. Под моја команда.
СТАРИОТ АРХИВАР: (Се загледува во неа. Ја препознава.) Вие многу личите на онаа славна
артистка.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Јас сум ветеринар. Сега глумам во претставата на животот. (Им дава
парче хартија.)

16
Чернодрински се враќа дома

СТАРИОТ АРХИВАР: За што се работи? (Жената војник го гледа студено.) Какви се овие
имиња?
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Давајте ги нивните досиеја! Веднаш! Што ме гледате? Не ви делувам
доволно опасно?
СТАРИОТ АРХИВАР: Како да не! Како да не!
ЖЕНАТА ВОЈНИК: На работа!
СТАРИОТ АРХИВАР: Дали ќе можеме да ги пронајдеме? Видете колку досиеја има овде!
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Сакате да ве пратам на прек суд? Бесилка или стрелање? Или двете?
СТАРИОТ АРХИВАР: Да се заложите? (Ѝ нуди кокошка и вино.)
ЖЕНАТА ВОЈНИК: (Си става салвета околу вратот.)
СТАРИОТ АРХИВАР: Нешто да ви отпееме? Малиот добро држи терца.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Што читавте кога дојдов?
МЛАДИОТ АРХИВАР: Документи од нечие досие. Ништо интересно.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Читај! (Јаде и пие.)
МЛАДИОТ АРХИВАР: „Скапа моја. Морам да одам. Те бацувам стопати по косата. Те
бацувам стопати, подолу, во челото. Те бацувам стопати, подолу, во очите. Стопати,
подолу, во носот. Стопати, подолу, во устата. Стопати, подолу, во брадата. Стопати,
подолу, во вратот. Стопати подолу...“
ЖЕНАТА: Доволно! Што е тоа?
МЛАДИОТ АРХИВАР: Писмо.
ЖЕНАТА: До кого?
МЛАДИОТ АРХИВАР: (Чита.) Г-ѓица Смилка Бајраклиева, „Шеталиште на ентузијасти“, 4,
Струмица.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: Од кого?
МЛАДИОТ АРХИВАР: (Чита.) Војдан Поп Георгиев. Уметничко име Чернодрински.
ЖЕНАТА ВОЈНИК: (Пружа рака. Ѝ го даваат досието. Го гледа.) Гулабе мој, кој си да си,
кај си да си, тука си. На место суво, темно и безбедно.
(Го фрла досието назад врз купот. Го залива залакот пилешко со вино.)

17
Чернодрински се враќа дома

5. МАЛ ИНЦИДЕНТ ВО КАФЕАНАТА „БАЛКАН“


(Кафеана „Балкан“ на Балкан во дваесеттите години на дваесеттиот век. Во
кадифени фотељи во сепаре седат младиот личен господин Грчев и младата лична
госпоѓица Цаневска.)
ГРЧЕВ: Како си?
ЦАНЕВСКА: Добро.
ГРЧЕВ: Знам дека не си добро. Дека не може да си добро. Посебно кога е првпат. Сакаш
коњак?
ЦАНЕВСКА: Не.
ГРЧЕВ: Немој веднаш да пукаш. Прво нека седне. Нека се расположи. Ти диши нормално,
смири се. Потоа извади го пиштолот и стрелај во гради. Не во глава. Тешко се пука во
глава кога некој гледа во тебе.
ЦАНЕВСКА: Ти поведи разговор.
ГРЧЕВ: Јас ќе поведам разговор. На крајот ми го даваш пиштолот. Излегуваме на главната
врата. Спокојно. Без трчање. Автомобилот чека.
ЦАНЕВСКА: И?
ГРЧЕВ: И потоа заслужена ваканција. Меѓу борови и шишарки. Никакви обврски, никакви
пораки, надвор од оваа касапница. Ќе ги симнеш од себе сите сомневања.
ЦАНЕВСКА: Ме сакаш?
ГРЧЕВ: Дали те сакам? Прашуваш дали те сакам? Твоите паметни прашања!
ЦАНЕВСКА: Кажи ми дека ова нема да ја излади нашата врска.
ГРЧЕВ: Ќе ја топлиме со кавијар и шампањско, со бунди од чинчила и помади од газела.
ЦАНЕВСКА: И со убиство на совеста.
ГРЧЕВ: Тоа треба да докажеш. Дека можеш без совест. Да престанат да лаат. Не гледај на
часовникот. Брзаш некаде? Погледни ме. Диши длабоко. Смирена си? Смирена си?
ЦАНЕВСКА: Смирена сум.
ГРЧЕВ: Тој човек е крвник и предавник. Му правиш услуга. Ќе му ја намалиш казната
божја.

18
Чернодрински се враќа дома

(Влегува Аризан, постар господин.)


ГРЧЕВ: Ние за волкот, волкот на врата. Повелете господине Аризан. Одлично изгледате за
ваши години. Запознајте се со госпоѓица Цаневска. Не мора да се претставувате. Ѝ кажав
сè за вас.
ЦАНЕВСКА: Ефектно ве наслика.
(Аризан ѝ бацува рака. Седнува.)
ГРЧЕВ: Што ќе се напиеме? Госпоѓице Цаневска, малку сте ми бледа.
ЦАНЕВСКА: Се менува времето.
ГРЧЕВ: Навистина. Овие нагли промени на нашава клима се неиздржливи. Човек да е
камен ќе попушти. Едвај го виткам показалецов. Потечен е зглобот. Артритис. Го имаше и
татко ми, воопшто не ме чуди, тоа е во крвта. А да е само климата, туку и оваа општа
несигурност. Луѓе се убиваат по улици. Човек се плаши да влезе во меана да се напие
коњак. Коњак за сите? И за вас господине Аризан. Имате некаква сенка на лицето.
АРИЗАН: Вие сте Грчев, прилично самоуверен човек.
ГРЧЕВ: Уште како! Тоа ми ствара непријатели, но човек без непријатели не е човек.
АРИЗАН: Човек со многу непријатели исто така.
ГРЧЕВ: Не се многу. Редовно ги требам. (Се смее. Пауза. Тишина.) Каква непријатна
тишина.
(Аризан лесно се наклонува некому кого не го гледаме. Грчев и Цаневска гледаат во тој
правец.)
АРИЗАН: Чернодрински. Нешто студираше во Берн, додека работев во конзулатот. Одевме
често во театар да ја гледаме Мина Фелдек. Прекрасна артистка.
ГРЧЕВ: Се решивме за коњак?
ЦАНЕВСКА: Не, благодарам.
ГРЧЕВ: Ви трепери гласот, драга. Нешто ве мачи?
ЦАНЕВСКА: Да.
ГРЧЕВ: Што ли ќе е тоа?
ЦАНЕВСКА: Поарно да не знаете.
ГРЧЕВ: Живо ме интересира.
ЦАНЕВСКА: Нема да верувате.

19
Чернодрински се враќа дома

ГРЧЕВ: Ќе се потрудиме.
ЦАНЕВСКА: Ќе убијам.
ГРЧЕВ: Молам?
ЦАНЕВСКА: Ќе извршам убиство.
ГРЧЕВ: Вие?
ЦАНЕВСКА: Јас.
ГРЧЕВ: Вие не можете мравка да згазнете. Ја слушате ли господине Аризан?
АРИЗАН: Мене веќе ништо не може да ме изненади.
ГРЧЕВ: Кого ќе убивате?
ЦАНЕВСКА: Еден крвник и предавник. Му правам услуга. Ќе му ја намалам казната божја.
ГРЧЕВ: И како мислите тоа да го изведете?
ЦАНЕВСКА: Ќе му пукам во тело. Тешко се пука во глава кога некој гледа во тебе.
ГРЧЕВ: Па вие сте веќе сосем подготвена.
ЦАНЕВСКА: Мислите не сум?
(Цаневска станува, вади револвер и пука во Грчев. Тој гледа во неа запрепастено. Се
руши. Цаневска не знае што да прави со пиштолот.)
АРИЗАН: Пиштолот. (Цаневска му го дава пиштолот.) Сега спокојно. Без трчање.
Автомобилот чека.
(Цаневска го фаќа Аризан под рака. Поаѓаат. На излегување Аризан ја вади шапката и
лесно се наклонува во правец на гореспоменатиот познаник кого не го гледаме.)

20
Чернодрински се враќа дома

6. ПАНАЃУР НА ЃУРЃОВДЕН ВО МААЛОТО ЈУЏБУНАР


(Ледина. Панаѓур. Јосиф, Славе и Анастасија маскирани.)
ЈОСИФ: Денес е Ѓурѓовден.
СЛАВЕ: Ден кога земјата се ослободува од зимата.
АНАСТАСИЈА: Кога тревата никнува, шумата се разлистува, а птиците им понесуваат
радосна вест на комитите во планините.
ЈОСИФ: Имаме панаѓур во нашето маало.
СЛАВЕ: Нашето маало се вика Јуџбунар.
АНАСТАСИЈА: Тоа е ново маало и во него живеат бегалци Македонци.
ЈОСИФ: Како што гледате овде е весело. Мечкарите водат мечки...
СЛАВЕ: ... децата лижат шеќерни јаболчиња, тапанџиите и зурлаџиите свират...
АНАСТАСИЈА: ... а политичките агитатори агитираат.
ЈОСИФ: Ние сме потесната фамилија на Чернодрински. Јас сум брат му Јосиф, вулканизер
и авто-механичар.
СЛАВЕ: Јас сум братот Славе, циркуски артист и учител по танц.
АНАСТАСИЈА: Јас сум сестрата Анастасија, домаќинка.
ЈОСИФ: Имавме уште еден брат, Васил, ама тој умре како дете.
СЛАВЕ: Пиесите на нашиот брат Војдан имаат голем успех и ние сме многу горди.
АНАСТАСИЈА: Сакаме на овој начин да му честитаме.
ЈОСИФ: И да го поздравиме од наше име и од името на публиката.
СЛАВЕ: Дојдовме да живееме овде затоа што нашето село Селци, до Дебар, многу го
напаѓаа арнаути качаци и нашите родители веќе не можеа да издржат.
АНАСТАСИЈА: И мајка ми Кита Ноева, еден ден зеде стол и на еден качак му ја расцепи
главата.
ЈОСИФ: Па моравме да бегаме. Војдан тогаш имаше единаесет години.
СЛАВЕ: Таткото наш Георги Славковски беше поп. Војдан како дете му го носеше котлето и
босилекот и торбата со ѓаконии.

21
Чернодрински се враќа дома

АНАСТАСИЈА: Еднаш Војдан цела ноќ плачеше и викаше „Мој дај“ и татко ми и мајка ми го
прашуваа што сака, што е тоа „Мој дај“, а тој само плачеше и викаше „Мој дај“ и до ден
денешен не разбравме што беше тоа.
ЈОСИФ: Сега ќе изведеме по една точка, секој од својата област. Јас ќе демонстрирам
пример на вулканизација на гума.
СЛАВЕ: Јас ќе изведам циркуски вештини.
АНАСТАСИЈА: Јас ќе покажам како најлесно се чисти загорено тенџере. И при тоа ќе пејам.
(Славе изведува циркуска точка, Анастасија чисти загорено тенџере, а Јосиф
вулканизира гума.)
ЈОСИФ: Поимот „вулканизација на гума“ доаѓа од латинскиот збор „вулканус“, а значи
постапка при загревање на гума, каучук и гутаперка, помешани со сумпор, на температура
од 130-140 степени целзиусови. На тој начин овие материи, кои инаку се тврди,
омекнуваат, стануваат еластични и не се раствараат во етер, бензол и терпентин.
(Влегува црнец со труба.)
ЦРНЕЦОТ: Јас сум црнец од Америка. Свирам труба. Немам врска со дејствието. Во чест на
братот на овие луѓе ќе отсвирам еден блуз. (Свири.)

22
Чернодрински се враќа дома

7. ПОДЕЛБА НА УЛОГИ НА ПИЕСАТА „ЦАР СИМЕОН“


(Канцеларија на помпезниот директор на театарот Славејков. Влегува малиот и
неугледен артист Ицо.)
ИЦО: Господине директоре.
СЛАВЕЈКОВ: Како влегуваш вака?
ИЦО: Чекам два часа.
СЛАВЕЈКОВ: Ќе чекаш уште два дена, уште две недели. Во овој театар или ќе има ред или
нема да го има. Ти си од отпуштените?
ИЦО: Да.
СЛАВЕЈКОВ: Тоа е готова работа!
ИЦО: Нема ли начин?
СЛАВЕЈКОВ: Нема. Нема милост за никого. (Чита список.) Цонка Василева, 19 години од
Дупница, наклоност неустановена. Пантелеј Картелов од Охрид, години 21, улоги стари,
типични и други. Фанија Крстова од Прилеп, на години 24, улоги со интриги и други. Кире
Ниќифоров од Крушево, години 22, улоги љубовни и турски. Пере Атанасов од Демир
Хисар, на 26 години, играл ретко па е неустановено. Славе Козарков од Казанлак, на
години 28, комични и историски улоги. Војдан Чернодрински од Дебар и Марија
Чернодринска, жена му, улоги секакви. Сите летаат задно со тебе.
ИЦО: (Му дава писмо.)
СЛАВЕЈКОВ: (Го погледнува писмото.) Знаеш што. Однеси им го ова на тие што го
напишале и кажи им да си го стават на едно место. Јас не сум дете и не се плашам од
вакви закани и уцени. Таа ваша тајна организација нека си најде други кандидати за
играње дрндупка.
(Влегуваат двајца опасни типови со долги палта и шапки. Спокојно седнуваат во
фотелјите, ги ставаат шапките на колена.)
СЛАВЕЈКОВ: Како влегувате вака? (Пауза.) Ве најави некој? (Пауза.) Што ви треба? (Пауза.)
Кои сте вие? (Долга пауза и тишина.)
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Како си Ице?
ИЦО: Добро, фала богу.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Со здравјето?
ИЦО: Арно, шуќур.

23
Чернодрински се враќа дома

НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Дома?


ИЦО: Сполај му на Господ.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Треба нешто?
ИЦО: Ништо, жими мајка.
(Пауза. Непријатна тишина.)
СЛАВЕЈКОВ: Господа, театаров е во тешка материјална криза.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Ве праша некој нешто?
СЛАВЕЈКОВ: (Пауза. Тишина.) Тој список не е конечен. Тоа е само предлог. (Пауза.) Што
можам да сторам за вас? (Пауза. Тишина.) Сакате кафе?
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Што подготвувате во театаров оваа сезона господине
Славејков?
СЛАВЕЈКОВ: „Цар Симеон“.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Кој ќе ви го игра царот?
СЛАВЕЈКОВ: Предвидено е господин Бачев. (Тешка тишина.) Така бара режисерот.
(Тешка тишина.) Премногу барате господа. (Тешка тишина.) Ќе видам што може да се
стори.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Друго да играш Ице?
СЛАВЕЈКОВ: Господа, тоа не е прашање на мојата добра волја. Господин Ицо не одговара
по конституција за таа улога. Ситен е. Тоест не е доволно крупен. Да е до мене јас би му
дал да игра. Но тука е публиката. Тука е критиката.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Дали е Ице добро актерче?
СЛАВЕЈКОВ: Се разбира.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Тогаш зошто го исфрлате од работа?
СЛАВЕЈКОВ: Господа, јас никого не исфрлам од работа. Тоа е само еден начелен предлог.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Кога не знаете за Ице, што е Ице, од каде знаете дали царот
Симеон бил висок?
СЛАВЕЈКОВ: Но тоа е историски факт.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: (Му дава знак на советникот.)
СОВЕТНИКОТ: Во деветтата глава на „Поетиката“ Аристотел зборувајќи за разликата
меѓу историјата и поезијата пишува, цитирам: „Работата на поетот не е да кажува што се

24
Чернодрински се враќа дома

случило, ами како нешто можело да се случи и она што е можно според веројатноста
или нужноста“. Затворен цитат. Нешто подолу продолжува, цитирам: „Затоа поезијата е
подлабока и поважна од историјата, зашто поезијата го кажува она што е општо, а
историјата она што е посебно“. Затворен цитат.
СЛАВЕЈКОВ: (На советникот.) Кој сте вие?
СОВЕТНИКОТ: Советник за драматургшки прашања.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: (Стануваат.) Ни кафе не давате.
СЛАВЕЈКОВ: Јас ве понудив, вие не сакавте.
НЕПОЗНАТИОТ ГОСПОДИН: Сè се памети. Ице поздрави дома. (Излегуваат.)
СЛАВЕЈКОВ: Ги понудив кафе. Вие сте ми сведок дека ги понудив кафе. Нели ги понудив
кафе?
ИЦО: Кога почнуваат пробите?
СЛАВЕЈКОВ: Господине Ицо, кажете ве молам дали ги понудив со кафе?
ИЦО: Не тревожете се, господине Славејков? За сè можеме да се договориме.

25
Чернодрински се враќа дома

8. СРЕШТА
(Кулиси на карпи, густа шума и изворче покрај езеро. Излегува младата хероина Неда.)
НЕДА: Љубезни дами и господа, почитувана публико, само за вас, овде и сега, за прв и
последен пат, сосем ненајавено, но затоа не без полет, патувачката дружина „Скрб и
утеха“ на В. Чернодрински ќе изведе јавна репетиција на една непозната верзија на
оперетката „Срешта“, едноактна сцена во стихови, на простонароден македонски говор,
од борбите за политичко ослободување од турското ропство. Однапред сме длабоко
благодарни за вашето внимание и аплауз, кои темата веќе сама по себе обилно ги
заслужува, а чии трошки, ние, скромните театарски вљубеници, сесрдно ќе се потрудиме
да ги спечалиме.
(Се поклонува. Пауза. Влегува во улогата. Си го мие лицето, полни стомни, гледа кон
исток. Текстот натаму се пее и говори.)
НЕДА: С’лнце мило, светло божјо око, Ката утро, с’лнце, си весело, Ката вечер, море
насмеано – Цел свет вртиш, с’лнце не се уморјаваш, А ја, кутра, дејди, ја сирота Дење,
ноќе, с’лнце сè си плачам Сè си плачам, с’лнце, сè си тажам По моето мило прво либе.
Прво либе навигатор Цветко. Шест месеци д’лги абер немам Али е жив, с’лнце, али е
загинал! Кажи с’лнце, светло божјо окце Каде ми е мојто прво либе?
(Цветко се спушта со мал аероплан. Носи авијатичарска капа со наочари. Таа не го
здогледува.)
ЦВЕТКО: Не жали, мори прво либе Брго, Недо, мори, ќе го видиш.
НЕДА: Кој ли ќе е, варај, ја да видам ја да видам, варај ја да бегам!
ЦВЕТКО: (Преправен.) Добро утро, мори лично моме!
НЕДА: Дал бог добро, море јабанџиче!
ЦВЕТКО: Што си рано, моме, подранила! Надалеко, мори, за водица, Чешма нема негде
во селото?
НЕДА: Имат, имат, брато, как да немат. Ама Турци море ј омрсиа. Омрсиа, братко, окрвиа.
С крв детинска, мори оросиа.
(Сака да си замине со стомните.)
ЦВЕТКО: Каде одиш, мори, бела Недо? Седни да ме мори разговориш!
НЕДА: Дејди лудо, море јабанџиче, Со што ќе те лудо разговорам?

26
Чернодрински се враќа дома

ЦВЕТКО: Имаш со што, мори, бела Недо, Со твоето бело бисер лице, Со твоите, Недо, црни
очи, Со твоите калем, чатма вежби Со твоето, Недо, рудо грло, Со твојата, моме, блага
уста.
НЕДА: Дејди лудо, море, полудело, Ја си имам, море, прво либе, Ак те чует, лудо, тешко
тебе!
ЦВЕТКО: (Приближувајќи се.) Ај ти Недо, море, калеш Недо, Да си видиш мори, прво либе,
Дали би го, мори, ти познала?
НЕДА: Што зборуваш мори јабанџиче, мојот либе море си познавам. На лакатот, то си
нишан имат.
ЦВЕТКО: (Покажувајќи го нишанот на раката.) Ај ти Недо мори, прво либе, Гледај овде,
мори, овој нишан И познај си твојто прво либе. Твојот м’чен навигатор Цветко!
НЕДА: Ах, познах те, Цветко, ах познах те! Ти си мојто... мило прво либе, Ти си мојот јунак
личен Цветко. Мојта радост, мојта блага душа.
(Се прегрнуваат. Доаѓаат до авионот. Летнуваат врз езерската шир.)
ДВАЈЦАТА: Три години двама разделени, Еден од друг либе на далеко, А сега сме либе,
пак заедно, Един други страсно прегрнати! Мило либе, варај, сладка љубов Смртта саде
веќе да ни дели!!
ЦВЕТКО: Какво ли е, либе, това тамо?!
НЕДА: Турци... идат, идат и навамо!
ЦВЕТКО: Потера е, либе, по нас идат!
НЕДА: Да бегаме, ајде да бегаме!
ЦВЕТКО: Што зборуваш Недо либе мое? Турци барам, либе, да се бијам, А не од ним,
мори да се кријам!
НЕДА: Ама идат право овде Тебе златна душо ќе те фатат!
ЦВЕТКО: Ако идат, нека нека дојдат „Добре дошли“ ние ќе им речем, Живи дошле, ала
мртви пошле! Имај срце, Недо не плаши се.
(Од спротивната страна, во авион едносед, се појавува Џафер ага. Пред себе држи
митралез.)
ЏАФЕР АГА: Ах проклета мори ти ѓаурке Ти комитска мори посестримо, ќе те права валај
на парчета.
НЕДА: Џафер Ага!

27
Чернодрински се враќа дома

ЦВЕТКО: Ај ти Недо, мори калеш Недо, Ти Цветково верно прво либе, Ја застој се, Недо,
понастрана! Држ се аго, мрсно куче Со дружина море парталова.
(Почнува жестока воздушна борба врз езерото. Авионот на Џафер ага е погоден. Се
руши.)
ЏАФЕР: Алах.. Ал.. ах, ах, Алах Муамеда, Ѓаурите веќе глај кренаа, М’жи, жени, деца се
комити!
ЦВЕТКО и НЕДА: Ај поганци вие мрсни псета Македонци веќе глај кренаа За да срушат
вашто гнило царство.
(Пауза. Дејствието прекинува. Сите се загледуваат на страна во мракот. Пауза.)
ЏАФЕР АГА: Некој нè гледа. (Пауза.)
НЕДА: Еј ти? (Пауза.)
ЦВЕТКО: Јави се! (Пауза.)
ЏАФЕР АГА: Кој е?
НЕДА: Мораме да прекинеме!
ЦВЕТКО: Кој има таму?
(Гледаат напнато во мракот.)

28
Чернодрински се враќа дома

9. НЕНАДЕЈНА ПОСЕТА НА СУБОТИЦА


(Соба од мал стан. Во аголот седи стара жена. Каталин, унгарска еврејка,
четириесетгодишна, нервозно чека. Ѕвонење на вратата. Каталин отвора. Таму стои
Александар, ќелав четириесетгодишен човек со стомаче.)
АЛЕКСАНДАР: Каталин.
КАТАЛИН: Александар.
(Александар влегува. Се гледаат.)
КАТАЛИН: Лесно ме најде?
АЛЕКСАНДАР: Да.
КАТАЛИН: Седни.
АЛЕКСАНДАР: (Седнува. Гледа во старата жена. Пауза.) Така ми е чудно. Поминаа
дваесет години.
КАТАЛИН: Ако не и повеќе.
АЛЕКСАНДАР: Ако не и повеќе.
КАТАЛИН: Сакаш нешто да се напиеш?
АЛЕКСАНДАР: Знам дека немаш време. Како си?
КАТАЛИН: А ти?
АЛЕКСАНДАР: Ете. Случајно во Суботица. Службен пат. Сега сум трговски патник. Имам
мала фирма. Експорт-импорт. Мора од нешто да се живее. Бев во просвета со години.
Нема пари таму. Сега ми тргна малку, ама уште е тоа далеку од стабилно. Работам 24 часа
дневно, седум дена неделно. (Пауза.) Толку ми е мило. Имаш фамилија?
КАТАЛИН: Да.
АЛЕКСАНДАР: Деца?
КАТАЛИН: Три.
АЛЕКСАНДАР: Да се живи и здрави. Јас две. Два сина.
КАТАЛИН: Три ќерки. (Пауза.) Прости што не можев да те примам дома. Мажот ми не би
разбрал. Ова е стан на една моја пријателка. Ова е мајка ѝ.

29
Чернодрински се враќа дома

АЛЕКСАНДАР: Се надевав ќе можеме да излеземе на ручек.


КАТАЛИН: Комплицирано е. Ова е мал град.
АЛЕКСАНДАР: Тогаш ќе патувам веднаш назад. Со кола сум. (Пауза.) Се мислам дека тие
се уште во Дубровник.
КАТАЛИН: Кои?
АЛЕКСАНДАР: Тие. Од пред дваесет години. Каталин и Александар.
КАТАЛИН: Александар и Каталин. Јадат зубатац и пијат прошек.
АЛЕКСАНДАР: А прошек не оди со риба. (Се смејат. Пауза.)
КАТАЛИН: Мирисаат на кипарис. Се капат голи на полна месечина. (Пауза.)
АЛЕКСАНДАР: Ја изгубив косата, но затоа добив стомак. (Пауза.) Што стана со книгата што
ти ја дадов?
КАТАЛИН: Книгата?
АЛЕКСАНДАР: Драми на Чернодрински. Вети дека ќе научиш македонски и ќе ги
преведеш на унгарски.
КАТАЛИН: Не се сеќавам.
АЛЕКСАНДАР: (Пауза. Тишина.) Толку ми е мило што те гледам. Лани се селев. Ги најдов
твоите писма. И сега реков, минувам низ Суботица, морам да телефонирам. Се јавија
некои луѓе, рекоа сменет е бројот. Не знаев дали си уште тука.
КАТАЛИН: Каде ќе бидам?
АЛЕКСАНДАР: Можеби не требаше да се јавувам. (Пауза. Тишина. Александар гледа во
старата жена.) Добро. Сега полека би тргнал. Ме чека долг пат. (Пауза.) Ако те наведе
патот на југ...
(Се поздравуваат. Се прегрнуваат кусо и цврсто. Александар брзо излегува. Пауза.
Каталин седнува. Гледа пред себе. Старата донесува пред неа книга и многу испишана
хартија.)
СТАРАТА: (На унгарски.) Чернодрински. „Македонска крвава свадба“. Зошто не му го даде
преводот. (Пауза.) Тој беше?
КАТАЛИН: Не.
СТАРАТА: Не требаше да го пуштиш. По толку чекање, требаше да го привиеш на срце.
(Чита од книгата на унгарски.)
КАТАЛИН: Престани. (Пауза.) Те молам. (Пауза.) Мамо.

30
Чернодрински се враќа дома

(Ѕвони ѕвончето. Каталин отвора. На вратата стои Александар.)


АЛЕКСАНДАР: Не дојдов во Суботица на службен пат туку да те видам тебе.
КАТАЛИН: Ова не е стан на пријателката, туку мој. Ова не е мајка ѝ туку мајка ми.
АЛЕКСАНДАР: Не сум оженет и немам два сина.
КАТАЛИН: Не сум мажена и немам три ќерки.
АЛЕКСАНДАР: Нешто сакам да те прашам.
КАТАЛИН: А јас велам „да“.
(Александар вади прстен. Го става на прстот на Каталин. Се гушнуваат.)
СТАРАТА: Пропуштивте толку години. Долгото чекање ве има истоштено. Сега ќе морате
побрзо да се сакате од обичните луѓе.

31
Чернодрински се враќа дома

10. ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ВО РАНИТЕ УТРИНСКИ ЧАСОВИ ПО СВАДБАТА


(Градска улица, зима, 1902. Ноќ. Тројца музиканти свират. Напред одат кумот,
меанџијата, кумата и професорот по музика, во пиџами нагрнат со палто. Кумот пее
дел на народна песна со извивање.)
МЕАНЏИЈАТА: Господа!
КУМОТ: (На кумата.) Прости ми уште овој пат душо моја.
КУМАТА: Не сакам веќе да простувам. Не можам веќе да простувам. Немам веќе снага за
простување. Мојата љубов се стопи како ланскиот снег.
МЕАНЏИЈАТА: Господа, ве молам.
КУМОТ: Не консумирам веќе, да умрам ако се напијам до крајот на турнејата.
КУМАТА: Така рече во Свети Врач, па се опи, така рече во Неврокоп, па се опи, така рече
во Симитли па се опи, така рече во Брежани, Разлог и Банско па се опи. Така ќе речеш и во
Мелник, Доспат и Ковачевица, и во Јакоруда и Горна Џумаја.
КУМОТ: (Кумот пее.) А ова професоре? Ова што е?
ПРОФЕСОРОТ: Тоа е трилер. Каденца. Музички украс составен од брза алтернација на
одредена височина со дијатонична секунда врз него. Има густа фреквенција во нашите
песни.
КУМОТ: Значи, мајката, науката за сè смислила име.
МЕАНЏИЈАТА: Ве молам господа, не можам веќе, го изодевме цел град. Ќе зазори.
КУМОТ: Многу си здодевен бре братче. Што сакаш?
МЕАНЏИЈАТА: Да платите за свадбата.
КУМОТ: Може. Ама уште еднаш да ни кажеш зошто јас ја имам таа чест да плаќам?
МЕАНЏИЈАТА: Затоа што вие сте кумот.
КУМОТ: Така е. Ај да чуеме уште еднаш како ми падна честа јас да сум кумот?
МЕАНЏИЈАТА: Младоженецот Чернодрински вас најмногу ве сака и ве почитува. И во вас
има најмногу доверба. Тој ви рекол вам: Куме, сета грижа за свадбата ти ја оставам тебе.
А вие сте му рекле нему: Кумче, ич гајле да немаш за таа работа.
КУМОТ: Добро е. Сè си научил. Свири.

32
Чернодрински се враќа дома

(Музикантите свират.)
МЕАНЏИЈАТА: Ве молам престанете. Дајте да се пресметаме.
КУМОТ: Ти се сомневаш дека ќе платам?
МЕАНЏИЈАТА: Не, господине. Сто пати ви велам. Сакам да си одам дома на спиење, имам
фамилија.
КУМОТ: Па оди бре брат. И утре е ден.
МЕАНЏИЈАТА: Каде да ве најдам утре?
КУМОТ: Ние ќе те најдеме тебе.
МЕАНЏИЈАТА: Вие сте на турнеја. Македонска Драматическа Дружина: Скрб и Утеха. Утре
изутрина патувате.
КУМОТ: (Пауза.) Знаеш дека си во право. Читај ја сметката.
МЕАНЏИЈАТА: (Брзо ја вади сметката.)
КУМОТ: Ти се тресат рацете.
МЕАНЏИЈАТА: Третпат почнувам. Не сакате да ме дослушате.
КУМОТ: Многу здодевно читаш бре брате. Читај малку поинтересно.
МЕАНЏИЈАТА: Четири печени јагниња. Педесет оки вино. Седум балончиња ракија.
Салати. Леб.
КУМОТ: Не е добро. Внеси се малку во текстот. Четири печени јагниња. Камо
интонација? Камо логичен акцент. Е арно. И колку пари е тоа?
МЕАНЏИЈАТА: Сто седумдесет лева.
КУМОТ: Колку?
МЕАНЏИЈАТА: Сто и седумдесет лева.
КУМОТ: Многу бе, брат. (На музикантите.) Свири.
МЕАНЏИЈАТА: Вие сте обичен пијаница.
КУМАТА: Кој е пијаница? Сфаќате ли вие колку му е нему тешко да излезе пред публиката
како негативна личност? Зјае во него таа ламја со илјади очи и сака да го раскине. Го
гледаат како мрсен поробувач и непријател на народните права, а во него гори
патриотизам. Срцето бара едно, професијата бара друго, а сето тоа бара ракија. Кое е
неговото вистинско јас? Алкохолот му кажува. Барем јас го разбирам.

33
Чернодрински се враќа дома

КУМОТ: Верна сопатничке моја. Ти која ме држиш нежно во дланка. Не дозволувај да


паднам.
(Музикантите свират. Доаѓа моментот на езгија.)
КУМОТ: А ова професоре што е?
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА: Езгија. Импровизација со модулација. Промена на клучот.
Имаме три вида модулации. Дијатонична, хроматска и енхармонска...
КУМОТ: А зошто мене толку ми се допаѓа?
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА: Науката е немоќна пред тој феномен.
КУМОТ: Тоа сакав да чујам. (Му дава купче пари.) Доволно е?
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА: Ова се три мои плати.
КУМОТ: Не се лутите што ве разбудивме на полноќ?
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА: Слободно пак да ме разбудите.
КУМОТ: Господа, време е да се намират сметките со господинот меанџија. Му должиме
сто и седумдесет лева. Ред е да му дадеме триесет лева бакшиш. (На меанџијата.)
Имате посебна желба или може нешто од нашиот редовен репертоар.
МЕАНЏИЈАТА: Што е сега?
КУМОТ: Претстава!
МЕАНЏИЈАТА: Каква претстава?
КУМОТ: За 200 лева.
МЕАНЏИЈАТА: Ќе викнам полиција. Ќе ве дадам на суд. (Седнува очајно во еден агол.)
КУМОТ: Шилер! (Музиката свири туш. Кумот говори монолог од „Разбојници“ на
Шилер. Музиката драматично илустрира. Кумата пее тажна песна.) „Мојата
невиност! Мојата невиност! Гледајте. Сè е излезено надвор да се сонча во мир на
пролетното сонце, а само јас чувствувам маки во небесните радости! Сè е така среќно.
Сите се така братски спокојно прегрнати. Целиот свет е едно семејство, со еден татко
таму горе – но тоа не е мој татко. Само јас сум отфрлен од редовите на чистата душа,
никогаш нема да ме сретне поглед на саканата – никогаш нема да ме дочека
пријателска прегратка. (Се тргнува жестоко.) Опколен сум со убијци, опкружен со змии
отровници, закован со железните окови на порокот, се тетеравам кон гробот на
пропаста – среде цвеќињата од среќниот свет, јас сум Абадона кој тажно завива.“
МЕАНЏИЈАТА: (Почнува да плаче. Кумот го гледа зачудено.) Ме погодивте во срце. Каков
текст! Каква порака! А и мојата омилена песна! (Плаче.) Немојте. Доста. Не можам веќе.

34
Чернодрински се враќа дома

(Меанџијата вади пари. Ѝ ги става на кумата во градите.)


КУМАТА: (Му ги враќа парите.) Ние вас ве исплаќаме господине. Освен тоа ние сме
уметници.
МЕАНЏИЈАТА: Преплативте господа. Освен тоа ова ви е за уметноста.
КУМАТА: (Ги враќа парите во гради.)
МЕАНЏИЈАТА: Браќа, смеам ли од сè срце да ве поканам во мојата скромна меана на уште
по една пијачка и кафе.
КУМОТ: А не, да не претеруваме. Многу ве задржавме. Си имате фамилија.
МЕАНЏИЈАТА: Ве молам господа, не одбивајте ме во овој свечен час во мојот живот.
КУМОТ: Цел живот глумам, ама до вечерва не ја знаев моќта на божицата Талија.
МЕАНЏИЈАТА: Утре е Свети Трипун, денот на пијаниците, да појдеме заедно да го
искроиме лозјето. Ќе откопам билнак дваесгодишна ракија што само јас знам каде е
закопана.
ПРОФЕСОРОТ ПО МУЗИКА: Имам улкус на дванаестпалачно, но нема да ве одбијам.
МЕАНЏИЈАТА: Да одиме да ја собереме сета дружина. И младоженецот со младата.
КУМОТ: Доаѓаме по тебе, Чернодрински! Доаѓаме по вас браќа и пријатели, трагични
карактери, драмски ликови, комични типови и карактерни статисти. А вие добри
граѓани што спиете со мирен сон, сонувајте нè нас кои сонуваме на јаве! Нас во чии срца
гори копнеж по светот што допрва ќе дојде!

35
Чернодрински се враќа дома

11. СЛУЧАЈОТ БЕЛОДРИНСКИ


(Планинска колиба. Двајца господари во долги антерии, смртно сериозни и нивниот
човек за врска.)
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Доцни.
ВРСКАТА: Ќе дојде.
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Не сакам непрецизности.
ИНКОГНИТО ДВА: Ни јас.
ВРСКАТА: Без грижа. Свесен е за строгата конспиративност. (Пауза. Тишина.)
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Псст! (Наслушнуваат. Сите вадат револвери. Пауза. Ги враќаат
револверите.) Повтори ја задачата.
ИНКОГНИТО ДВА: Тоа и јас сакав да кажам.
ВРСКАТА: Имам огрев и храна за три недели. Хартија и мастило. На Чернодрински му
давам аванс. Му ги предавам материјалите по кои треба да напише драма. Живееме
заедно. Тој пишува. Јас ја надгледувам работата и ги редактирам готовите сцени.
ИНКОГНИТО ДВА: Го сфаќа ли тој политичкиот значај?
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Ќе умее ли да ги долови нијансите? Да нè претстави како победници?
ИНКОГНИТО ДВА: Иако...
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Како паметни?
ИНКОГНИТО ДВА: Иако знаеме...
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Како храбри?
ИНКОГНИТО ДВА: Иако знаеме дека...
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Може ли нешто да кажам без дофрлувања?
ИНКОГНИТО ДВА: А јас?
ВРСКАТА: Тој знае која е целта на неговиот занает и уметноста воопшто. Народот ќе ја
гледа својата трагедија, ќе плаче и ќе ги слави вашите заслуги.

36
Чернодрински се враќа дома

ИНКОГНИТО ЕДЕН: Дали е тој достоен за вака сериозна задача?


ИНКОГНИТО ДВА: Вака смртно сериозна задача?
ВРСКАТА: Тој е чесен човек и домаќин, татко на три деца. Редовно ни плаќа данок од сите
приходи. Има увид во токовите на историјата, симпатизер е на нашето дело, дискретен и
достоинствен.
(Се слушаат чекори. Сите тројца вадат револвери. Влегува еден човек, изразито
феминизиран.)
БЕЛОДРИНСКИ: Ух, пиштоли?
ВРСКАТА: Кој сте вие?
БЕЛОДРИНСКИ: Добровечер.
ВРСКАТА: Што барате овде?
БЕЛОДРИНСКИ: Се јавувам на вашата покана.
ВРСКАТА: Ова е некаква забуна.
БЕЛОДРИНСКИ: Забуна јасно! Ах, колку сите ние уживаме во забуни. Забуните го прават
нашиот живот возбудлив. Замислете живот без забуни – каква пустош.
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Вие сте писателот?
БЕЛОДРИНСКИ: Писателот, да. Не ви личам на писател? За мене драмата не е мака, солзи
и пот. За мене таа е лесна игра на духот. Варијација на воздушести теми. Крик на среќа.
ВРСКАТА: Господа, ова е недоразбирање.
ИНКОГНИТО ЕДЕН: Што ќе напишете вие за нас?
БЕЛОДРИНСКИ: По договор, господа. По договор. Нешто мрсничко. Пикантно. Љубовна
сплетка. Лажно претставување. Таа мисли дека тој е чесен, храбар и паметен, а тој
излегува пачавра, педер и лајно.
ВРСКАТА: Вие сте Чернодрински?
БЕЛОДРИНСКИ: (Почнува да плаче.) Ох не, не и не!
ВРСКАТА: Што ви е?
БЕЛОДРИНСКИ: Тоа име! Постојано тоа име! Ова станува неподносливо. Немам никаква
порачка три месеци. Треба да платам кирија, огрев, долна облека. Знаете колку пари е
свилата? Не ми го споменувајте тоа име. Каде и да се свртам ме мешаат со
конкуренцијата. Чернодрински е по трагични теми, јас сум за комедии. Јас сум
Белодрински.

37
Чернодрински се враќа дома

ИНКОГНИТО ЕДЕН и ИНКОГНИТО ДВА: (Ги вперуваат револверите во врската.)


ВРСКАТА: Господа, сè можам да објаснам. (Пауза.) Господа, ништо не можам да објаснам.

12. СУРЕАЛИСТИЧКО-ДАДАИСТИЧКИ ЛИТЕРАТУРЕН КРУЖОК


(Париз, 1920. Ресторан со стаклени ѕидови на врвот на Ајфеловата кула. Тристан Цара
и младата мома Македонка Руса го чекаат Андре Бретон на заседание на
литературниот кружок на суреалисти и дадаисти. Цара пие шампањско. Руса е
секретарка и записничар, облечена во машки костум.)
ЦАРА: Погледнете го Париз од врвот на Ајфеловата кула, драга госпоѓица Руса,
балканска девице моја.
РУСА: Господине Цара, ако уште еднаш ме потсетите на која височина се наоѓаме ќе ве
клоцнам меѓу нозе. Знаете дека имам тешки вртоглавици.
ЦАРА: Дозволете да уживам во вашата несреќа.
РУСА: Како може толку да ве весели страшната бесмисла на животот?
ЦАРА: Јас сум промашен поет. Литературниот кружок само што не почнал, Бретон само
што не стасал, а јас немам ништо напишано, ништо смислено. Празен сум како аван. Тој
ќе донесе десет нови песни. Тој е подобар поет од мене.
РУСА: Не е.
ЦАРА: Јас ве плаќам да ме убедувате дека не е? Иако знаете дека е.
РУСА: Јас сум кутра провинцијалка изгубена во градот на светлоста. Доста локате. Ако
имате нешто за диктирање, повелете, ако не ослободете ме.
ЦАРА: Пишувајте. (Пауза. Творечки грч без резултат.) Помогнете ми госпоѓице Руса. Не
можам да творам. Дајте ми збор.
РУСА: Оџа.
ЦАРА: Еднаш ми го дадовте тој збор. Го ставив во песна: „Хипертрофичните сликари
хиперестетизирани и хипнотизирани од хијацинтите на оџите со хипокритски изглед.“
РУСА: Се сеќавам како низ магла.
ЦАРА: Дајте ми збор што го немам чуено. Ми треба инспирација. Дајте да ве гризнам за
уво?
РУСА: Вчера ви дадов.
ЦАРА: Дајте пак?
РУСА: Дајте пари! Колку месеци не сте ми дале плата?

38
Чернодрински се враќа дома

ЦАРА: Збор, Руса, збор!


РУСА: (Вади лист хартија од чантата. Му го подава.)
ЦАРА: (Чита.) „Тумба, тумба Татара јавни коња златара, та појди си Вегле Вегле копје
кревае Сам бег седеше Самовила пишвеше со орлоо перце пауноо крилце. Втори ми
беше Алексо со седум рани на чело и оште пушка на дават дури си има патрони.“
(Пауза.) Чие е ова?
РУСА: Мое.
ЦАРА: Ова е генијално.
РУСА: Благодарам.
ЦАРА: Сосем бесмислено. Срж на мојата мисла. Дајте ми ја на заем. Продајте ми ја. 100
франка. Реков 100? Мислев 150. Бретон ќе позелени од завист. „Тумба, тумба Татара
јавни коња златара, та појди си Вегле Вегле копје кревае Сам бег седеше Самовила
пишвеше...“
(Влегува Бретон.)
БРЕТОН: Веќе почнавте?
ЦАРА: Ве чекаме со нетрпение.
БРЕТОН: Се отрезнивте дадаисто Цара? Ве оставив синоќа под мостот кај Нотр Дам
трештен. Вашиот џигер е посилен од вашите поетски сочиненија.
ЦАРА: Носам длабок спокој во творечката утроба, суреалисто Бретон. Во првиот
мамурлук напишав биљур песна. Сиров дијамант.
БРЕТОН: Човек да види, да не верува. Да чуеме.
ЦАРА: Само после вас.
БРЕТОН: (Вади лист хартија од џебот.) Набележав грст нови стихови, произлезени, на
некој начин, од космополитскиот дух на градов Париз, Франција, во кој, како што е
познато, сум роден. Не знам колку ќе ви бидат блиски вам Цара, кој, како што е познато,
доаѓате од, Моинешти, Романија и вам госпоѓице Руса која, како што не е познато,
доаѓате... од каде што веќе доаѓате. (Чита.) „Тумба, тумба Татара јавни коња златара, та
појди си Вегле Вегле копје кревае Сам бег седеше Самовила пишвеше со орлоо перце
пауноо крилце. Втори ми беше Алексо со седум рани на чело и оште пушка на дават дури
си има патрони.“
ЦАРА: (Му ја покажува песната на Бретон.) Плагијат.

39
Чернодрински се враќа дома

РУСА: (На Бретон кој огорчено гледа во неа.) Сте ја препишале песната од ова писмо што
стаса утринава. (Вади голем плик.) Видов дека доаѓа од мојот крај и го отворив. Не издржа
срце јуначко, иако женско. Играм и јас своја игра.
ЦАРА: Какво писмо?
РУСА: Еден мој сонародник моли да го печатите во вашиот часопис.
ЦАРА: Како се вика?
РУСА: Чернодрински.
ЦАРА: Какво име! Сите имаат подобри имиња од мене. Што испратил?
РУСА: Драма.
ЦАРА: Не може! Не објавуваме драми. Мразиме драми.
(Го фрла текстот низ прозорец.)
РУСА: Ох, боже мој.
(Руса трча по текстот. Доаѓа до прозорецот. Гледа во длабочината. Губи рамнотежа.
Паѓа од врвот на Ајфеловата кула. Цара и Бретон притрчуваат до прозорецот.
Гледаат удолу.)
БРЕТОН: Руса!
ЦАРА: Пријателке.
БРЕТОН: Неверојатно!
ЦАРА: Го фати текстот во лет.
БРЕТОН: Престана да паѓа.
ЦАРА: Лебди во воздух.
БРЕТОН: Се крева угоре.
ЦАРА: Погоре.
БРЕТОН: Уште погоре.
ЦАРА: Се губи во височините.
БРЕТОН: Ова вие ставете го во песна.
ЦАРА: Чуда се случуваат околу нас, а ние не ги забележуваме.
БРЕТОН: Збогум Руса. Носете му поздрави на непознатиот поет!

40
Чернодрински се враќа дома

ЦАРА: Таму од каде што доаѓате. Таму каде што одите.

13. ПИКНИК ВО НАПУШТЕНОТО СЕЛО СЕЛЦИ, ДЕБАРСКО


(Напуштено село со урнати куќи. Паркирано моторче. Жан и Елица седат врз
урнатините. Полуградски облечени. Јадат.)
ЕЛИЦА: Жан! (Гледа во ножот.) Гледај! (Жан гледа во неа.) Ножов е тежок како ѓуле.
Нешто го влече надолу. (Жан проба. Ниша со глава.) Што може тоа да биде?
ЖАН: Магнетизација. (Пауза. Елизабета гледа во него.) Под земјата има железна руда.
Паѓа дожд. Се ствара магнетизација. Природна појава. (Завршил со јадење. Пуши.)
ЕЛИЦА: Не си расположен. (Пауза.) Ти не ми веруваш. (Пауза.) Дека си ми втор. (Пауза.)
Уште малку ајвар? (Клима со глава одречно.) Добар беше? (Жан клима со глава
позитивно.) Сама го правев.
ЖАН: Заборави го минатиот живот, Елизабета. Мајка, татко, другарки, чеиз и ајвар. Сега
одиме во џунглата на градовите. Ти автоматски стануваш друга личност. Естрадата станува
твое второ јас.
ЕЛИЦА: Естрадата е за мене, но дали сум јас за естрадата?
ЖАН: (Го покажува носот.) Кога одбирам некого за лансирање, тоа е одбрано. Крсти го
тоа трето око, интуиција, телекинеза или популарно речено нос, сеедно е. Немам време
за грешки.
ЕЛИЦА: Не знам да пејам.
ЖАН: Тоа не е спорно и тоа не е проблем.
ЕЛИЦА: Што ќе правам ако не пејам?
ЖАН: Постои широка лепеза на можности.
ЕЛИЦА: Да не мислиш на... (Жан гледа во неа.) ... оние работи... (Жан гледа во неа.)
ЖАН: Фала ти, Елице. Фала ти многу. Ти личам на сводник? Ако на тоа ти личам, да се
разделиме веднаш, овде и сега. Да не го арчиме времето џабе. Да играме со отворени
карти.
ЕЛИЦА: Не мислев ништо лошо. Сакав да кажам ако мора и тоа, мора. Каде магарето, таму
самарот.

41
Чернодрински се враќа дома

ЖАН: Ми импонира твоето чувство за реализам.


ЕЛИЦА: А сепак во долгите ноќни часови ќе ми недостасува жуборот на селскиот поток,
мирисот на липите во селската пролет, веселата селска игра на селските јагниња по
селските ливади.
ЖАН: Помисли дека еден ден ќе се вратиш во селото со мерцедес и ќе изградиш болница
за физиотерапевтика. Таа надеж нека те одржува во живот.
ЕЛИЦА: Како ти знаеш да ме исполниш со животна ведрина.
ЖАН: А ти мене? А ти него? А ти нив?
ЕЛИЦА: (Прво скромно, а потоа се посмело демонстрира репертоар на заводнички
техники. Жан критички ја проценува. Влегува еден небричен сомнителен тип во фрак.
Носи виолинска футрола. Гледа во Елица. Таа гледа во него.)
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Не се мести курво, нема мене да ме заведеш, времињата се тешки,
одговорноста голема, јас сум на стража, кои сте вие?
ЖАН: Каква стража?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Одговарај, не прашувај, лични карти, каде одите?
ЖАН: Во град. Сопревме малку да си починеме.
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Овде, токму овде одбравте да си починете? Случајно нели, ете така
се случи, и сакате да ви верувам, па не сме толку наивни мајката, па не сме деца, ова
некогаш беше село Селци, сега е запуштено, вие седите на темелите на куќа. (Пауза. Тие
гледаат каде седат.) Тука е роден Чернодрински. (Жан и Елизабета го гледаат бело.)
Не знаевте, нели? Првпат слушате, јас сум дипломиран виолинист, нема работа,
невработен виолинист – жив ѓавол, не попусто ме викаат Паганини со дванаесет ножа
во грб.
ЖАН: Пропаста на комунизмот како светски процес се одрази на сите нас.
ЕЛИЦА: Тука има магнетизам.
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Вие мислите тоа е магнетизам?
ЕЛИЦА: Што е?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Вие мислите тоа е магнетизам?
ЕЛИЦА: Ќе засвирите нешто?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Поарно не.
ЕЛИЦА: Не ви е наштимана?

42
Чернодрински се враќа дома

ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Наштимана е, наштимана. Наштимана и откочена. „Чернодрински се


враќа дома“, претставата, во театар, сте ја гледале?
ЖАН: Театар послабо посетуваме.
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Имате среќа, имаме списоци на сите кои ја гледале, целокупната
публика. Сето тоа... (Прави движење со рака како да ќе коле.) Авторот, режисерот и
артистите, заедно со роднините до трето колено. (Истото движење.) И оние што им
играле на свадба. (Истото движење.)
ЖАН: Зошто?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: „Оној кој прашува не знае, оној кој знае не прашува“, член четири,
општа теорија за заштита на неговиот лик и дело, ние сме ударна група, „Чернодрински
штраф-дивизија“, досега тие нè ништеа нас, отсега ние нив, не можете против нас,
најдобро е да ни се придружите, во оваа етапа на нашиот развој ќе требаат луѓе од
вашиот профил, но прво да ве провериме, знаеш да свириш? (Му ја дава виолината на
Жан.) Ќе научиш. Одиме во банка!
ЖАН: Во банка?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Ќе ти го чуваме грбот. (Седнува на моторчето.) Нема место за
тројца, ќе возиме полека, ти трчај зад нас.
(Елица седнува зад него. Човекот го пали моторчето, но не може да тргне.)
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: Не сака да тргне.
ЕЛИЦА: Магнетизам!
ЖАН: Дали ова значи дека моторчето засекогаш ќе остане во оваа пустелија?
ЧОВЕКОТ ВО ФРАК: (Клекнува на колена. Шепоти на земјата.) Чернодрински. Пушти нè
да си одиме!

43
Чернодрински се враќа дома

14. КАЖИ ЗОШТО МЕ ОСТАВИ


(Мала, задушна, неуредна соба во хотел на охридската ривиера. Влегуваат Георги и
Марина. Георги носи во раката саксофон. Пали светло. Таа ја разгледува собата
љубопитно. Тој мирно гледа во неа. Пали цигара. Пауза.)
ГЕОРГИ: Ти реков дека нема што да видиш.
МАРИНА: Како можеш овде да живееш?
ГЕОРГИ: Да се симнеме.
МАРИНА: Ова е бивша остава. Чистачките тука чувале кофи и метли. Побарај нормална
соба од хотелската управа?
ГЕОРГИ: Главно сум долу во ресторанот.
МАРИНА: Мислиш на шанк! (Пауза.) Каде се сместени другите музичари?
ГЕОРГИ: Живеат во градот. Си имаат фамилии.
МАРИНА: А ти? (Пауза.) Што е ова што брчи?
ГЕОРГИ: Оџакот од кујната? Се гаси во еден по полноќ.
МАРИНА: И онака порано не легнуваш. И се пали во пет наутро. И онака си веќе станат.
ГЕОРГИ: Девојче, првпат те гледам. Не си ми ни мајка ни сестра. Нити нешто барам од
тебе, нити нешто ти должам.
МАРИНА: Сакам нешто да се напијам.
ГЕОРГИ: Да се симнеме во ресторанот.
МАРИНА: Имаш поглед на езерото? (Приоѓа до прозорецот.) На котларницата. Почна да
паѓа снег. (Пауза.) Да нарачаме пијалок по телефон.
ГЕОРГИ: Немам телефон.
МАРИНА: (Зема книга од креветот.) Љубовно романче. За што се расправа?
ГЕОРГИ: Не е јасно.
МАРИНА: Како Хајдегер. Со него плашам мажи. Прашувам дали го читале. Им се
потсечуваат јајцата.
ГЕОРГИ: (Пауза. Се гледаат.) Да одиме долу.

44
Чернодрински се враќа дома

МАРИНА: Не ти е пријатно со мене? Сакав само да ти ја видам собата. (Почнува да плаче.


Пауза. Георги ја гледа. Таа се смирува и насмевнува. Вади цигара.) Пушам три кутии. Се
обидов да престанам со едни италијански апчиња. (Пауза.) Кога бев мала, мајка ми ме
тераше да одам во музичко. Бегав од часови и одев во кино утро. Можеби ќе станев
музичар. (Пауза. Тишина.) За што сакаш да зборуваме?
ГЕОРГИ: Зошто си тука?
МАРИНА: Многу си недоверчив? (Пауза.) На одмор сум. Здодевно ми е. Вчера ме покани
на кафе директорот на хотелот. Го прашував за тебе.
(Пауза. Георги вади од под креветот шише ракија. Тура. Пијат.)
МАРИНА: (Ги соблекува чевлите.) Ги запознав момците од рецепција. Ме учеа да играм
табла. Еден од нив ми се јави доцна навечер и праша дали може да ме посети. Го прашав
дали го читал Хајдегер.
ГЕОРГИ: Што ти кажаа за мене?
МАРИНА: Ништо не знаат. Ни кој си, ни од каде си. (Пауза.) Што си во хороскоп? Јас би
рекла јарец.
ГЕОРГИ: (Се гледаат.) Што друго ти кажаа за мене?
МАРИНА: Рекоа: тој е чуден. Остави го него. Седев до тебе на шанк цела вечер. Не ми
прозборе збор. Првпат те видов летово. Водев туристи пензионери од Бенелукс. Гледав да
не им течат славините, да нема запршка во храната. На крајот на програмата ја свиревте
„Кажи зошто ме остави“ со твоја соло партија. Сега е зима. Во хотелот нема гости. Свирите
само во саботи и недели за луѓето од околните села. Потоа музичарите си одат дома, а ти
остануваш сам. Што правиш овде сам во понеделник, вторник, среда, четврток и петок?
Тоа ме интересира.
(Пауза. Се гледаат. Таа се наведнува кон него како да ќе го баци. Вади фотографија и
му ја пружа.)
ГЕОРГИ: (Гледа во фотографијата.) Што е ова?
МАРИНА: Фотографија. Ве сликав додека свирите. (Пауза.) Еве ги сите музичари околу
тебе. А овде каде што би требало да си ти, нема ништо. Празен простор. Нема лик. Не
мислиш дека тоа е чудно? (Пауза.) Не мислиш дека тоа е чудно?
ГЕОРГИ: Испиј ја пијачката и оди си.
МАРИНА: Те нема на оваа фотографија, но затоа те има на други. (Вади фотографии. Му
ги дава.) Војдан Чернодрински, во профил, со полуцилиндер, во пивница во Грац, цирка
1899. Чернодрински, лево, на театарска турнеја. Чернодрински, втор ред, десно, со чибук.
Одамна се бавам со твојот случај. Ти си дух.

45
Чернодрински се враќа дома

ГЕОРГИ: Ништо не те разбирам.


МАРИНА: Јас не разбирам. Ти разбираш сè и барам да ми објасниш. Не спијам со месеци.
ГЕОРГИ: Ти не си со сите.
МАРИНА: Чернодрински!
ГЕОРГИ: Оди си. Веднаш. Те молам.
(Таа излегува. Тој гледа во вратата. Пауза. Нагло ја отвора.)
МАРИНА: (Стои на вратата.) Драмскиот писател. Роден на 2 јануари 1885. Знак на јарец.
Дива свиња во кинески и камен кремен во ацтешки хороскоп. (Георги ја внесува Марина
во собата. Ја затвора вратата.) Повторно роден како џез музичар. Се криеш во овој
посран хотел.
ГЕОРГИ: Со години бев во затвор. Затоа никој ништо не знае за мене. Нема тука никаква
мистерија.
МАРИНА: И не си овде сам. Имаш со себе актерска дружина. Играте претстави среде
езеро на полноќ.
ГЕОРГИ: Ти си луда.
МАРИНА: Сè видов. Танцувате врз водата. Стоите во воздух.
(Се отвора плакарот. Таму стојат сите актери од претходните сцени. Најнапред се
детето без фантазија, таткото и мајката во истите костими од првата сцена.
Марина гледа во нив запрепастено. Мајката излегува од плакарот. Ѝ приоѓа на
Марина. Ѝ минува со рака преку очите. Ја бацува во уста. Марина паѓа во транс.)
МАРИНА: Град градила самовила, Ни на небо ни наземи, Туку така под облака. Туку така
под облака, Ни на небо ни наземи Град градила самовила.
МАЈКАТА: Мамино!
МАРИНА: Лека ноќ добри луѓе. Лека ноќ Чернодрински. Кажи зошто ме остави?
(Излегува.)
ГЕОРГИ: Кутро девојче.
МАЈКАТА: Утре ништо нема да се сеќава. Ќе мисли сонувала. (Гледа во Георги.) Што е? Да
не се заљуби? Ајде. Одиме. (Влегува назад во плакарот.)
ГЕОРГИ: Каде?
МАЈКАТА: Откриени сме. Мора да заминеме оттука.
ГЕОРГИ: Каде?

46
Чернодрински се враќа дома

МАЈКАТА: На друго место.


ГЕОРГИ: Кое друго место?
МАЈКАТА: На друго место. На други места. Дома.
(Војдан го зема саксофонот. Гледа во актерите. Гледа во вратата низ која излезе
Марина. Пауза.)

ЗАВЕСА

КРАЈ

47

You might also like