You are on page 1of 2

„Ретки се оние кои паѓаат без да бидат деградирани, постои средна точка каде

несреќните и озлогласените се поврзани и вметнати во еден збор, фатален збор…


клетници.“
Постојат и оние кои умеат да го пренесат човековото страдање на лист хартија. Да
го изнесат пред светот. Францускиот писател Виктор Иго несомнено е еден од
најумешните „сликари“ на општествените околности од негово време и нивнoтo
трансформативнo влијание врз човековите вредности. Иго е предводник на романтизмот и
најголема фигура во француската книжевност во 19. век. Преку своите дела тој ги
опишува политичко-социјалните проблеми, страдања и неправди од тој период.

Романот „Клетници“ зазема централно место во неговото творештво. Во него Иго


ја истражува природата на доброто и злото, законот и славата, правдата, религијата,
политиката, моралната филозофија како и природата на романтичната и смејната љубов.
Ова Игово Дело ги следи животите и меѓусебните односи на неколку француски ликови во
раниот 19. век, односно периодот после Француската револуција, периодот на
Наполеонската ера и децениите по неа.
Наративниот тек содржи повеќе заплети, меѓу кои главниот носител е ликот на Жан
Валжан, осуденик кој по излегувањето од затворот го променува својот живот со помош
на епископот Мириел во чиј манастир се сокрива, откако никој не сака да го прими и да
му помогне. Самиот Жан Валжан уште на почетокот на дејствието искусува две крајности
од човечкиот карактер. Од една страна суровоста на системот олицетворена преку чуварот
Жавер, од друга милоста на епископот која го спасува Жан Валжан и покрај неговиот обид
за кражба и бегство. Таквата постапка го поттикнува Валжан да го промени својот
идентитет, со цел да води чесен живот.
Жавер и самиот со тешко минато е на страната на принципите, а на крајот се
самоубива не можејќи да го издржи конфликтот во себе меѓу законските наложби и
човечноста.
Животната приказна на Валжан се испреплетува со онаа на младата работничка
Фантина. Несреќната судбина ја приморува да ја даде својата ќерка Козета во грижа на
алчните измамници Тенаридеви. Таа ја губи својата работа откако се дознава дека е
немажена мајка и принудно ги продава своите коса и заби за пари потребни за
издржувањето на Козета. Фантина го продава и своето тело за пари, живее на улица
насред најголема мизерија, губејќи го своето здравје и разум. Во една ситуација Жавер ја
апси, но Валжан успева да ја спаси и да ја однесе во болница, дознавајќи за нејзината
судбина. Таа изнемоштена од болеста умира откако од Жавер, кој се присетува за
вистинскиот идентитет на Валжан, дознава дека тој бил осуденик и дека ја нема донесено
нејзината ќерка.
Валжан успева да му избега на Жавер, ја пронаоѓа Козета и ја откупува од алчните
Тенардиеви, прифаќајќи ја како своја ќерка, па заедно успеваат да избегаат од потерата по
нив и да се засолнат во манастир каде живеат неколку години. Козета веќе е порасната, а
во неа се вљубува Мариус, студентот по право кој се отуѓил од семејството поради
неговите либерални погледи. Тој е дел од движењето кое подготвува граѓански немири.
Приказните на сите ликови се испреплетуваат, а речиси секој од нив е практично
отсечен од нормален дом и семејство. Сите тие се жртви на нездравиот систем, каде
трагите на социјалното влијание се очевидни во ефектите на Француската револуција. Тие
живеат во секојдневие исполнето со неправда, каде животните принципи се базирани врз
политичкото користољубие и алчноста за профит. Тоа резултира со концепт на наметната
беда, мизерија и заборавен морал.

Сепак, во сиот тој приказ на општествените неприлики и презир кон човештвото,


провејува една нишка на хуманистичка верба, сочувство, надеж за подобар свет во некое
далечно утре.
Кон крајот на романот, Иго ја објаснува сеопфатната структура на делото:
„Книгата, што во моментов читателот ја има пред себе, од почеток до крај, во својата
целост и поединости е напредок од злото кон доброто, од неправедноста кон правдата, од
лагата кон вистината, од ноќта кон денот, од алчноста кон свесноста, од расипаноста кон
животот; од бестијалноста кон должноста, од пеколот кон рајот, од ништото кон Бог.
Почетна точка: материјата, крајна: душата. Хидра на почетокот, ангел на крајот“.

You might also like