You are on page 1of 40

ПРВ ЧИН

1. СЦЕНА
Шума. Доаѓа Шушулеменко.
ШУШУЛЕМЕНКО: Хм, се стемнува. Паѓа мрак. И мене ми е смрачено. Кралот
Шушулеменко е протеран од својата земја Шушулеманија! Штета! А, ветуваше дека добро
ќе владее. Е, мој Шушулеменко! Каде сега ќе оди? Еее, каде ти се брза? Полека. Мене
воопшто не ми се брза. Аух, заборавив! Ова е мојот коњ! Што?! Не го познавате? Чудно!
Ајде кажи како се викаш! Што, се срамиш? Како? Погласно, погласно! Аха,! Убаво име,
убаво! Добро коњче си ти. Понекогаш тресиш зелени, ама и тоа ти е добра особина. Не
може секој да биде коњ. Мора некој да биде ваков, таков, никаков. Еве ти едно шеќерче.
Тешко! Навистина глупаво тешко. И така... Шушулеменко го исфрлија од кралската палата
и го протераа од Шушулеманија. А ветуваше дека добро ќе владее. Е, мој Шушулеменко.
Така и ти требаше. Ауф, доста беше за денес. А и тебе ти треба одмор. Оди попаси зелено
зеленило. Глупост! Па, сепак е вистина. Ветуваше дека добро ќе владее а го протераа од
Шушулеманија. Што! Зарем заборавив? Еј, вие шумски жители! Тој Шушулеменко што е
протеран од Шушулеманија, тоа сум јас! Со главата и со газот! Ветував дека добро ќе
владеам, ама ни Војводата Баздриган, кој го зазеде моето место и ме протера од
Шушулеманија нема да му дозволи на народот да диши. Ама јас имав подобра
перспектива. Покрај устите и носовите, ќе им ги затнев и задниците! Се дише ли тогаш?
На! Од моите наредби ќе трепереа дури и високите државни службеници а да не
зборувам за ситната боранија. А цените? Толку ќе ги кренев во височина, што Господ ќе го
скокоткаа за... јајцата! Така, никој не ќе можеше да купи ни обична шумска бубачка а не
некој расен коњ. Ќе извезував уште повеќе, и тоа најубавото од Шушулеманија, а ќе
увезував хм..., коприви. Да, коприви! А данокот, ќе го зголемев сто насто! Така сите ќе
бараа социјална помош од државата. А таа ќе беше толку мала што ќе наредев да се
плаќаат нови даноци во фондот за народна социјална помош. А сега!? Од крал станав..
клепало на мандалото. (Викотници од длабочината на шумата.) Ааа?! Што е ова? Еј,
коњче, брзо доаѓај! Хмм, изгледа потера по мене. Па, јасно, потера! Помина времето. Сега
требаше да сум надвор од Шушулеманија. Ами, ако ме фатат? Ќе ме направат попара. Ауу,
војници! Ајде Шушулеменко, скри си го газенцето, да не настрада твојата пресветла
личност.
Шушулеменко се повлекува во шумата. Доаѓа капетанот Кромидовски со двајца
војници.
КРОМИДОВСКИ: Стојте! Веќе сме блиску до границата. Ми се чини дека Шушулеменко
навистина ќе ја напушти Шушулеманија. Но, сепак треба да бидеме претпазливи. Тој е
способен секогаш нешто да замачка.
ВОЈНИК 1: Најпосле се ослободивме од тоа изеличиште!
ВОЈНИК 2: Замислете! Досега трипати е извршена девалвација, на прагот е четвртата, а тој
немаше ни појма за тоа.
ВОЈНИК 1: Нареди да се извезува најубавото месо, и што почна да увезува? Коприви! Како
во Шушулеманија да нема коприви!
ВОЈНИК 2: Имаше, ама сите ги носеа во неговата готварница. За нас не остануваше ништо!
ВОЈНИК 1: А еднаш нареди да се фрлат стотици тони првокласни коприви само да им ја
сочува цената. И тоа каква цена! Астрономска! И кога останатите резерви скапаа,
увезувавме туѓи коприви.
ВОЈНИК 2: На никого не му дозволуваше да ги посетува.. јавните куќи, а тој целото време
го поминуваше таму!
КРОМИДОВСКИ: Шушулеменко навистина беше многу лош крал. Немаше врска со
политиката. Само си го гледаше својот ќеф. Ај, што се случува тука?! Нешто чудно мириса.
ВОЈНИК 1: Мириса? А, на што мириса капетане? Мене ми мириса на...
ВОЈНИК 2: Мириса на...
КРОМИДОВСКИ: На коприви!!
СИТЕ: Ураа! Коприви, коприви!
КРОМИДОВСКИ: Ама се слатки. Драги мои копривчиња. Одамна не ве има лизнато мојот
мустак. Мили мои. Колку се вкусни! Чисто железо!
ВОЈНИК 1: Хмм, одлични се!
ВОЈНИК 2: Вистинска гозба. Е, Шушулеменко, е мој кралу, си го изеде ти својот дел.
Викотници во шумата.
ВОЈНИК 1: Некој да не извршува самоубиство?
ВОЈНИК 2: Глупости. Самоубиство? Тоа се сигурно шумските арамии. Да не го фатиле
народот, па му ја дерат кожата.
ВОЈНИК 1: Их, зарем народот се плаши од арамии? Па, што народ е тоа?
КРОМИДОВСКИ: Народ, ко народ, секаков. А велиш арамии, а? Какви арамии?
ВОЈНИК 2: Па, арамии. Овие се шумски арамии, а другите... кралските дворјани,
министрите, собирачите на данокот, банкарите, а најголем секако беше кралот
Шушулеменко. Овие од шумата се ситни рипчиња во споредба со него. Ама, сепак
народот има голем страв од нив. Во оваа шума живее Какарела, арамија над арамиите. Не
би сакал да му паднам в раце.
КРОМИДОВСКИ: Тогаш би било глупаво да останеме тука. Да го смениме ветрот. Би било
страшно да загинам од некој шумски арамија, а моите планови се поинакви. Со овој,
Војводата, можам да дотуркам до висок чин. Можеби генерал. Само треба да бидам
малку потактичен. А, на досегашниот генерал Трпен ќе му го најдам крајот. Ќе му дојде
времето. Војници! Назад во кралската палата.
ВОЈНИК 1: Колку вкусни коприви оставаме. Чисто железо!
Си одат. Доаѓаат разбојниците Какарела и Џоџо.
КАКАРЕЛА: Како може нешто да мрда во земјата без мое знаење? А? Ама, мрда мајката,
а? Џоџо, добро го изделкавме оној народот. Па уште не сакаше да ни го предаде кесето.
Каква храброст! Се обиде да се спротивстави. На кого? На големиот Какарела! Ха, ха!
ЏОЏО: Ама пак му ги собравме парите. Но, денот помина, а ние само еден муштерија
најдовме. Од кралските арамии за нас останува многу малку, само ситниот дел. Нема
профит, а ако нема профит нема напредок. А ако нема напредок ќе останеме во шумата. А
имаме амбиции, Какарела? Така а, имаме амбиции!
КАКАРЕЛА: Имаме, зарем мислиш дека јас сакам само в шума да работам. Да заработиме
малку па ќе се спуштиме до селата, а потоа и во градот, можеби и кај кралот да се
вработиме. А денес навистина лош ден имавме. Еден муштерија и тоа кој? Народот? Е,
што народ таков, ништо кај него. Тоа не ги задоволува нашите потреби. Ќе ни се намали
продуктивноста.
ЏОЏО: Барем да помине уште некој. Ќе ни плати за изгубениот ден. Ќе му ги искорнеме
мустаќите. Еј, Какарела! Слушаш нешто?
КАКАРЕЛА: Џоџо! Да не си добил сончаница? Ау, навистина. Некој доаѓа.
ЏОЏО: Е, овој ќе настрада како никој досега. Ќе го измесиме како домашна пита. Ќе се
сеќава на нас и кога ќе стои пред Свети Петар.
КАКАРЕЛА: Џоџо! Да се скриеме. Брзо.
Се кријат. Доаѓа Шушулеменко пеејќи.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, си отидоа моите поранешни војници. Глупост! Глуп, поглуп,
најглуп, Шушулеменко! Копривии, ама се вкусни. Ха, ха, ха, копривчиња. Штета за толку
убави коприви. Каде се вдена моето верно коњче. Да не онанира негде скриен во шумата.
Веќе е време да ја збришеме од Шушулеманија. Аха! Што станува? Зарем настинав? Хм,
тоа не бев јас. Значи е некој друг. А тој изгледа се уплашил од мене и побрзал да се скрие.
Ќе му покажам. Еј, вошко една, излегувај!
Арамиите излегуваат.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не била една вошка, туку две. Шпиунирате, а? Ќе ви покажам јас. Како се
осмелувате?
КАКАРЕЛА: Хм, вошка? Јас вошка? Изгледа дека голем јунак е пред нас. Пиленце затвори
ја устата, оти ако те чукнам по таа твоја тиква, ќе ти испаднат семките.
ШУШУЛЕМЕНКО: Види го ти него. Да не ти се одмилила живеачката? Жабо една, ќе
наредам да те расчеречат четири кокошки. Глупост! Што зборувам јас? Ќе наредам да ве
силуваат кралските коњи!! Идеалисти, филателисти, партисти, исти, исти! Ете што сте вие!
КАКАРЕЛА: Е, сега претера! Си се разврескал како импотентен петел во полн кокошарник.
Ајде, испразни ги џебовите!
ШУШУЛЕМЕНКО: Да ги испразнам џебовите? Ха, ха! Смешно! Ќе се претурам од смеење.
Јас да ги испразнам џебовите. Јас кој толку туѓи џебови имам испразнето, ха.
КАКАРЕЛА: Овој да не е мрднат? Џоџо! Истреси му ги џебовите. Границата е блиску,
можеби шверцува нешто вредно.
ЏОЏО: Аха, жаба шверцуваш, па и нафта, нафта шверцува. Знаев јас дека нешто крие.
КАКАРЕЛА: Мајчичката твоја! Контрабанда, а? Зарем не знаеш дека жабите се само за
извоз и, ако те фатат на граница, ќе ми ти ги дадат цревата на разгледување. Златните
резерви на Шушулеманија ги шверцуваш во странство!
ЏОЏО: А каде ги извезуваат жабите?
КАКАРЕЛА: Па, во Бозалија. Строго е забрането да се шверцуваат жаби. Ај, за нафтата, ама
жабите? Друго, што има друго?
ЏОЏО: Ништо!
КАКАРЕЛА: Ништо?!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, ха! Сакаат да го ограбат кралот Шушулеменко! Ха, да не сте
добиле сончаница?
ЏОЏО: Шушулеменко?! Кралот Шушулеменко?
ШУШУЛЕМЕНКО: Аха, кралот на Шушулеманија и неговото пресветло газенце! Лично! Ха,
ха. Зарем не го познавате овој грб?
КАКАРЕЛА: Кралот? Кралот на Шушулеманија?! Џоџо, за џабе го тормозевме народот.
Ништо од него. А сега види, каква среќа! Денешниот ден излезе многу возбудлив. Ја
фативме најголемата ѕверка во Шушулеманија. Тебе те чекаме со години.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ме чекате, а зошто?
ЏОЏО: Па, да те видиме. Многу си личен.
ШУШУЛЕМЕНКО: Од убавина не патам многу. Ајде, да ве нема. Му се спротивставувате на
кралот Шушулеменко!?
ЏОЏО: На овој не му иде умот. Знаеш ли ти со кого разговараш? Овој овде е Какарела! А
јас сум Џоџо!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ааах, Какарела и Џоџо! Арамиите? Мајко жабарска! Шушулеменко сега
пропадна.
КАКАРЕЛА: Сега ги полниш гаќите, а? За тебе има да добиеме три товари злато. Е, тоа да
не е од друга приказна? Ти си киднапиран, и ако народот сака да го има кралот жив, ќе
треба да плати откуп.
ЏОЏО: Злато, Какарела злато!
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Злато? Ха, ха, ха! А, кој тоа ќе ви даде злато во замена за моето
пресветло газенце?
ЏОЏО: Кој? Како кој? Па, народот. Кој друг? Инаку ќе го најде својот крал со расчеречена
глава, или ќе те ставиме во киселина, да рѓосаш.
КАКАРЕЛА: Немој народот. Нема ништо, само гол газ. Дворјаните, тие ќе платат.
ШУШУЛЕМЕНКО: Можете да ми го изрендате и моето пресветло газенце, ама народот пет
пари не дава за мене. Ќе ви биде дури и благодарен. Народот би ви дал за мене, хм, еден
кош.. лајна. Ха, ха!
КАКАРЕЛА: Зарем на Шушулеманија ќе ѝ биде сеедно дали нејзиниот крал е жив или
мртов?
ШУШУЛЕМЕНКО: На народот да, а на Советот на министрите, што знам јас. Можеби тие ќе
се загрижат за нивниот крал колку прчот за своите тртушки. Или, колку за нивните
избирачи. Избирачи? Што зборувам, како тие да ги бираат министрите.
ЏОЏО: Какарела? Разбираш ли нешто? Мене ништо не ми е јасно.
КАКАРЕЛА: Ништо не разбирам.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не е важно дали разбирате или не. Важно е тоа дека ви ја кажав
вистината. Вистината?! Од кога јас почнав да ја зборувам вистината? Нешто не е во ред со
мене. Да не настинав? Така, како што ви реков. На сите им е гајле за Шушулеменко!
Почнувајќи од мојот роднина, Војводата Баздриган, сега со моето протерување, крал на
Шушулеманија, па до сите муви под коњските опашки.
КАКАРЕЛА: Значи, ни пропадна златото.
ШУШУЛЕМЕНКО: Хм, слушајте! Штом се работи за златото, можеби и не ви е сè
пропаднато. Можете да заработите, на пример, неколку ќесиња злато.
ЏОЏО: Злато?! Како? Брзо кажувај, Какарела, слушаш? Неколку ќесиња со злато! Кажувај
брзо. Сè ќе сториме. Ако треба сè ќе подмачкаме кога повторно ќе се кандидираш за крал.
ШУШУЛЕМЕНКО: Какви избори? Кој кого ќе го избира? Зарем крал се избира? Кралот се
крунисува, се ујдисува... Ете, ајде да се ујдисаме. Едноставно речено, ќе треба да го
вратите моето пресветло газенце на кралскиот престол.
КАКАРЕЛА: Да го вратиме твоето пресветло газенце на престолот? Хм, значи ти не си
повеќе крал на Шушулеманија! Џоџо, па тој не е повеќе крал на Шушулеманија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Искрено речено, не сум.
ЏОЏО: А, што си сега ти?
ШУШУЛЕМЕНКО: Сега сум.. бегалец! Каде вие живеете? Обично лошите вести брзо се
шират. Кралското место сега го има мојот роднина, Војводата Баздриган, кој се прогласи
за крал на Шушулеманија. Е, што му требаше тоа крал, убаво беше и војвода.
ЏОЏО: Па, ти сега не вредиш ни едно.. лајно, а камоли три товари ориз.
КАКАРЕЛА: Три товари злато, Џоџо, злато!
ШУШУЛЕМЕНКО: Можеби сега не вредам. Ама кога ќе застанам на престолот? А? Тогаш?
Тогаш ни магарињата не ги издолжуваат алатите без моја дозвола.
КАКАРЕЛА: Џоџо, удри го! Не вреди ни да го тепаме, а камоли да го мачиме. Сплескај му ја
главата и да си заминеме.
ШУШУЛЕМЕНКО: Неговото Величество сакаат да го оладат предвреме. А, тоа не е
дозволено. Слушајте! Немате никаква корист ако ме убиете. Но.. ако ме вратите на
престолот? Од вас сите имаат страв, храбри сте и можете да ја извршите таа работа без
тешкотии. Ако го направите тоа богато ќе ве наградам. Ете, ќе ве направам дури и
министри. Какарела ќе го поставиме за... министер за изборите. А Џоџо, Џоџо ќе го
поставиме за министер за.. оние работи.
ЏОЏО: Ама, јас немам појма од.. тие работи.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ни моите министри немаат појма од многу работи, па што. Размислете!
Ќе уживате големи погодности. Ќе имате имања со по стотици хектари коприви. Ќе ве
опслужуваат убави дворски дами. Ќе имате дури и по еден расен коњ! Замислете!
Министри!
ЏОЏО: Какарела министер?! Ха, ха. Тоа е исто како да речеш дека дињата со крастајцата
си личат како јајце на јајце. Ха, ха!
КАКАРЕЛА: Џоџо, не со дињата, со друго нешто.
ЏОЏО: Е, со што, со.. ма..
КАКАРЕЛА: Нависитна твојата идеја е многу зелена, ама што ќе загубиме? Ти да не си од
зелените?
ШУШУЛЕМЕНКО: Јас зелен, на што ти личам јас. Не сум созреал доволно, а? Види ти,
имало и некои зелени, а?
КАКАРЕЛА: Да знаеш, со зелени, сини, вакви, такви, не сакаме да имаме ништо. Ние
делуваме индивидуално. Туку, важи! Договорено! Ќе бидам страшен министер. Ајде,
побрзо. Напред во палатата. Одвај чекам да го заземам своето министерско место.
ШУШУЛЕМЕНКО: Навистина генијално глупаво! Јас ќе бидам единствениот што ќе владее
со Шушулеманија. А вам шумски губавци ќе ви дадам козји гурабии. Ха, ха. Ау, заборавив
на моето коњче. Каде се пикнал? Понекогаш испушта повеќе гасови, ама сепак добро ми
служи. Аха, еве го! Сега одиме назад во кралските двори. Кога ќе застанам повторно на
престолот, ќе стрелам половина од министрите, ќе го зголемам данокот, ќе им се
одмаздам на сите што не се сложуваа со мојата политика. Имав јас политика или не? Тука
беше некаде? Да не ја зафрлив во некое ќоше? Ха, ха. Шушулеменко се враќа дома! Ха,
ха!
2. СЦЕНА
Кралската палата. Војводата и советникот Муфлумус.
ВОЈВОДАТА: Сега Шушулеменко ја има преминато границата. Најпосле се ослободив од
тој неранимајко. Нека пцовиса! Јас сум сега господар на Шушулеманија.
МУФЛУМУС: Да господару, се разбира!
ВОЈВОДАТА: Но, што знам што ќе смисли тој син на триста уличарки. Од него може сè да
се очекува. Може војска да доведе од некаде. Веројатно од Бозалија. Згрешивме што не
го обесивме. Чувствувам, ќе замачка нешто.
МУФЛУМУС: Да, господару, се разбира!
ВОЈВОДАТА: Да се надеваме дека ќе падне во некој бунар и ќе се удави.
МУФЛУМУС: Да, господару, се разбира!
ВОЈВОДАТА: Требаше да му ја пресечам главата. А што ќе се случи ако ме нападне со
војска? Нема со кого да се бранам. Војниците не ги бива ни за во готварница, а не за на
бојно поле. Во тој случај Шушулеменко ќе слави победа. А мене, мене ќе ме обесат.
МУФЛУМУС: Да, господару, се разбира!
ВОЈВОДАТА: Тој сега претставува потенцијална опасност за политичкиот живот во
Шушулеманија, а особено за мене лично.
МУФЛУМУС: Да, господару, се разбира!
ВОЈВОДАТА: Беше препорачливо да го погубиме.
МУФЛУМУС: Да, господару!
ВОЈВОДАТА: ... препорачливо да го погубиме.
МУФЛУМУС: Се разбира!
ВОЈВОДАТА: ... го погубимееееее! Еее, се заборавив.
МУФЛУМУС: Се разбираааааа!
ВОЈВОДАТА: Муфлумусе, ти пак си се напил?!
МУФЛУМУС: Се разбира!
Влегува капетанот Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Ваше Величество! Тројца намерници бараат да ги примите.
ВОЈВОДАТА: Не примам никого. Што ќе ми се мене тие? Можеби имаат лоши намери?
КРОМИДОВСКИ: Па, нели е празник? А велат и дека не можат да чекаат, нивното злато
трпело пасивна состојба. Така велат.
ВОЈВОДАТА: Злато! Каква мизерија! Злато! Што не си ги пуштил досега? Ќе те казнам за
ова. Другпат златните работи да ги пушташ веднаш. Јасно! Нека влезат.
Кромидовски излегува, влегуваат арамиите и Шушулеменко.
ВОЈВОДАТА: Хм, повеќе ми мириса на.. лајно одошто на злато.
КАКАРЕЛА: Ние сме дојдени да...
ВОЈВОДАТА: Не ме интересира зошто сте дојдени. Мили мои намерници! Ајде доста со
безвезни церемонии. Не сме на некој митинг. Зборувајте за златото. Какво злато? Од каде
злато? Брзо одговарајте, да не ве обесам на моите чорапи. Мене ми студи, да не сум бос?
КАКАРЕЛА: Бос, не бос, ти си тој што ни треба, мислам, Војводата, а?
ВОЈВОДАТА: Кралот! Војводата сега е крал! Хм, зарем во оваа земја нема прашок за
перење? Брзо, немам време. Зборувајте каде е златото?
ЏОЏО: Тука е некаде, само ќе треба да го обработиме.
ВОЈВОДАТА: Јас ќе го обработам сам. Филигрански! Златото! Дајте го златото!
ШУШУЛЕМЕНКО: Сега ќе добиеш злато. Ха, ха, ха, предавнику сега настрада!
ВОЈВОДАТА: Господее! Шушулеменко! Поранешниот крал! Стражаа! Како и секогаш,
спијат на должност или играат карти. Но, моето кралство не се предава така лесно.
ШУШУЛЕМЕНКО: Држете го! Истурете му ги цревата, скршете му ги јајцата! Извадете му ги
џигерите!
КАКАРЕЛА: Сега ќе те направиме салата. Само да те фатам. Џоџо, брзо, чукни го по глава,
како што вели, нели новото идно-старо величество. (Џоџо го удира по глава, Војводата
паѓа.) Така. Готово е! Ќе спие како вашите советници. Но, сега ние двајцата сме министри.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, ха. Колку лесно е извршен државниот удар! Вториот државен
удар. Реставрација!! Хомогенизација! Приватизација! Узурпација!.. ија,.. ија,.. ија!
Доаѓа Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Триста грама суви коприви! Шушулеменко! Сега, кралот Шушулеменко!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха! Се чудиш а? Заслужи и тебе да те измесиме. Си се распиштолил
во палатата како некој господин. Твоите политички погледи во врска со мојата функција
во Шушулеманија не ми се допаѓаа. Премногу стануваше самоволен. А покрај тоа и не си
ми баш многу симпатичен. Но, сепак ми требаш. Барем додека не најдам некој
покрвожеден од тебе.
КРОМИДОВСКИ: Но, Ваше величество! Што можев јас против Војводата? Јас само ги
извршувам наредбите од тие што треба да наредуваат. Не сум јас крив што Војводата ве
протера од Шушулеманија. Ќе признаете дека вам ништо не сум ви згрешил. Јас сум
добар војник и мислам да напредувам во службата. Моите амбиции се поголеми отколку
што мислите вие.
ШУШУЛЕМЕНКО: Со таа глава ти ќе дотераш до чувар на државните гробишта. Ете, толку.
А, сега, бегај да не те гледам, оти можам да се изнервирам и да наредам да те искасапат
кралските кучиња. Што зборувам јас. Кралските кучиња?! Зарем и такви има на платниот
список?
КРОМИДОВСКИ: Од сега ќе ги исполнувам сите ваши желби. Ќе ви бидам покорен..
генерал.
МУФЛУМУС: Каков свеж воздух! Добро е! Што? Кралот Шушулеменко?! Аууу, добро ми
дојде господару!
ШУШУЛЕМЕНКО: Како што гледаш, се вратив. Ако си трезен можеш и да кажеш нешто. А,
ако си се напил, оди по ѓаволите,.. лите,.. ите,.. те.. е
МУФЛУМУС: Да, трезен сум. Умот ми е бистар како градската канализација. Ама, што да ти
кажувам. Сè е кажано.
КАКАРЕЛА: Нашата задача ја извршивме Ваше кралско Величество! Сега сторете го вашиот
дел од спогодбата.
ШУШУЛЕМЕНКО: Јас ви сум многу благодарен, мои драги министри. Одсега сте министри,
ама ќе почекате малку до церемонијата, кога ќе ве назначам за министри. Дотогаш ќе
бидете сместени во палатата и ќе живеете во изобилство. И коприви ќе добиете.
КАКАРЕЛА: Злато, злато треба да добиеме. Ха, ха, не верував дека некогаш ќе стапам на
политичката сцена. А, сега, опаааа.. министер!
КРОМИДОВСКИ: И, значи така, се вративте Ваше Величество! Колку глупаво од вас? Види!
Војводата како да спие? Што му е? Да не му дал Муфлумус преголема доза коприви?
ШУШУЛЕМЕНКО: Ти наредувам да го фрлиш во затвор и утре да го испратиш во
прогонство. Нека биде бегалец! На овие, новите министри, да им дадеш најубави соби во
дворецот и по неколку ќесиња ориз, пардон злато. Бегај од тука!
КАКАРЕЛА: Џоџо, слушаш? Злато!
КРОМИДОВСКИ: Ќе сторам како што наредувате Ваше Величество! Стражааа! Господа
идни министри, по мене!
КАКАРЕЛА: Ха, Какарела министер за изборите!
ЏОЏО: Џоџо, министер за.. оние работи!
ШУШУЛЕМЕНКО: Така! Повторно сум на своето старо место. Ќе ме запамети
Шушулеманија. Еј, заборавив. Овој Кромидовски навистина да не им даде злато, па и
најубави соби во дворецот. Морам да го опоменам. Овие двајцата, пикни ги в затвор а
утре да ги обесиш. Бегај, да не те гледам! Бррр!
КРОМИДОВСКИ: Како што ќе наредите, Ваше Величество!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха мојот престол си е на своето место. Малку смрди од гасовите на
Војводата. Муфлумусе! Слушај ја мојата прва наредба по враќањето на престолот. На
секој што учествуваше во моето прогонство да му се направи финансиска контрола, а кој
нема да плати на бесилка. Јасно? Бегај! Чекај! Данокот се зголемува и секој да плаќа плус
по два пара коњски мушички, и тоа само од машки пол. Како посебна давачка за
кралската готварница. Цените на сите производи два пати да се зголемат. Јасно, бегај!
Забелешките задржи ги за себе. А, сега сите, магла, иш!
МУФЛУМУС: Ќе биде како што наредувате. Само се плашам до каде ќе доведе ова?
Народот нема да биде задоволен.
ШУШУЛЕМЕНКО: Има и такво нешто во оваа држава? Ха, ха, ха! Шушулеменко! Ти
навистина си генијален. Еднаш вака, другпат така, на едни клоца, на други шипинки,
огромни ветувања, а од тоа ништо! Така се работи, ами како. Нема тук трт-прт!
Шушулеменко е ова или кој? Ха, ха, ха! Денес имав премногу возбудувања. Треба да си
умен, итар, но, треба и малку власт, инаку што ќе направев јас, сам од шумата.. Ама, сега,
на престолот... Хм, хм, како би било војниот буџет да го претворам во фонд за помош на
кралската кујна? Хм, добра идеја! А сега да одам во некоја куќа, јавна, тајна или приватна,
сеедно, да се испразнам. Вака сум многу нервозен. Ха, ха!
СЦЕНА 3
Затвор. Војводата, Какарела и Џоџо.
КАКАРЕЛА: Ќе му го пукнам левиот катник, ќе му ги извадам крајниците! Нè пикна в затвор
за нашите заслуги. И тоа воени заслуги. Државниот удар не можеше подобро да го
изврши ни најпаметниот генерал на Шушулеменко.
ЏОЏО: Штета за министерските места. А, каков министер ќе се сторев.. со три товари..
злато.
КАКАРЕЛА: Ќе бидам јас министер, што сака да биде. Ќе запамети тој кој е Какарела. Ќе му
напикам крастајци во задникот. Ќе ми плати за тоа што нè измами. Само наредува и
никогаш не мрднал со прстот нешто да направи. Дури и наутро ги тера стражарите да се
измијат наместо него.
ЏОЏО: Се чудам јас каде згрешивме? Делувавме одлично. Не можам да најдам грешка во
нашиот ангажман при реставрацијата.
КАКАРЕЛА: Грешката е во тоа што лесно му поверувавме на Шушулеменко. Требаше да му
ги сплеткаме цревата. Ме здоболе бубрегот од скокоткање на нервите.
ЏОЏО: Те боли бубрегот! Јас воопшто немам бубрези. Ми ги извадија кога ме фатија при
крадење коприви од кралските плантажи.
КАКАРЕЛА: Тамам ќе влезев во политиката, и тоа веднаш како министер, а тој посран
неранимајко ме пикна в затвор. Ќе дојде часот кога тој ќе бара милост.
ЏОЏО: Тешко, зошто тие што можат да купат скапи расни коњи, не се еднакви со оние кои
можат да купат само бубачки? Ете, Шушулеменко и Војводата се стаорци, а јас и ти сме
глувци! Разбираш?
КАКАРЕЛА: Тоа е исто. И тие, и ние, сме глодари. Тие глодаат на големо, ние на мало!
Пазарна економија.
ЏОЏО: Но, јас и ти имаме мала реализација во споредба со нив. Тие ветуваат, ветуваат и
брда и долини, само да ја остварат својата цел, а потоа? Потоа само си ги гледаат своите
пресветли газенца. Мајко, што е ова? Ааа, стаорец!
ВОЈВОДАТА: Вас како да ве познавам од некаде? Многу познати сурати имате.
ЏОЏО: Ај, па ова е нашиот непријател, Војводата, што малку време беше крал, и што го
чукнав по главата! Каква случајност! Мило ми е што се сретнавме.
ВОЈВОДАТА: Вам можеби ви е мило, ама јас би ви го скршил носот да можам.
КАКАРЕЛА: Еј, не лути се наеднаш. Што да се прави. Таква е политичката борба.
ВОЈВОДАТА: А вие токму мене ме најдовте, па удривте. Главата ми брмчи.
ЏОЏО: Почнувам да се нервирам. Ми здодеа да седам во затвор. Јас страдам од фобија.
Треба да сум надвор. На свеж воздух и отворен простор. Затоа станав шумски арамија,
зашто не поднесувам затворен простор.
ВОЈВОДАТА: Не сте навикнати да седите во затвор? А сакате да учествувате во
политичките настани. И да ги менувате. Ние учесниците во историските настани дел од
својот живот го поминуваме или треба да го поминуваме во затвор. А не е чудно ни за вас,
ни за мене, ако од тука нè одведат право на губилиште. Револуција е ова или што! Туку да
не е време за губилиште?
КАКАРЕЛА: Губилиште? Какво губилиште? Знаеш ли ти што зборуваш? Не зборувај
глупости. На губилиште треба да ги пуштат оние кои ги тормозат другите. А тоа не сме ние.
Ние само малку му ги испразнавме џебовите на народот. А банкарите, кралските
чиновници, управниците на провинциите, а даночниците, па...
ЏОЏО: Какарела доста. Ако те слушне некој од кралските службеници ќе нè пикнат в
затвор.
КАКАРЕЛА: Јас нив би ги пратил на губилиште. А не нас, рипчињата. Глупости!
ВОЈВОДАТА: Не се тоа глупости. Ќе ве одведат на губилиште дури да речете, а. Ќе ви ја
стават главата на една цепаница, со друга цепаница ќе ве чукнат по глава, и.. готово.
Отидовте кај Свети Петар.
ЏОЏО: Ха, ха, многу интересно. Навистина интересно. Јас би сакал да го видам тоа, секако
на друга глава, не да почувствувам цепаница врз мојата глава.
КАКАРЕЛА: А, на чија?
ЏОЏО: На чија било. Еве, на пример, на твојата.
КАКАРЕЛА: Види, види! На мојата, а? Жалам, ќе ја немаш таа чест. Ако нè однесат на
губилиште, ти ќе бидеш првиот врз кого ќе се спушти цепаницата.
ЏОЏО: Какарела, доста со зборување, треба нешто да направиме за да излеземе од оваа
дупка.
КАКАРЕЛА: Во право си, треба да избегаме. Ајде, да ги прегриземе решетките и.. надвор
сме. Лесна работа.
ВОЈВОДАТА: Само обидете се. Направени се од отровен глицерин.
ЏОЏО: Какарела, мисли брзо како да излеземе зашто ќе збеснам ако останам уште некој
саат тука.
ВОЈВОДАТА: Слушајте, ми падна една идеја. Падна.. што да правам.? Вие му помогнавте
на Шушулеменко да ме смени од престолот. Зошто сега не би ми помогнале мене да го
турнам Шушулеменко? Се разбира, за таа услуга ќе ви се оддолжам на најубав начин.
Барајте сè од мене, па и три товари.. ориз, односно, злато, ако го сторите тоа. Се надевам
дека и мојот верен Кромидовски ќе поработи на моето ослободување. Ако се сложите со
мене и вие ќе сте слободни, инаку ќе останете во затвор, и кога јас ќе станам повторно
крал, ќе наредам да ве обесат. Ако дотогаш не ве обеси Шушулеменко. Размислете!
КАКАРЕЛА: Ха, ха, ха! Нема повторно да се прелажеме. Твојот претходник нè пикна в
затвор затоа што му помогнавме, а ти можеби ќе нè фрлиш од највисоката кула во градот.
Ха, ха. Какарела еднаш се излажа. Нема повеќе.
ВОЈВОДАТА: Тогаш ќе ви пропадне богатството што ве очекува, ако ми помогнете, се
разбира. Покрај тоа, ќе имате многу погодности, ќе набавувате коприви по пониски цени,
ќе патувате во странство. Ќе признаете, не може секој тоа да го прави во Шушулеманија,
потоа ќе...
ЏОЏО: Шушулеменко ќе нè правеше министри.
ВОЈВОДАТА: Па, добро, ако треба ќе ве направам и министри.
КАКАРЕЛА: Не би било лошо тоа, само...
ВОЈВОДАТА: Нема тука што само... Дури и ќе бидете почесни граѓани на Шушулеманија...
Надвор пукотници.
КАКАРЕЛА: Што се случува. Напад на затворот. А што ќе им е затвор?
ВОЈВОДАТА: Што ви реков јас? Па тоа е Кромидовски! Ќе ми пристапите ли мене и ќе ми
помогнете или ќе останете во затворот.
КАКАРЕЛА: Готово, договорено! Само министерските места не ги даваме на никој.
Доаѓа Кромидовски со Војниците 1 и 2.
КРОМИДОВСКИ: Ваше војводство, Височество! Ете, јас дојдов. Беше тешко да се совладаат
затворските стражари, ама ние храбри, храбри до немајкаде. Како што гледаш, сепак
останувам на твоја страна. И овие, сите се на твоја страна. Сите тие сакаат да го снема
Шушулеменко од овој свет. Но, како противуслуга што ја прифатиле твојата личност, секој
од нив бара да биде награден. Морав тоа да им го ветам, инаку никој не се сложуваше да
биде под моја команда. Сите вие кои се собравте тука за да го ослободиме нашиот
Војвода, сите ќе заземете по некоја важна функција во новото кралство. Да живее нашиот
нов стар владетел, Војводата!
ВОЈНИЦИТЕ: Да живее! Ураа! Долу Шушулеменко! Да живее Војводата.. кралот!
КРОМИДОВСКИ: Тишина! Треба најпрво да ја сочуваме тајноста на нашата мисија.
Државниот удар ќе го организирам јас. Јас ќе го дадам знакот за напад врз Шушулеменко.
ВОЈВОДАТА: И тие двајцата ни се придружија.
КРОМИДОВСКИ: А, на чија страна сте вие? На сечија, а? Добро. Тие ќе го нападнат
Шушулеменко, а другите ќе бидат подготвени, ако нивниот обид не успее.
КАКАРЕЛА: Немој да ги потценуваш моите способности.
КРОМИДОВСКИ: Народе, војници, полицајци, цивили, ајдуци, пилиња и други копилиња.
Ќе треба да го саботираме државното уредување на Шушулеменко. Имам одлично,
ефикасно средство за тоа. Тоа е толку силно што секоја личност ја прави сламка во рок од
неколку часа. Средство за прочистување! Ќе биде чист како цвеќе за мирисање! Еве, ти!
(На Војникот 1.) Ти ќе му го предадеш овој пијалок на Шушулеменко. Ќе го замешаш
малку со некоја друга течност, да не забележи тој.
ВОЈНИК 1: Но, пијалоците на Шушулеменко му ги носи готвачот.
КРОМИДОВСКИ: Лесно за готвачот. Ќе го отруеме готвачот.
ВОЈВОДАТА: Народе, војници, цивили.. Кај е народот? Во вакви критични моменти за
државата го нема народот. Вие кои се ставате на моја страна! Јас ќе се трудам да не ги
изневерам вашите идеали. Ќе правам сè што вашите срца пожелуваат. Откако ќе го снема
Шушулеменко, вие сите ќе си ги заземете местата што ќе ви припаднат како на заслужни
борци за посветла иднина. Јас ќе бидам тој што ќе се бори безмилосно за остварување на
вашите цели, идеали, пари и други нешта. Јас со сета душа сум на вашата страна. Вие сте
на моја страна? Ќе се трудам да правам онака како што вам најдобро ви одговара. И јас,
господа, другари, војници, илиња и други ко.. бла, бла, бла, бла, бла, бла...
ВОЈНИЦИТЕ: Да живее! Ураа! Браво. Така е! (Го креваат Војводата на раце, пеат и со
марширање излегуваат.)
4. СЦЕНА
Кралската палата. Шушулеменко и Муфлумус.
ШУШУЛЕМЕНКО: Каква глупост! Немало средства во буџетот. Па нека ги зголемат
даноците. Леле, ако ме фатат. Што, не разбираш? Ни јас ништо не разбирам, па сум крал.
Револуција! Не, не се дозволува тоа. Каква резолуција?! Што? Ќе ме обесите? Не сакам, не
сакам...
Влегува војник 1.
ВОЈНИК 1: Ваше Величество! Станувајте! Една страшна вест! Пробудете се!
ШУШУЛЕМЕНКО: А? Кој? Не е возможно тоа! Каква е оваа ѓурултија тука? Што бараш ти
тука? Бегај! Ми се сплеткале цревата!
ВОЈНИК 1: Ваша Висост! Една страшно лоша вест! Се навали Шарената планина!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ајде, бре! Што?
ВОЈНИК 1: Се навали Шарената планина!
ШУШУЛЕМЕНКО: Е, па што, голема работа!
ВОЈНИК 1: Ама, знаете, потфати три овчари.
ШУШУЛЕМЕНКО: Муфљумусе, се навалила Шарената планина, ееј!
МУФЛУМУС: Па, сигурно ќе се навали кога има три овчари.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ама, што ме вознемируваш со тоа? Јас сакам да спијам, спијам, да јадам,
да јадам.. Ме замори моето прогонство. А за овчарите..
ВОЈНИК 1: Па, во тоа е работата. Го потфатила и готвачот.
ШУШУЛЕМЕНКО: А, што барал тој таму?
ВОЈНИК 1: Берел печурки. Ќе треба да наименувате нов готвач.
ШУШУЛЕМЕНКО: Јасно! Па, ти си бил паметен. Тогаш тебе те наименувам за главен готвач.
Бегај! И брзо зготви ми доручек. Многу сум гладен.
ВОЈНИК 1: Веднаш Ваше Величество! Вашиот доручек господару!
ШУШУЛЕМЕНКО: Доручек?! Бегаај! Кој ти рече да донесеш доручек? Ај, ама си брз. Хм,
ама мириса! Чекај, што има за јадење?
ВОЈНИК 1: Па, разни работи. Еве, на пример: девалвација, трговски дефицит,
нестабилности во стопанството, неуспешна стабилизација, три пара странски притисоци,
неколку нови даноци, сто намалувања на цените...
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Намалувања на цените? Да не си се мрднал? Или си полудел?
ВОЈНИК 1: Ох, простете! Грешка, грешка. Сто поскапувања на цените. Грешка!
Поскапувања!
ШУШУЛЕМЕНКО: Одлично! Што има друго?
ВОЈНИК 1: Десет странски кредити, четврт стопански престапи и за освежување..
ШУШУЛЕМЕНКО: Одлично, одлично! Вкусно, ха, ха! Да не беа арамиите, сега ќе јадев
шумски бубачки. Најпосле вистински да се најадам. Хм, оваа стабилизација воопшто не е
солена. Хм, одличен појадок. А овие поскапувања се навистина вкусни. Ха, ха! Ау, а овие
странски кредити! Првокласни се! Малку горчливи. Ха, ха!
МУФЛУМУС: Ваша Висост! Простете! Има и едно итно писмо за вас.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што се случува со оваа земја? Ни кралот не може мирно да појадува.
Бегај од тука! Се осмелуваш да ме прекинеш при вака вкусен појадок. Обесете го.
Распарчете го! Измиете го! Збудалете го!
МУФЛУМУС: Ама, Ваша Висост, работата е неодложна. Треба и одговор да се прати.
ШУШУЛЕМЕНКО: Обесете го! Стрелајте го!
МУФЛУМУС: Простете, Ваша Висост, но јас не сакам ни да ме стрелаат, ни да ме обесат.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не сакаш?! Ни јас тоа не го сакам. Тогаш ќе наредам да ти турат жешко
железо во желудецот. Се сложуваш?
МУФЛУМУС: Се сложувам. Многу сум ви благодарен господару.
ШУШУЛЕМЕНКО: Нема на што. Јас сум многу љубезен. Ха, ха, жешко железо, ж.. жж...
жжж!. Интересно. Чекај! Мене некој ми пишува? Ми пратил писмо?
МУФЛУМУС: Да, писмо од кралот Бозалид.
ШУШУЛЕМЕНКО: Писмо? Од мојот комшија, кралот Бозалид? Што му станало? Да не го
силувал некој мој коњ? Со него не стојам баш пријателски. Ајде, прочитај ми го неговото
писмо.
МУФЛУМУС: До Шушулеменко, кралот на Шушулеманија. Лично! Те поздравува твојот прв
сојузник и сосед. Да не должам со формалности, ја барам раката на твојата ќерка.
Срдечно, твојот зет Бозалид, кралот.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Ја бара ќерката на мојата рака? Што ќе му е само раката?
МУФЛУМУС: Па, така се вели. Инаку, тој ја бара за.. жена.
ШУШУЛЕМЕНКО: За жена? Што му е нему? Да не го боли штитната жлезда? Ќе добијам
хистеричен напад! Каков е тој безобразлук? Ја бара ќерката за раката на мојата жена? Па
тој не е нормален! Мојата ќерка да стане рака на тој неранимајко! Никако! Бегај од тука!
Ќе му покажам јас нему. Само да ми падне в раце! Ќе му напикам шајки во задникот. Ми
се одјаде. А, така слатко јадење имам. Изгубив апетит. Мојата ќерка да стане жена на тој
коњокрадец. Никако!
Влегува Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Една лоша вест. Генералот Трпен ја испушти својата
племенита душа. Што значи дека е мртов!
ШУШУЛЕМЕНКО: Мртов? Да ми се фатиш за.. клепалото! Јас мртов?
КРОМИДОВСКИ: Генералот Трпен е мртов, Ваша Висост! Го удри капка.
ШУШУЛЕМЕНКО: Зарем стоел на дождот? Генералот Трпен е мртов? Мојот верен генерал?
Ќе си пукнам, ќе експлодирам, ќе онанирам, ќе секцирам! Трпен мртов? Сто насто?! Што
му се случи?
КРОМИДОВСКИ: Па, нели се навали Шарената планина, па..
ШУШУЛЕМЕНКО: Па...?
КРОМИДОВСКИ: Па, потфати три овчари...
ШУШУЛЕМЕНКО: Па, да! Го потфатила и готвачот. Па, овчарите, па, генералот! А, што
барал генералот таму?
КРОМИДОВСКИ: Што знам јас, можеби ги барал овчарите.
ШУШУЛЕМЕНКО: Штета за таков способен генерал. Тебе те наименувам за генерал. Не се
согласувам со тебе во поглед на многу прашања, но како генерал ќе ми бидеш од корист.
Денес треба да го протераш Војводата и да ги обесиш двајцата арамии. Јасно? Бегај од
тука! Чекај! Како ти се допаѓа идејата да го нападнеме кралот Бозалид?
КРОМИДОВСКИ: Одлучна глупост! Да го нападнеме.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, ќе ми плати за навредата. Ја бара раката на мојата ќерка. Ќе
добие тоа што заслужува. Ќе му ја разнишам стабилноста на државата. А Трпен е мртов!
Така и му треба кога стои на дождот. Ми се врати расположението. Колку е лесно да си
лесен во умот. Вистинска леснотија на паметењето.
Влегува Војникот 2.
ВОЈНИК 2: Ваша Висост! Порака од кралот Бозалид.
ШУШУЛЕМЕНКО: Навистина чудно! Нова порака, и толку брзо? А каква порака сега пуштил
кралот Бозалид? Прочитај!
ВОЈНИК 2: Не можам. Шифрирана е!
ШУШУЛЕМЕНКО: Хм, шифрирана? Јас ги обожавам шифрите. Аха, изгледа Бозалид
почувствувал дека ќе го нападнеме, па сега бара примирје. Да видиме што пишува. Ајчин,
бајчин, ПМ мајчин! Хм, што е сега ова? Да видиме што пишува во книгата на шифрите.
Ајчин, бајчин...! ПМ? Аха. Ама тој не е нормален. Војна?! Навистина војна! Кралот Бозалид
ни објавува војна! Ами сега! Господе! Ќе ме удри дамла. Ќе добијам инфаркт! Таман се
готвев да го нападнам, а тој ми објавува војна. Ами сега?
ВОЈНИК 2: Не бидете песимист, господару!
ШУШУЛЕМЕНКО: Е, што, да бидам оптимист со војна? Што ќе ми е мене војна? Нема да ја
јадам! Војната не се јаде. Зарем не?!
МУФЛУМУС: Војната не се јаде, но таа ги јаде луѓето. Се надевам дека не ќе бидете првиот
што ја изел војната. Тогаш ќе треба да обрнете повеќе внимание на структурата на вашата
исхрана.
ШУШУЛЕМЕНКО: Господе! Наутро се мијам со ладна вода, а сега ми објавуваат војна!
Каков луксуз! Што ќе правам сега?
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост, пред малку рековте да го нападнеме кралот Бозалид, а сега
се исплашивте.
ШУШУЕМЕНКО: Ама тогаш не знаев дека кралот Бозалид ќе ни објави војна.
КРОМИДОВСКИ: Па, не е важно кој на кого му објавува војна. Треба да се војува!
ШУШУЛЕМЕНКО: Аха, ама сега јас треба да се бранам. А без да знае Бозалид, ќе го
нападневме. На негова територија. Сега ќе треба тој да навлезе во нашата земја и тешко
ќе ги избркаме.
ВОЈНИК 2: Еден совет ако ми дозволите.
ШУШУЛЕМЕНКО: Совети примам само од Муфљумус.
МУФЛУМУС: Да, господару?!
ШУШУЛЕМЕНКО: Муфљумусе, ти пак си се напил?
МУФЛУМУС: Да, господару!
ВОЈНИК 2: Јас би предложил веднаш да го нападнеме кралот Бозалид. Тој нема да се
надева на нас и ќе го изненадиме, па ќе го победиме. Тој ќе мисли дека ќе се браниме, а
ние ќе го нападнеме и.. победата е наша.
ШУШУЛЕМЕНКО: Одлична глупава идеја! Само ме чуди зошто кралот Бозалид сега ни
објавува војна кога пред малку ја бараше раката на мојата ќерка. Ха, ха, ама ќе го
изненадиме. Ќе види тој кој е Шушулеменко. Сака војна? Ќе му ја дадеме. Ха, ха. Ќе го
направам лом додека рече сом. Ха, ха, ха!
ВОЈНИК 1: Ваша Висост! Ама вие заборавивте на вашиот редовен пијалок.
ШУШУЛЕМЕНКО: Баш ми треба освежување. Хм, нешто чуден мирис има денешниот
пијалок. Ми мириса на кастриран скакулец.
ВОЈНИК 1: Денес му додадов една специјална миродија што дава храброст!
ШУШУЛЕМЕНКО: Што ќе ми е мене храброст? Добро се чувствувам и како кукавица. Брр!
Војна?! Па, добро! Што чекате? Свирете за узбуна. Веднаш нека се постројат војниците за
борба.
Кромидовски труби. Влегуваат војници, со знамиња, барабани, маршираат..
КРОМИДОВСКИ: Денес е голем ден! Одиме во војна! Ајде малку вежба пред да се
упатиме на бојното поле. Мирноо! Еден, два, еден два..
ШУШУЛЕМЕНКО: А, каде е народот? Без народот не може да се војува, а камоли да се
извојува победа.
КРОМИДОВСКИ: Народот е зафатен, прави зимница. Треба да се преживее зимата.
ШУШУЛЕМЕНКО: Е, ако е така, ајде. Ама без народот не се добива ниедна битка. Кој ќе
гине на бојното поле? Брр! Што е сега ова?! Како да ми се готви нешто во стомакот!
Чувствувам чудни симптоми! Ами ако ме заробат? Ќе ме наденат на кол и ќе ме печат на
жар. Јас да не се..! Господе!!
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Војската е готова за на бојното поле!
ШУШУЛЕМЕНКО: Таа е готова, ама јас не сум! Војскооо! Напред кон назад!
ЧИН ВТОРИ
5. СЦЕНА
Шума. Доаѓа кралот Шушулеменко со војската.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, ха! Напред! Напред! Каде е тој бумбар? Ќе го чукнам со една
девалвација и ќе ме памети цел живот. Не, тоа е премногу љубезно од мене. Ќе му
пренесам неколку кредити на негова сметка, ќе се надуе од инает и ќе пукне. Ха, ха, ха!
Само нека се појави. Ќе му покажам јас нему кој е Шушулеменко! Напред!
МУФЛУМУС: Ваша Висост. Не се возбудувајте премногу! Бидете свесни за ситуацијата,
воена ситуација! Треба да бидеме внимателни и тивки ако сакаме да го изненадиме
кралот Бозалид. Не се возбудувајте!
ШУШУЛЕМЕНКО: Кој се возбудува? Јас? Тебе не ти се во ред забите! Те советувам да го
посетиш мојот ветеринар. Ха, ха, ха! Ќе го изедам со заби!
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Смирете се! Рано е да ја покажувате вашата храброст!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, само нека се појави! Ќе му го пукнам забот! Ќе му одржам едно
такво предавање за државничките работи и ќе се врати посрамен во Бозалија. Напред!
Што се случува!?
ВОЈНИК 2: Ваша Висост! Нè откри извидницата на кралот Бозалид. Ќе треба да стапиме во
отворена битка!
ШУШУЛЕМЕНКО: Каков џумбус е ова? Знаеш ли ти што зборуваш? Нè открила
извидницата на кралот Бозалид? Па што? Ау, зарем кралот Бозалид знае дека ќе го
начекаме во оваа шума?
КРОМИДОВСКИ: Сега знае! Да се подготвиме за борба!
ШУШУЛЕМЕНКО: Војскоо! Назад! Назад! Не ми се допаѓа тука! Ауф, си ги скршив колената
во ова пустелија!
КРОМИДОВСКИ: Каде Ваша Висост? Каде брзате?
ШУШУЛЕМЕНКО: Кој брза? Јас? Никаде не ми се брза. Што ќе правам јас тука? Зошто ме
доведовте мене на бојното поле? Да губам време? За ова време можев да затворам една
дузина внатрешни непријатели!
МУФЛУМУС: Дојдовме да го пречекаме кралот Бозалид и да го истераме од
Шушулеманија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Да го истераме! Па што? Нека си оди! Јас не го повикав на гости.
МУФЛУМУС: Но, не сакавте да му ја дадете ќерката на вашата рака за жена. Го навредивте
со тоа.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ами тој пред некоја година одзеде едно структурно прилагодување на
стопанството од територијата на Шушулеманија и јас не го нападнав. А сега тој ме напаѓа
затоа што не му ја давам раката на ќерка ми.
КРОМИДОВСКИ: Не е важно сега тоа! Кралот Бозалид нè напаѓа и ние ќе треба да се
браниме и да го истераме од Шушулеманија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Добро! Ако треба да го истераме, да го истераме. Ами како?
МУФЛУМУС: Едноставно! Или ќе му ја дадете ќерката за жена, или ќе се бориме и ќе го
истераме.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ако е така, така да направиме. Напреед! А зошто не зедовме коњи? Не
ми е лесно да носам толкава глава на рамена.
МУФЛУМУС: Ако земевме коњи, побрзо ќе нè откриеја трупите на кралот Бозалид.
ШУШУЛЕМЕНКО: Колку глупава причина! Не е важно! Сега не е ништо важно! Освен ако
не се наполнам! Зарем сега најде да дојде.
КРОМИДОВСКИ: Кој да дојде Ваша Висост?
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Никој, никој! Нешто непредвидено во теоријата за војување.
МУФЛУМУС: Зошто застанавте Ваша Висост?
ШУШУЛЕМЕНКО: Нешто не е во ред! Чувствувам опасност! Голема опасност!
СИТЕ: Опасноост!
ШУШУЛЕМЕНКО: Е, ама се уплашивте. Помина опасноста.
МУФЛУМУС: Но, не видовме никаква опасност. Каде е опасноста? Не гледам никаква
опасност.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ни јас не ја гледам, ама ја чувствувам.
МУФЛУМУС: Зошто ни не ја чувствуваме, па не сме некои нечувствителни луѓе? И каде е
најпосле таа опасност?
ШУШУЛЕМЕНКО: Тука, тука е опасноста!
ВОЈНИК 2: Ама смрди овде!
ГЛАСОТ НА ШУШУЛЕМЕНКО: Таму смрди, ама тука не се издржува.
ШУШУЛЕМЕНКО: Сега де се вратиме на проблемот со нашиот непријател. Каде е сега тој
син на шумските бубачки. Ќе го изедам со заби! Овој период е особено погоден за оние
кои се родени во знакот на лав.
КРОМИДОВСКИ: Но, Вие не сте родени во знакот на лав!
ШУШУЛЕМЕНКО: Не е важно! Денес сум лав, т. е. сум под знакот на лав, затоа сум толку
храбар! Важно е што опасноста помина.
ВОЈНИК 2: Ваша Висост! Опасноста дури сега доаѓа. Кралот Бозалид со своите трупи ни
доаѓа во пресрет.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Кој? Бозалид? Одам во првите редови од заднината. Напред, вие
напред, јас назад.
МУФЛУМУС: Ваша Висост! Не смеете да го напуштате бојното поле.
ШУШУЛЕМЕНКО: Каков советник си ми ти кога ми кажуваш тоа што не сакам да го
слушнам? Што треба да правам јас тука? Не ми се допаѓа да се мешам во неприлики. Не
се знае дали ќе ја сочувам главата.
Доаѓа кралот Бозалид со своите војници.
БОЗАЛИД: Најпосле се сретнавме!
ШУШУЛЕМЕНКО: Не сум баш воодушевен!
БОЗАЛИД: Недоразбирањето помеѓу нас ќе го решиме како џентлемени. Јас и ти ќе ги
измериме силите во чесен двобој, па кој ќе победи, ќе поставува услови за мир. Еве, ти
давам шанса.
ШУШУЛЕМЕНКО: Шансата што ми ја даваш е последица на несредени формалности. Не
прифаќам. Војниците треба да гинат наместо нивните господари.
БОЗАЛИД: Зарем кралот Шушулеменко е кукавица?
ШУШУЛЕМЕНКО: Не се возбудувај! Обрни повеќе внимание на синусите. Можат да ти
преминат во хронична состојба.
БОЗАЛИД: Синуси! Какви синуси? Зарем не сум опериран? Викнете доктор!
ШУШУЛЕМЕНКО: Смири се! Не излегувај од својата кожа! Тоа ти е на нервна база! Земаш
многу средства против глупости! Контолирај се! Премногу си импулсивен! Ноѕете ти се
како чепорешка! Може коњ да ти протрча меѓу нив и нема да видиш.
БОЗАЛИД: Ти се мајтапиш со мене! Не е важно! Ти простувам за тоа. Но, како ќе го
решиме спорот.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што? Имаме и спор? Па, добро кога си запнал. Може вака. Секој од нас
ќе одржи говор на туѓите војници. Победник ќе биде оној кој ќе убеди повеќе војници да
му се придружат, односно да преминат на негова страна.
БОЗАЛИД: Хм, интересно! Прифаќам. Кој ќе биде прв? Можам јас! Добро! Почнувам! Не!
Прво ти! Да видам како изгледа тоа!
ШУШУЛЕМЕНКО: Добро! Војници! Што ви дава кралот Бозалид за јадење? Слама! Но, вие
треба да бидете нахранети за да можете да го поднесете товарот на војната. Овој ваш
крал не води сметка ни за себе, а камоли за вас. Неговата држава е заникаде. Не знае ни
самата во кои води плови. А кај мене, ех, да не ви расправам многу.. Тој е толку невешт во
своите кралски должности, што му дозволи на народот да прави што сака и како сака. Кај
мене нема. Се знае кој каде е и кој што работи. Војниците кај мене се на почесно место.
Јас ќе се грижам за вас како за свои деца, а кај Бозалид.. слушам немате ни покрив над
главата. Вашиот крал е како фосил. Има и црвја во стомакот. Тој е сиромав, никаков, тој е..
слон со две рала ма.. диња.
БОЗАЛИД: Еее, си немаме со ниски удари. Гледаш, никој не ти доаѓа? Сега сум јас на ред!
ШУШУЛЕМЕНКО: Не е можно тоа. Ти си ги дрогирал ништо да не слушаат. Не е возможно.
Па, ќе им давам коприви секој ден.
БОЗАЛИД: За жал, никој не сака кај тебе. Сега јас ќе им одржам говор на твоите војници.
Војници! Јас сакам да ви зборувам за толку проблеми што ја мачат вашата напатена душа
и јас ќе.. Аха, се сетив. Се сетив. Ама што јас толку многу дробам. Едноставно е! Цените во
Шушулеманија растааат!
ВОЈНИЦИТЕ НА ШУШУЛЕМЕНКО: Растааат! Да бегаме!
Бегаат сите и му се придружуваат на војниците од Бозалид. Остануваат Муфлумус и
Кромидовски.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што се случи? Па тие сите избегаа.
МУФЛУМУС: Ако уште малку се кренат цените, не ќе остане човек во Шушулеманија.
БОЗАЛИД: Те победив!
ШУШУЛЕМЕНКО: Се послужи со недозволени средства! Не ја признавам победата. Па
твојата држава е позаникаде од мојата.
БОЗАЛИД: Можеби, но цените не се толку високи! А не ти е стабилно ни стопанството,
слаба ти е трговијата, не ти чини земјоделството, имаш многу стопански престапници, ти
се ниша валутата...
ШУШУЛЕМЕНКО: Ми се ниша мене клепалото. Ти пак не си најаден како што треба, а јас
секој ден јадам првокласни коприви! Не ја признавам победата!
БОЗАЛИД: Тогаш ќе те убијам.
МУФЛУМУС: Не го убивајте. Победата е ваша!
ШУШУЛЕМЕНКО: Победен сум! Истуширан, истрасиран, девалвиран, изнервиран,
искастриран!
БОЗАЛИД: Сега го очекувам твојот благослов за мојот брак со твојата ќерка.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, не ја давам ќерката. Убиј ме, ама раката не ја давам.
БОЗАЛИД: Добро. Ќе те убијам! Сега нема мрдање. Ќерката или животот? Толку ја сакам
што преминав и преку тоа што не беше невина.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не била невина?! Ќе ѝ покажам јас. А, велиш ја изгубила невиноста? А,
со кого?
БОЗАЛИД: Е, сега ти, со кого?
ШУШУЛЕМЕНКО: Тргни ми се од пред очите. Не си сеизмил ова утро.
БОЗАЛИД: Војници! Победата е наша. Да се вратиме сега во нашата земја.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ами невестата, ќерка ми на раката, не ја земаш со себе?
БОЗАЛИД: Таа е веќе во мојот дворец.
ШУШУЛЕМЕНКО: Во твојот дворец? Па зошто дојде да се тепаш со мене кога веќе си ја
имал кај себе?
БОЗАЛИД: Без твој благослов немав право на мираз. Сега кога ти го одобри нашиот брак,
како мираз на ќерката ќе ѝ ја дадеш јужно северната провинција која ќе ја припојам кон
мојата држава.
ШУШУЛЕМЕНКО: А, тоа не може! Не може!
БОЗАЛИД: Провинцијата или животот?
ШУШУЛЕМЕНКО: Паааа добро, провинцијата!
БОЗАЛИД: Нема повеќе да ве задржувам. Добра ноќ.
Кралот Бозалид заминува со своите војници.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ништо не ми е јасно! Триста бремени жаби! Јас не знам што се случува
со Шушулеманија.
МУФЛУМУС: Подобро што не знаете. Ако знаете ќе треба да извршите самоубиство.
ШУШУЛЕМЕНКО: Самоубиство!? Ајде, бре! Не сум јас импотентен! Домот за сирачиња е
полн со мои деца.
МУФЛУМУС: Зошто не ги признавате за свои?
ШУШУЛЕМЕНКО: Уште тоа ми фали. Ами кога ќе пораснат? Тогаш мене кврц, кврц и јас
мртов. А сега никој да не видам пред мене. Бегајте од тука! Вие ми сте некоја војска! Ќе ја
чистите палатата со јазикот за казна. Марш сите назад во кралските двори. Никаквеци!
Недоносени! И вие сте ми војска. Назад во кралските двори! Никаквеци! Недоносени! И
вие сте ми војска. Е, ова веќе го реков, а?
Сите си одат.
ШУШУЛЕМЕНКО: Денес имав лош ден. Арно ми велеа дека не сум роден како риба. Што,
се стемнува? Ќе уживам во полна месечина. Бумбарите брчат, жабите крекетаат,
копривите мирисаат. Вистинска романтика. Ја изгубив јужно северната провинција. А таму
се рудниците со злато. Ќе треба да стегнам нови давачки. Аах, што е ова? Готов сум. Ќе се
наполнам!
6. СЦЕНА
Кралската палата. Шушулеменко и Муфлумус.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ја изгубив провинцијата. Е, така кога настапив зелено. И ќерката! За
ќерката не ми е жал, ама за провинцијата? Ќе си пукнам, ќе си треснам, ќе си збеснам! Јас
сум навистина безвезен тип. Се уплашив од еден полски глушец кој не знае ни како се
јадат коприви. Арамија, коњокрадец, јадец! Па и зет ми стана. Триста бремени жаби!
Двапати по триста бремени жаби! Ме изигра! Ќе добијам живчан напад. Муфљумусее!
МУФЛУМУС: Да, Ваша Висост!
ШУШУЛЕМЕНКО: Муфљумусе, дојде ли некое писмо за мене.
МУФЛУМУС: Да, Ваша Висост!
ШУШУЛЕМЕНКО: Муфљумусе, ти пак си се напил?
МУФЛУМУС: Да, Ваша Висост!
ШУШУЛЕМЕНКО: Каков советник си ми ти кога постојано се напиваш? Хм, да видиме
какви новости ми донесуваат овие писма? Ова е од мојата поранешна кралица! Бррр! И
ова не е интересно. Аха, тука сме! Ха, мирисливо! Од мојата драга Луција! „Мили мој
Шушулеменко! Те известувам дека отпатував од Шушулеманија. Не сакам повеќе да те
видам. Одам во странство. Тука не можам да се истакнам меѓу толку фустани и
фустанчиња. Многу малку време мене ми посветуваше. Луција!“ Така значи! И ти го
оставаш Шушулеменко. А ветуваше дека ќе бидеш моја.
Влегува Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Време е!
ШУШУЛЕМЕНКО: Време е!? За што? Ако смеам да прашам?
КРОМИДОВСКИ: Зарем заборавивте? Денес треба да ги примате министрите!
ШУШУЛЕМЕНКО: Министрите? Не примам никакви министри. Не сум расположен. Имам
болки во хипофизата! Иш, иш!
КРОМИДОВСКИ: Ама, Ваша Висост! Цел месец одбивавте да се консултирате со
министрите. И Војводата не прими ни еден од министрите за време на својата кус престој
тука. Ќе морате да примите некого.
ШУШУЛЕМЕНКО: Добро, нека дојдат. Само напомни им да бидат кратки. Не сум
расположен да слушам трогателни зборови!
КРОМИДОВСКИ: Да, Ваша Висост!
Влегува Кавало, Министерот за јавно мислење.
КРОМИДОВСКИ: Кавало, министерот за јавно мислење!!
ШУШУЛЕМЕНКО: Министерство за јавно мислење? Зарем постои и такво министерство?
Зошто сум тогаш јас? Иш, иш! Не сакам да го примам.
КАВАЛО: Но, Ваша Висост! Вие морате да водите сметка за јавното мислење. Тоа е многу
важно. Зависите од него. Јавното мислење е важен елемент во државата.
ШУШУЛЕМЕНКО: Нема јавно мислење, нема други елементи освен јас во државата.
Јавното мислење, тоа сум јас. Летат се моа! Или така некако! Лета или не лета.
КАВАЛО: Ваша висост! Лета, ама се ближи времето за избор на управници на
провинциите, а вие морате да дадете изјава и да го изнесете своето мислење, својот план,
своето определување.
ШУШУЛЕМЕНКО: Нема да има никакви избори во провинциите. Јас ќе управувам со нив, а
досегашните управници ќе ги обесам на главниот градски плоштад. Ти ја нервираш мојата
личност.
КАВАЛО: Дозволете да ви поставам неколку прашања.
ШУШУЛЕМЕНКО: Добро! Дозволувам. Ама само три прашања. Три! Јасно? Ако не ти е
јасно, ќе ти појаснам? Јасно?!
КАВАЛО: Благодарам, многу љубезно од вас. Прво прашање: Како мислите да ја извлечете
земјата од нестабилноста?
ШУШУЛЕМЕНКО: Нестабилност? За каква нестабилност ти дрдориш? Кој е нестабилен?
Шушулеманија? Како нас во Шушулеманија нема нигде. Сите офкаат и туфкаат, ама
мислам пак добро живеат, така ми се чини, а? Сега не баш сите, ама барем оние наоколу
сигурно! А за нестабилност на земјата нема што да мислам! Ако даде Господ некоја
стопанска стабилизациона мерка можеби ќе станеме стопанска велесила.
КАВАЛО: Добро, одлично, тоа се сложува со вашиот карактер. Второ прашање: Што
мислите за Бероник?
ШУШУЛЕМЕНКО: Бероник? Што е сега ова по ѓаволите? Зарем некој нов бунтовник против
државата? Веднаш да го обесите!
КАВАЛО: Тој е еден од нашите најспособни стручњаци. Единствено тој остана во
Шушулеманија, другите ја дувнаа во странство. Тој е вистински патриот
ШУШУЛЕМЕНКО: Уште си тука!
КАВАЛО: Уште едно прашање.
ШУШУЛЕМЕНКО: Види го ти него? Уште едно прашање! Како јас да имам одговори во
џебовите. Ајде, иш! Да не си глув? Иш!
Кавало излегува. Влегува Министерот за финансии.
КРОМИДОВСКИ: Министерот за финансии!
ШУШУЛЕМЕНКО: И тој ќе ми поставува глупави прашања?
МИНИСТЕРОТ: Ваша Висост! Треба да разговараме за финансиската состојба во државата.
Ни се заканува криза. Мораме нешто да преземеме.
ШУШУЛЕМЕНКО: Криза? Иш! Не трпам кризи!
МИНИСТЕРОТ: Но, Ваша Висост! Запаѓаме во тешка финансиска криза! Ќе доживееме
девалвација! По трет пат!
ШУШУЛЕМЕНКО: Иш! Чекај! Девалвација? Интересно зборче! Што е тоа?
МИНИСТЕРОТ: Па, девалвација е... Како да ви објаснам? Вие не сте баш упатени во тие
работи. Ќе биде потешко да ви објаснам.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ама што ти е тебе? Да не си се напил? Зборувај јасно да те разберат и
глувите. Одговори ми кратко што е тоа девалвација, па да преминиме на таа криза што
стално ми ја повторуваш.
МИНИСТЕРОТ: Па, девалвација е, како да кажам... Еве еден прост пример. Кога
потенцијата ќе девалвира, се добива импотенција! Ако извршиме замена на поимите:
кога парите ќе ослабат, тоа е девалвација.
ШУШУЛЕМЕНКО: Значи ли тоа дека нашата валута ќе стане импотентна?
МИНИСТЕРОТ: Па, да, па да! Во тоа е и проблемот!
ШУШУЛЕМЕНКО: И што си се загрижил? Тоа е потребно! Потенцијата ќе изнараѓа триста
проблеми! Вака со таа твоја импотенција т. е. девалвација ќе ни биде мирна главата!
МИНИСТЕРОТ: Напротив! Импотенцијата на валутата ќе изнараѓа триста проблеми.
ШУШУЛЕМЕНКО: Дури сега ништо не разбирам. Триста леви глупости! Ништо не
разбирам. Најдобро е да те снема од тука!
МИНИСТЕРОТ: Ама Ваша Висост! Ќе морате да...
ШУШУЛЕМЕНКО: Ништо јас не морам! Јасно! Излегувај!
ШУШУЛЕМЕНКО: Види го ти него. Па, ти си бил многу досаден, те ова, те она. Бегај да не
те гледам, иш!
Министерот излегува. Доаѓаат делегатите на Боречката и Тепачката партија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Овие да не згрешиле. Сигурно тргнале на парада! Што сте дошле во
толкав број?
КРОМИДОВСКИ: Лево: водачи на Боречката партија! Десно: водачи на Тепачката партија!
ШУШУЛЕМЕНКО: Партии! Боречка и Тепачка?! Зарем две? Не можеле да формираат само
една?
КРОМИДОВСКИ: Идејно се разликуваат по своите програми.
ВОДАЧОТ НА ТЕПАЧИТЕ: Ваша Висост! Дозволете од името на нашата партија да Ви
прочитаме петиција во која ги изнесуваме барањата на нашата партија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Петиција? Барања? Партија?! Ова ќе биде нешто интересно! Читајте!
Баш интересно.
ВОДАЧОТ (Т): До неговото величество Шушулеменко, кралот над кралевите! Од името на
своите многубројни членови Тепачката партија ги поставува следните барања: прво,
кралот Шушулеменко да се повлече од престолот; второ, на негово место да се избере
совет кој ќе управува со Шушулеманија. По симнувањето на Шушулеменко нашата партија
ќе ги намали цените на половина! Следат потписи на многубројните членови на Партијата
на тепачите.
ШУШУЛЕМЕНКО: Какви се овие глупости? Сите ќе ве погубам. Јас да се одречам од
престолот? Никогаш! Сите ќе ве погубам.
ВОДАЧОТ (Т): Ако не ги исполните овие услови ќе кренеме револуција и притоа можеби
не ќе ја извлечете жива главата.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ќе кренете резолуција? И каде ќе ја носите? Ќе ви дадам јас резолуција!
Ќе наредам веднаш да ве обесат. И овие другите, и тие да не имаат некаква петлиција?
ВОДАЧОТ НА БОРАЧИТЕ: Имаме. Имаме и ние свои барања!
ШУШУЛЕМЕНКО: Денес како сите да сакаат да бидат во некоја партија и да бараат нешто!
Да видиме што вие барате?
ВОДАЧОТ (Б): До Неговото Величество Шушулеменко, кралот над кралевите! Од името на
своите многубројни членови Боречката партија ви ги поставува следните барања: прво
кралот Шушулеменко да се повлече од престолот; второ, на негово место да се избере
совет кој ќе управува со Шушулеманија! По симнувањето на Шушулеменко нашата партија
ќе ги намали даноците на половина! Следат потписи на многуилјадните членови на
Партијата на борачите!
ШУШУЛЕМЕНКО: Види, мајката! Ќе ги намалите даноците на половина. Интересно! А
вашите колеги ќе ги намалеле цените. Само мене треба да ме исфрлите од
Шушулеманија. И од престолот.
ВОДАЧОТ (Т): Така е! Ќе ги намалиме цените на половина!
ВОДАЧОТ (Б): Ние ќе ги намалиме даноците на половина!
ШУШУЛЕМЕНКО: И вие да не кренете резолуцја, ако не ги исполнам вашите барања?
ВОДАЧОТ (Б): Не, ние ќе кренеме востание.
ШУШУЛЕМЕНКО: Их, ќе кренете востание. И каде ќе го носите тоа ваше востание? Добро.
Ќе ви ги исполнам вашите барања! Не од тоа што се плашам од резолуција или од тоа
вашето востание, туку да бидете задоволни од Шушулеменко. Потоа ќе приредам прием
во ваша чест! Еве, веднаш да ви ги исполнам вашите барања! Прво, поднесувам оставка!
Второ, да избереме Совет кој ќе управува со Шушулеманија. Советот ќе биде составен од
еден член. Право на избор на Советот има Шушулеменко. Тој го дава својот глас за
Шушулеменко! Готово! Изборите се завршени! Советот е избран. Сега сум Совет на
Шушулеманија, ха, ха, ха! А сега иш, иш. Сите иш!
ВОДАЧИТЕ: Ама, Ваша Висост. Како така?
ШУШУЛЕМЕНКО: Така. Како. Иш, иш! Ха, ха, ха! Добро ги спроведов овие избори. Ха, ха,
ха.
Водачите на партиите си одат. Од надвор се слуша голема викотница.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што е сега пак ова?
КРОМИДОВСКИ: Можеби народот си игра долга магарица.
МУФЛУМУС: Народот доаѓа тука.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што народ сте, што иш милет сте? Муфљумусе, зарем ваков народ имам
јас?
МУФЛУМУС: Мачен е нашиот народ, што мислиш ти?
ШУШУЛЕМЕНКО: Види какви се, сè гол газ, до гол газ.
КРОМИДОВСКИ: Па, што да прави народот кога нема.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што нема?
МУФЛУМУС: Нема ништо.
ШУШУЛЕМЕНКО: И што сака сега народот мој?
МУФЛУМУС: Е, кралу над кралевите. Народот сака малку, многу малку. Но, овој пат не
бара ништо. Само сака да ти каже два-три збора. Тебе во дамнина те избрале за крал. Не
оти му требаше на народот, ама што ќе ти е народ без крал. И што крал е, ако нема народ.
И така да биде, на царот царевото, на кралот кралевото, на Господ госпоото, ама и на
народот му треба нешто од векот.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ти мене ќе ме расплачеш.
МУФЛУМУС: Ами за плачење е работата.
ШУШУЛЕМЕНКО: До таму дојде работата?
МУФЛУМУС: До таму честити кралу. Од народот толку. Не бара ништо, само дојде да ти го
каже ова.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не примам никого повеќе! Овој народот мој ме онерасположи. Види го
ти народот. На сентименталност ме фаќа. А нашол кого да фати на тој марифет. Капетане
Кромидовски! Дали ги обеси оние разбојничиња?
КРОМИДОВСКИ: Помртви не можат да бидат! Дури и Свети Петар се зачудил колку се
мртви кога застанале пред него.
ШУШУЛЕМЕНКО: Одлично. А, Војводата, самопрогласениот крал? Отпатува ли тој од
Шушулеманија?
КРОМИДОВСКИ: Не му се гледа ни сенката.
ШУШУЛЕМЕНКО: Одлично! Одлично! Сега иш! Не ми си потребен.
Кромидовски излегува.
ШУШУЛЕМЕНКО: Муфљумус! Мислиш дека добро направивме што го протеравме
Војводата?
МУФЛУМУС: Да, се разбира!
ШУШУЛЕМЕНКО: Најпосле се ослободивме од тој никаквец. Но, што знаеме? Не се знае
што ќе смисли тој неранимајко! Од него може сè да се очекува. Можеби ќе ме нападне со
војска. Згрешивме што не го погубивме. Сега тој претставува потенцијална опасност за
мојот престол. Може да се врати и да ми ги подмести коските!
МУФЛУМУС: Па, се разбира!
ШУШУЛЕМЕНКО: Требаше да го погубиме!
МУФЛУМУС: Па, се разбира!
ШУШУЛЕМЕНКО: ... го погубиме!
МУФЛУМУС: ... Погубиме!
Влегува Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Тројца намерници бараат да ги примите.
ШУШУЛЕМЕНКО: Што ќе ми се мене намерници. Да не имааат некоја намера?
КРОМИДОВСКИ: Велат дека не можат да го менуваат глаголот чекам. Нивното злато трпи
пасивна состојба. Така велат!
ШУШУЛЕМЕНКО: Злато?! Злато? Што не си ги пуштил досега? Ќе те казнам за ова! Другпат
златните работи да ги пушташ веднаш. Јасно? Нека влезат!
Влегуваат Војводата, Какарела и Џоџо.
ШУШУЛЕМЕНКО: Повеќе ми мириса на.. лајно, одошто на злато.
КАКАРЕЛА: Ние сме дојдени да..
ШУШУЛЕМЕНКО: Не ме интересира зошто сте дојдени. Мили мои мизерни намерници.
Доста со безвезни церемонии. Зборувајте за златото. Какво злато? Од каде злато? Брзо
одговарајте да не ве обесам на моите чорапи.
КАКАРЕЛА: Тоа со чорапите, како беше?
ШУШУЛЕМЕНКО: Брзо, немам време. Зборувајте каде е златото!
ЏОЏО: Тука е некаде. Само ќе треба да го обработиме.
ШУШУЛЕМЕНКО: Јас сам ќе го обработам. Златото! Дајте го златото!
ВОЈВОДАТА: Сега ќе добиеш злато! Ха, ха, ха!
ШУШУЛЕМЕНКО: Господе! Војводата. Стражааа! Како и секогаш, спијат на должност или
играат долга магарица.! Но, мојата светост не се предава така лесно.
ВОЈВОДАТА: Држете го! Истурете му ги цревата, скршете му ги јајцата!
КАКАРЕЛА: Џоџо, ајде удри го! Што чекаш? Еве ти злато!
Џорџо го удира по главата, Шушулеменко паѓа, го врзуваат.
ВОЈВОДАТА: Ха, ха, ха! Колку лесно е извршен државниот удар! Вториот државен удар!
Реставрација! Кулминација! Говоранција!
КАКАРЕЛА: Готово! Ќе спие како заклан!
КРОМИДОВСКИ: Готово! Победата е наша! Шушулеменко е готов. Ќе го обесиме!
ГЛАСОВИ: Да го обесиме! Да го обесиме!
ВОЈВОДАТА: Чекајте! Ќе го обесиме! Само тоа ќе го направиме на главниот плоштад! Да
направиме забава за народот
КРОМИДОВСКИ: Така е!
ГЛАСОВИ: Да живее Војводата! Ураа! Да живее новиот крал! Да живее!
КРОМИДОВСКИ: Да живее генералот Кромидовски!
ВОЈВОДАТА: Генерале Кромидовски со разбојниците се знае. И тие во затвор. Ќе ги
обесиме и нив!
КРОМИДОВСКИ: Се разбира! Генерале! Колку убаво звучи тоа.
КАКАРЕЛА: Да живее министерот за изборите!
ЏОЏО: ... и за оние.. работи!
Излегуваат сите.
7. СЦЕНА
Затвор. Шушулеменко, Какарела и Џоџо.
ШУШУЛЕМЕНКО: Капетанот Кромидовски навистина бил недоверлива личност! Ме
предаде на мојот непријател. А јас сакав да го унапредам во генерал! Знаев дека тој
нешто готви против мене. Ќе му ги наплатам јас нему сметките. Ќе пие тој млеко од
крастави жаби! Сега? Што ќе правам?
КАКАРЕЛА: Ќе искршам сè! Ќе направам лом, додека речам сом!
ШУШУЛЕМЕНКО: Е, немој со кражби. Тоа е моја изрека!
КАКАРЕЛА: Е, не се лути веднаш. Ќе му ја извадам бешиката! Забот ќе му го пукна, Аха,
види, еве го Шушулеменко! Да му ги извадиме бубрезите!
ШУШУЛЕМЕНКО: Смири се! Нервирањето не е добро за варењето! Триста лажни девици!
Што ти е тебе? Во иста каша сме. Можат да ти испаднат очите од нервирање.
ЏОЏО: Какарела, остави го! Не е време за пресметки. Треба да мислиме како да излезиме
од оваа дупка.
КАКАРЕЛА: Ќе ти ги скршам јајцата! Ќе ти покажам јас кој е Какарела!
ЏОЏО: Сакаше и министер да станеш.
КАКАРЕЛА: Ајде сега пак ти.
ШУШУЛЕМЕНКО: Не се карајте. Сега сите сме во иста каша. Опколени со дебела тишина.
Убаво, навистина убаво! И тоа грдо убаво!
ЏОЏО: Еј, што е она таму? Нешто мрда!
ШУШУЛЕМЕНКО: Мрда? Зарем нешто мрда во Шушулеманија без моја дозвола?
ЏОЏО: Тишина! Слушајте! Како некој да чука надвор.
ШУШУЛЕМЕНКО: Тоа е на градскиот плоштад! Нешто градат таму! Џоџо, види од
прозорецот што се случува!
ЏОЏО: Господее! Прости ми ги гревовите!! Спаси ме!
КАКАРЕЛА: Џоџо, што е? Што ти е тебе? Што виде надвор?
ЏОЏО: Надвор, надвор... прават.. оо, Господе... оче наш иже јеси на небесима...
ШУШУЛЕМЕНКО: Кажувај што прават надвор и не туку ми цимоли! Немој да се правиш
будала! Барем од будали ми е доста!
ЏОЏО: Прават... гу... губилиштеее! Мајко моја! Што ќе биде со мене? Каков неславен крај!
КАКАРЕЛА: Губилиште?! Тоа е сигурно за Шушулеменко!
ШУШУЛЕМЕНКО: Изгледа за тројцата! Не им се исплаќа да плаќаат џелат само за мене.
КАКАРЕЛА: Значи тоа е крајот! Мојата кариера тука завршува!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ќе нè погубат! Па што! Штета што со мене ќе загине и моето пресветло
газенце! Ама нема да плачам и да ги молам за милост! Овој пат ќе се покажам храбар!
Храбрата смрт го прославува животот!
ЏОЏО: А, на каков начин ќе ни го најдат крајот?
ШУШУЛЕМЕНКО: Гледам само една бесилка. Таа е изгледа за мене. А за вас ќе најдат
нешто поспецифично. Варење во котел или слично.
ЏОЏО: Можеби ќе нè удават во рибино масло!
КАКАРЕЛА: Јас не поднесувам рибино масло. Ми иде на повраќање.
ШУШУЛЕМЕНКО: Рибиното масло е корисно за организмот. А можеби ќе ви ги сечат
главите со турпија. Ама ќе биде досадно. Што не измислат нешто поинтересно.
ЏОЏО: Ти Шушулеменко имаш болна фантазија.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ајде да си легнеме. Утре ќе треба да бидеме свежи и одморни.
ЏОЏО: Ама, како да заспијам кога утре ќе ме погубат.
8. СЦЕНА
Губилиште. Војводата, Муфлумус, Кромидовски, Џелатот, војници. Ги водат
Шушулеменко, Какарела и Џоџо.
ШУШУЛЕМЕНКО: Сношти сонував дека ме стрелаат. Добро што тоа беше само сон. Инаку
денес немаше да присуствувам на своето сопствено бесење!
ЏОЏО: И јас сонував дека ќе ме погубат. Беше страшно! За малку ќе ми летнеше главата!
Каде нè водат толку рано?
ШУШУЛЕМЕНКО: Ќе нè носат на прием кај Свети Петар.
КАКАРЕЛА: Штета, колку убав затвор оставивме!
ШУШУЛЕМЕНКО: Ама свет се собрал. Луѓето уживаат да ја гледаат туѓата несреќа. Ќе биде
забавно, нема што! А, каде е народот?
КАКАРЕЛА: Овие навистина се запнале да нè погубат.
ЏОЏО: Мене ме фаќа страв. Што ли ќе ни прават?
МУФЛУМУС: Ваша Висост! Затворениците се подготвени за извршување на казната.
ВОЈВОДАТА: Имате ли нешто да кажете во своја одбрана?
ШУШУЛЕМЕНКО: Ти си... ти си еден беден крлеж, или беше прдеж. Ете што си ти! Уф, ама
му го реков!
ЏОЏО: Зарем ние заслуживме да нè погубиш? Ние дури и ти помогнавме.
ВОЈВОДАТА: Вие сте жртви на политичката борба. Што можам јас тука да правам.
ШУШУЛЕМЕНКО: (На Кромидовски.) А тебе ако те сретнам некаде таму горе, ќе ти ги
извадам сите ковчиња. Ќе ти ги дадам јајцата да си играш со нив. Предавник. Измамник.
Па сакав уште и генерал да те направам.
КРОМИДОВСКИ: Си задоцнил. Делата ги оправдуваат средствата! Моите планови се
големи, а ти беше мал за да ги разбереш. Приликите испаднаа како што ти не планираше
и јас не чувствувам никаква грижа на совеста.
ШУШУЛЕМЕНКО: Униформата ја направи на моја сметка. Кога ќе те фатам таму горе, ќе ти
ја напикам во газенцето и ќе ти ја извадам низ устата.
КРОМИДОВСКИ: Таква ти била судбината!
ВОЈВОДАТА: Џелату, врши ја својата должност!
Џелатот го зема Шушулеменко и му ја става јамката од бесилката на вратот.
ШУШУЛЕМЕНКО: Велев јас дека бесилката е за мене.
ВОЈВОДАТА: Прво арамиите, потоа Шушулеменко.
ЏЕЛАТОТ: Како сакате, Ваша Висост!
Џелатот го зема Какарела и му ја става главата на едно дрвено лежиште.
КАКАРЕЛА: Еј, што си наумил да ми правиш?
ЏЕЛАТОТ: Ќе те чукнам малку по главата!
КАКАРЕЛА: А зошто?
ЏЕЛАТОТ: Како зошто? Па за да примам плата!
КАКАРЕЛА: Имаш фамилија?
ЏЕЛАТОТ: Имам. Пет деца! Сите машки и идни џелати на Шушулеманија.
КАКАРЕЛА: Внимавај да не ме боли многу!
ЏЕЛАТОТ: Е, многу сум брз и прецизен. На крајот нема ни влакно да ти фали.
Џелатот крева еден огромен чекан и го удира Какарела по главата.
ЏЕЛАТОТ: Еј, како ти е сега?
КАКАРЕЛА: Што, како ми е сега? Уф, јас како да сум мртов?
ЏОЏО: Леле, кутриот Какарела. Сигурно отиде кај својата жена. Нема да му биде лесно со
неа.
ЏЕЛАТОТ: Ајде, сега ти си на ред.
ЏОЏО: Јас не сакам да ме погубите!
ЏЕЛАТОТ: По извршувањето на казната имаш право на жалба во рок од три дена.
ЏОЏО: Еј, што правиш?
ЏЕЛАТОТ: Ќе те чукнам малку по главата!
Викотници и пукања од далеку.
ВОЈВОДАТА: Кромидовски, што се случува? Каква врева е тоа на средсело??
Кромидовски излегува.
ВОЈВОДАТА: Брзо изврши ја казната, не можам да го гледам повеќе.
Џелатот му ја клава главата на Џоџо на лежиштето и го удира со чеканот. Џоџо паѓа
мртов. Пукотниците се зголемуваат. Доаѓа Кромидовски.
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Револуција! Членовите на Партијата на тепачите кренаа
револуција!
ВОЈВОДАТА: Па, што, нека ја носат каде што сакаат, ама ризницата да не ја гибаат!
КРОМИДОВСКИ: Но, тие ја зазедоа кралската палата. И ја запалија.
ВОЈВОДАТА: Хм, да ги оставиме малку да се издуваат, па ќе им помине. Џелату, врши ја
својата должност.
КРОМИДОВСКИ: Ваша Висост! Ама и Членовите на Партијата на борачите кренаа
востание! Го зазедоа централниот затвор и ги ослободија сите политички затвореници.
ВОЈВОДАТА: Па, што, нека го носат тоа нивно востание каде сакаат. Што е ова денес? Како
сите да сакаат да креваат резолуции и востанија! Да продолжиме со свеченоста! Ајде и
Шушулеменко да го испратиме на небо, па да одиме на ручек.
ШУШУЛЕМЕНКО: Ха, ха, што ако ме пратите на небо. Ама кога ќе дојдеш горе, ќе ти
напикам шајки во задникот.
Доаѓаат Тепачите од едната, а Борачите од другата страна, марширајќи и пеејќи.
ГЛАСОВИ: Да живее револуцијата! Да живеат Тепачите! Да живеат Борачите! Ураа! Да
живее востанието! Да живее револуцијата!
ВОЈВОДАТА: Каде е кралската гарда? Каде е гардата?
КРОМИДОВСКИ: Гардистите играат мижитатара! (Кромидовски го погодуваат.) Ме
погодија. Умирам.
ВОЈВОДАТА: Овие како сериознио да мислат да креваат резолуција и востание? Е, нема
друго чаре. Да бегам. Тука станува премногу жешко.
ШУШУЛЕМЕНКО: Еј, дојдовте да ме ослободите. Браво, браво. Моите ослободители.
Држете го Војводата. Фатете го, истепајте го, истуширајте го, изгмечете го!
ВОДАЧОТ (Б): Војводата е погоден! Војводата е мртов! Урааа! Победата е наша! Победата
е наша!
ВОДАЧОТ (Т): И вие кренавте револуција?
ВОДАЧОТ (Б): Прво ние кренавме востание, а после вие револуција. Значи, победата е
наша.
ВОДАЧОТ (Т): Не е ваша, туку е наша!
ВОДАЧОТ (Б): Добро, нека е ваша, ама данокот ќе биде намален на половина.
ВОДАЧОТ (Т): Не, не! Победата е наша, ние ќе ги намалиме цените.
ВОДАЧОТ (Б): А не, не може така, ние победивме. Ќе биде по наше!
ВОДАЧОТ (Т): Не, ќе биде по наше!
ВОДАЧОТ (Б): Победата е наша. Данокот на половина.
ВОДАЧОТ (Т): Цените на половина!
ЏЕЛАТОТ: Народот! Народот доаѓа. Народот наш, мачен, напатен и со гол газ бара човечки
правдини.
ШУШУЛЕМЕНКО: Мојот народ, моите ослободители. Мил мој народе. Било запишано во
ѕвездите Шушулеменко да остане крал на Шушулеманија. Ха, ха, ха! Повторно сум во
форма! Навали народе! Шушулеменко ви нуди девалвации, стабилизации! Илјада и едно
поскапување на цените, сто и едно зголемување на данокот! Тоа ви го обезбедува
Шушулеменко и компанија!
Војводата погоден се тетерави, паѓа врз бесилката и го турнува Шушулеменко, кој
останува обесен на бесилката.
ГЛАС: И Шушулеменко е мртов!
МУФЛУМУС: Сега одлучете што сакате!
ВОДАЧОТ (Т): Јас, господа, сум за парламентарна демократија!
ВОДАЧОТ (Б): Јас, другари, сум за народна демократија!
ЏЕЛАТОТ: Ами сега што? Што ќе правиме сега? Сега..
Сите заедно пеат и играат. Шарена гајда ишарана.. со монистра нанижана.. и ха, и ха..
ха..

КРАЈ

You might also like