You are on page 1of 31

Викенд на мртовци

Миле Попоски

ВИКЕНД НА МРТОВЦИ

1
Викенд на мртовци
ЛИЦА:
ТАСЕ, сопруг на покојната Ката
АТИНА, свекрва на покојната Ката
ТАЦА, сестра на покојната Ката
МИЦА, паштерка на покојната Ката, Тасина ќерка од вториот брак
ЦАНДЕ, пасинок на покојната Ката, Тасин син од првиот брак
ТОМИСЛАВ, брат на покојната Ката
НОНЕ, девер на покојната Ката, Тасин брат
РАЈНА, старица што капе мртовци
КИРЦА, молер
АЧКО, молер
ЛАДЕ, војник
ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР
НЕГОВА СЕКРЕТАРКА
МЕДИЦИНСКА СЕСТРА
КЛИМЕ, Охриѓанец
СВЕТЛАНА, негова ќерка
ЕЛЗА, Германка автоспоперка
ЕРНА, Германка автоспоперка

2
Викенд на мртовци

ПРВ ЧИН
Салон. Врати. Маса, фотелји, телефон, телевизор, огледала. Во моментот кога се крева
завесата на сцената се: Томислав, Атина и Таца. Сите во црни облеки. Томислав спие во
една од фотелјите. Атина и Таца како да вршат реконструкција на некој настан.
ТАЦА: Кога јас велегов – Ката, во бел фустан, со едната рака се потпира на ѕидов, со
другата мавта пред лицето: ја беше нападнал рој инсекти. Некакви црни, големи како мали
чавчки.
АТИНА: Што бладаш ти? Ката е веќе цел месец на болница во Скопје...
ТАЦА: Знам, мајко! Но со свои очи ја гледав овде. Ката крај ѕидов, а онде, под таван,
огромен црн пајак! А тој пајак – јас!
АТИНА: Тоа ти верувам!
ТАЦА: Чавките од бес го колваа дури и ѕидот. Гледам: ливнаа крвови од раката на Ката.
Ги подавам рацете за да ја спасам, а чавките јурнаа на моите раце. Мавтаат со крилјата,
колваат, се лепат, се плеткаат. Викам: Катоооо, Катооо... а таа – ништо. И гледам: преку
устата на Ката залепен огромен фластер... Само мавта со раскрвавените раце и вели...
АТИНА: Како вели, кога ете, велиш, фластер?! Тебе сешто ти се привидува! Не е чудо: си
заспала сред бел ден! Тоа ви е фамилијарно (Погледнува на Томислав.)
ТАЦА: (Во опсесија.) А ѕидов исколван од чавките? А крвта на моиве раце? Види, мајко!
(Ги подава кон Атина рацете, со раширени прсти како канџи.) И лепат! Уште лепат! (Оди
кон Атина со подадени раце.)
АТИНА: (Го крева бастунчето.) Бегај! Бегај, сатано!
ТАЦА: (Ја зема од масичката телеграмата од болницата, а телеграмата и се залепува
на рака.) Вака се лепеа и чавките!
АТИНА: Оди измиј си ги со сапун! Којзнае што си правела со нив! И доста бладање!
Работа нѐ чека!
ТАЦА: (Инсистира.) А телефонот, мајко?
АТИНА: Ти се сонило! Ти се присторило!
ТАЦА: Се јави Тасе од болница, од Скопје! Ене го в соба, прашај го Вели: „Ката е бомба!
За саат-два си тргам од Скопје, а за ден-два и Ката. Тасе уште не беше стигнал од Скопје,
дојде поштарот... (Плаче.) Телеграма! Од болницата јавуваат: „Ката умрела точно во 19
саатот...“ А кога стигна Тасе – весел, весел. Вели: „Тацо, има да честиш! Сестра ти Ката е
бомба!“ (Плаче.) Јас ја држам телеграмава в раце а тој целиот свети од радост. Вели: „Ката
е бомба! Пулс нормален, притисок нормален, уреа нормална, столица нормална, аеге
нормално, сѐ нормално! И те поздравува, Тацо! Вели: да ја потсуредите куќава, да го
варосате салонот... Вистина, види каков е: како чавки да го колвале... Тацо, вели, викнав
молери за утре, сакам сѐ да биде тип-топ за кога ќе се врати Ката. А ти, мори, вели, на што
личиш? Какви ти се рацете – како со мачки да си се гребела!“ (Атина се крсти.)
(Влегува Мица. Свежа, весела, џвака гума.)
АТИНА: Јави сегде?
МИЦА: Пола на пола.
АТИНА: (Замавнува со бастунчето.) Ќе ти ја располовам тиквата!
МИЦА: (Се правда.) Сезона на годишни одмори!
АТИНА: Никогаш да не се одморат! Луѓе умираат, тие... Девојки! Овде (Покажува со
бастунчето.) ќе ги составите двете масички, вдолж, за одар. На чело сликата од Ката,
онаа големата, во рамки... Околу столици. Телевизоров и огледалово да се покријат – не
чини покојницата да се огледа. Масло во кандилото! (Таца и Мица работат.) Мицо! А
расол за сарми?
МИЦА: Боже, бабо, колкупати ќе ти кажувам: расол ќе донесе стрина Павла.
АТИНА: А ако заборави?
МИЦА: Ако заборави – нека заборави...

3
Викенд на мртовци
АТИНА: Види ја мочка! Нека заборави! Кај си видела ти закоп без сарми? Знаеш ли ти
какви сарми имаше мајка ти на закопот? (Томислав грчи.) На овој сѐ му е токму!
ТАЦА: Па, мајко, цела ноќ патувал. Каде е Белград, каде сме ние.
АТИНА: Мицо, одма по расолот! Лично ти да го донесеш (Мица излегува.) Тацо, трчај по
кашкавал и лепчиња. Три кила кашкавал и педесет лепчиња, од оние тркалезните – знаат
тие, за на гробишта. Чекај! Прво измиј си ги рацете! Со тие раце не сакам да фаќаш.
(Ѕвони телефонот. Атина ја крева слушалката.)
АТИНА: Алоо!... Алоо!... Ништо не слушам! (Ѝ ја подава слушалката на Таца.)
ТАЦА: Алооо!... Алооо!... А, ти си Цанде!... Спие... Па уморен е... Мајко, се јавува Цанде
од Скопје, од погребалното. Разбуди го Тасета... (Атина влегува во една од собите.)
Цанде, немој да заборавиш!... Па ти си заборавил! Сува ми е пресушена... Кожата, море!...
Па, солеа крем! Те молам. Застани негде за час, набрзинка... Не можам да дишам без
солеа, сува ми е... (Влегуваат Тасе и Атина. Тасе целиот во црно ја зема слушалката.)
ТАСЕ: Алооо!... Алооо! Цандеее!... Ништо не слушам! Овој дошол од Белград овде да се
нагрчи!
(Таца го тресе Томислава.)
ТАЦА: Бате, бате! Оди спавај у собу!
ТОМИСЛАВ: Ко спава? (Пак заспива.)
ТАСЕ: Алоо!... Штоо?! Комплет?! Каков комплет? Ковчег комплет?! Сосе мртовец?! А на
Ката што ќе ѝ правиме?... А, комплет сосе чаршаф, прекривач, перниче...
АТИНА: Ката си има приготвено сѐ. Не ни требаат купечки!... Требаше овде да си купиме
ковчег! Овде продаваат само ковчег.
ТАСЕ: Кога овде? Ката умре синоќа, Цанде тргна взори, кога? На полноќ? (Во
телефонот, бесно.) Од најевтините, мајмун! Не закопуваме кралица... Нема поевтини?!
АТИНА: Нека не купува!
ТАСЕ: А Ката? Да ја чучне крај себе?... Не ти велам тебе, главуч! Ти навистина би ја
чучнал Ката крај себе и би ја врзал со ременот... (Вреснува.) Колку?!! Триесет милиони?!!
Чаршафот и друго вкупно 35 милиони?!! Ѝ велев да си се лекува дома, таа – не! Сакам во
главниот град! Како нашиве споредни градови да не можеа да ја умрат исто така убаво
како тие таму!... Немаат крстови?! Па Ката не е борец или член на Цека, главо!... Ѝ велев
да си се лекува дома...!!! Што?! Венци?! Не треба венци! Не закопуваме великан од
нашата револуција!
ТОМИСЛАВ: (Не отворајќи ги очите.) И ја сам против венци! Зошто од смрт да правимо
театар, спектакл? Природни цвеќиња. Смрт је природна појава.
АТИНА: Кај си видел закоп без венци, мисир! Како ќе ја закопаме без венци?
ТОМИСЛАВ: Подостоинствено одошто са венцима од пластике и тељ!
АТИНА: Безбожник! (На Тасе.) Венците одат напред... (Со восхитеност.) па поповите...
Барем три!
ТАСЕ: (Вреснува.) Три попа?!!... (Во телефонот.) Не ти велам тебе, тимбо! Ти и попови
би ни довлечкал од Скопје! А овдешниве ќе ги правиме пастрма?
АТИНА: Три венци, сине, не три попа.
ТАСЕ: (Во телефонот.) Венците спаѓаат во цената?... Не!... Два! Два венци, не два попа,
овцо!... И да знаеш: закопот е во два, немој да ми се довлечкаш во три – тебе ќе те
закопам... Што?! Текст?! Каков текст?!... Текст за венците?! Па напиши нешто, дрвце!
Препиши таму од некој готов венец – луѓе препишуваат цели книги... Што било... „Ти
пожелуваме сѐ најубаво во новата година...“ Пишувај кога ти велам, не е важно. Тоа и така
никој не го чита. На закопот луѓето само ги бројат венците... Пишувај! (Го затвора
телефонот.) Ѝ велев да си се лекува дома...
АТИНА: Синко... оди да купиш...
ТАСЕ: (Вреснува.) Што уште?! Што уште?!
АТИНА: Крст! Чу: немало таму... Зар без крст...?
ТАЦА: А ако и овде моментално немаат крстови...
4
Викенд на мртовци
ТАСЕ: (Бесно.) Ако немаат... две летви... (Ја испружува десната рака а левата налутено
ја прекрстува преку десната.)
ТАЦА: Ако нема...
ТАСЕ: Ако нема – нема! Јас да родам крст?
ТАЦА: Ако нема појди кај Радета... Оној што излезе од затвор... поради жена му
(Покажува со рака како ѝ го пресекол гркланот.) работи скришно дома, ноќе... Кога умре
татко ми, тој ни направи и ковчег и крст... ноќе... четиристотини илјади...
ТАСЕ: (Ја фаќа за гуша.) И ти дури сега ми кажуваш дека тој ноќе правел ковчези, чавко
црна?! (Ја турнува од себе и излегува.)
АТИНА: (Ја начекува со бастунот, кренат над нејзината глава.) Мисирко! (Таца бега од
неа.) Чекај! Оди да купиш... Три кила кашкавал, педесет лепчиња...
ТАЦА: (Излегува мрморејќи.) Педесет кила кашкавал, три лепчиња...
АТИНА: (Му приоѓа на Томислав, го тресе.) Одам кај Рајна, онаа што капе мртовци – да
не ни ја грабне некој. Сам си во куќава. (Атина излегува. Пауза. Тишина. Ѕвонење.
Томислав не се ни помрднува. Влегуваат молерите Кирца и Ачко. Во парталави
работнички комбинезони, распетлани, искашкани со бои, со капи од весници на глава.
Носат четки, канти, кофи, длета, мистрии, боја. Кирца на рамо и скала на
расклопување. Сѐ растоваруваат на масичињата за одар. Палат цигара, пушат, го
посматраат салонот, плукаат врз подот, се секнат затворајќи ја едната ноздра со
палец. Ачко ја виде фотографијата на масичињата, ја зема и ја гледа.)
КИРЦА: (Ги гледа ѕидовите.) Полигон!
АЧКО: Што?
КИРЦА: Ѕидовите. Како со воздушна пушка да ги дупеле.
АЧКО: А јас оваа би ја дупел! Би ѝ го свирнал двапати. Гледај! Еблеста, напупена... Вакви
женски сакам! Нежни...
КИРЦА: (Го посматра салонот. Го забележува Томислава, го гледа.) Па овој не е оној!!!
АЧКО: Кој оној?
КИРЦА: Оној што синоќа дојде кај мене да се договориме за работава.
АЧКО: (Го гледа.) Тој е.
КИРЦА: Откај знаеш ти! Не е тој.
АЧКО: Да не сме се бупнале во туѓ стан?
КИРЦА: Улица, број – сѐ одговара. И овде, гледај: сѐ подготвено. Масичиња, телевизоров
го покриле да не го испрскаме... Сѐ одговара.
АЧКО: (Му ја покажува фотографијата.) А газдарицава одговара?
КИРЦА: (Ја гледа.) Офуцана, како мртовец.
АЧКО: Еби си мајката, ти се разбираш во женски. Оваа офуцана!? Да ја боцнам јас малце
– ахаааа!
КИРЦА: А овој?
АЧКО: Тој? Него ни топови не го будат! (Му се свртува со грб и прднува двапати.)
КИРЦА: Како бастуни да истеруваш од газ!
АЧКО: (Гледа во фотографијата.) Не се гледа дали има цицки. А жена без цицки – еба ти
жената.
КИРЦА: Таа умира за тебе! Штом ќе те види, ќе ти се расчепати... Гледај си ја жена ти,
ѓубре! Имаш жена, жена и пол!
АЧКО: (Сомничаво.) Откај знаеш ти каква ми е жената?
КИРЦА: Ти стално ја фалиш: имам жена, жена и пол!
АЧКО: Лажам! (Во доверба.) Кога легнувам со жена ми, како да легнувам со брат ми.
КИРЦА: Не е грешката во жена ти, пувло! (Кирца му зборува од скали.)
АЧКО: (И тој се качува на скала.) Напучи ми ја овде сестра ти па ќе видиш колкава ми е
грешката.
(Кирца го зграпчува за гуша, Ачко прета, кркори, подзинува. Се оттргнува некако.)

5
Викенд на мртовци
АЧКО: Будала си ти! Ќе ме удавеше за сестра што ја немаш! Зар би ти рекол така да ја
имаш?
КИРЦА: (Како шеф.) Масичено крај ѕид и – работа! Ти земи го тој ѕид...
АЧКО: Како кокошки да го колвале!
КИРЦА: Флекување... грундирање... штемување!
АЧКО: Их, их...!
КИРЦА: Прво симнување на тапетиве! (Со едно движење на раката, одлепува цела
тапета и ја фрла на подот.)
АЧКО: Не очекував овде симнување на тапети.
КИРЦА: А што очекуваше овде? Да ѝ ги симнуваш гаѓите? (Покажува на
фотографијата.) Да не си зуцнал негде дека работиме под боледување...
АЧКО: Ќе ни го бричат!... Ме чуди што нема никого во куќава... ако не го сметаме овој
ќутук... Да извршам смотра! (Отвора врата по врата, ѕирнува сегде. Кога ја отвори
вратата од шпајзот свирнува.) Кирцааа! Три бакси пиво! Салама сечкана на резанчиња...
Сирење... Баклава... Овие како да ги чекале сите молери од нашето озете!
КИРЦА: (Полека слегува од скалата.) Фино се поставиле луѓето! Секоја им чест! Многу
значи кога ти ја ценат работата. Затоа, Ачко, на работа со срце! Ладно ли е?
АЧКО: Што?
КИРЦА: Пивото, акмак!
АЧКО: Не е во фрижидер... во бакси...
КИРЦА: Давај!
АЧКО: А баклава?
КИРЦА: Баклава после. Да поработиме.
(Ачко донесува две шишиња пиво, секој од нив вади од џеб отворач. Пијат, пеат некоја
песна.)
АЧКО: Нешто да покасниме?
КИРЦА: После. Сега стружење на ѕидовите па гипсирање...
АЧКО: Гипсирање?! Немој да се заебаваш! Не е ова палата од другарите на Водно.
КИРЦА: За мене е! Кога јас работам, работам па и колиба да е. Кофата в раце и вода!
АЧКО: Што ќе ти е вода?
КИРЦА: Да ги замиеме ѕидовите, инаку нема да фати бојата. (Ачко носи вода од кујната,
ги плискаат ѕидовите.) Дај сега гипс!
АЧКО: Ти навистина мислиш гипс?!
КИРЦА: А што мислиш ти: да замачкаме згора-згора и...
АЧКО: И до гледање!
КИРЦА: Е, во тоа е работата, што нема да биде до гледање, ами сиктер за секогаш. Ќе се
расчуе како работиме и – готово. Нам ни е ова лепчето, Ачко!
(Влегува Војник со војничка торба преку рамо, поздравува војнички удирајќи со
петиците.)
ВОЈНИК: Здраво!
АЧКО: Здраво, капетане!
КИРЦА: Ти... од куќава си? (Војникот ја врти раката лево-десно.) Ги познаваш
домашните?
ВОЈНИК: (Војнички.) Гииии позна-вам!
КИРЦА: Кој е овој?
ВОЈНИК: (Го гледа Томислава.) Не го позна-вам!
АЧКО: (Ја зема фотографијата.) Ја познаваш оваа?
ВОЈНИК: (Удирајќи со петиците.) Јааа позна-вам! Мајка ѝ на Мица!
АЧКО: На која Мица?
ВОЈНИК: Нааа Мица од – Тасе!
АЧКО: На кој Тасе?
КИРЦА: (Се фаќа меѓу нозе.) На... овој Тасе!... Работи!
6
Викенд на мртовци
(Ачко зема да работи и веднаш.)
АЧКО: Ти овде служиш?
ВОЈНИК: Воооо – Зе-мун!
АЧКО: (Останува со зината уста, му паѓа од рака четката.) Во Земун?!! (Свечено-
војнички како да вели: „И јас ѝ служев на татковината“.) И јас служев во Земун!... (Оди
со раширени раце кон Војникот.) Хе-хе! Хе-хе!... Хе-хе! (Се прегрнуваат.) Служев –
мадиња! Цела зима берев необрана царевка низ Војводина! Снег до колена, ветер шиба –
шта да ти причам!
(Влегува Мица со пластична кеса со расол.)
МИЦА: (Ја пушта кесата на подот.) Ладеее!
ВОЈНИК: Мицооо!
(Летаат еден кон друг, во прегратка. Се бакнуваат, се стискаат. Мица го влече
војникот во една од собите.)
АЧКО: Алал да ти е, бате!
(Војникот и Мица излегуваат. Ачко веднаш истрчува до вратата и ѕирка низ клучалката.
Така наведнат само подрипнува и се држи меѓу нозе.)
АЧКО: Кирца, не можам!... Влегувам и јас внатре!
КИРЦА: (Сегува од скалата и го трга од вратата.) Не прави се будала! Имаш жена и две
деца, мрш! (Го турка од вратата.) На работа! (Ачко се отима, сака да гледа.) Мрш!
Воајажер еден! (Го истуркува и веднаш самиот клекнува да ѕирне.)
(Влегуваат Атина и Рајна. Атина напред, Рајна по неа. Кога го здогледува кршот и
молерите, Атина нагло застанува и веднаш се свртува.)
АТИНА: Сме се бупнале во туѓа куѓа, Рајно. (Тргнува да излезе. Пак нагло застанува. Не
се врти одеднаш, размислува секунда-две. И нагло се свртува, го гледа Томислав, потоа
сѐ околу. Со шепот, со ужас.) Боже! Господи боже!
КИРЦА: Тоа е тоа, мајко! Ама нека не те буни. Ова треба да се очекува од првата фаза на
нашата работа. Одлепување тапети, стружење на ѕидовите, миење, гипсирање...
АЧКО: Д’ извините, ама овде чавки ги колвале ѕидовите...
КИРЦА: Не губи волја за живот, мајче. Кога ќе бидеме готови, е, тогаш кажи: чини, не
чини... Ние, се разбира, можевме да замачкаме, да премачкаме, да намачкаме, ама луѓе
сме, плаќате чесно... Сте ни приготвиле три бакси пиво, салама, баклава...
АЧКО: (Подава четка.) Првата четка ќе ја удриш ти, мајко. Ко сечење лента...
АТИНА: (Се врти кон иконата, се крсти.) Господи боже! Мајко Параскево... (И нагло,
отсечно оди кај Томислав и со бастунот го репнува по рамо, тој срипува.) Што е ова?!
Што е ова, гнасо божја?!
ТОМИСЛАВ: (Срипува и бега од бастунчето на Атина.) Молери! Зар ниси чула Тацу: ги
викнал Тасе... Флекување, грундирање, штемовање...
АЧКО: Па, мајче, ќе работиме или ќе дискутираме?
АТИНА: Мачки да ве јадат! Се влегува ли така во празна куќа, куќа да не видите, господи
боже!
АЧКО: Па не е баш празна, мајко. Овој овде... оние двајцана таму...
(Атина јурнува кон покажаната соба, ја отвора вратата, влегува внатре. Однатре
веднаш се разнесува крик на Мица, а потоа шум на удари од бастунчето на Атина. Од
собата истрчуваат Мица и Војникот. Фрапантно црвени во лицата, ушите и вратот,
разбушавени, полуоблечени, со дел од облеката в раце. Мица прва втрчува во клозетот и
ја затвора вратата. Војникот застанува пред вратата со лице кон ѕидот и така се
облекува. Атина бесно удира со бастунот по кантите, по подот, по молерите. Кирца го
фаќа бастунчето пред да го удри.)
АЧКО: Па ова станува сериозно! Што те прифатило, дрто бабиште?! Што уште молер
нема да доживее!... И што имам јас со тебе! Каде е газдата? Тој синоќа ме молеше, на
клепки ми се обеси: плаќам, не прашувам, само и само салонот да биде тип-топ... А сега го
нема!
7
Викенд на мртовци
(Влегува Таца со кошничка полна со лепчиња и кашкавал.)
ТАЦА: Мајко, кашкавалот е одли... (Крикнува.) Леле! Леле!
КИРЦА: И оваа!!! Луда куќа, еба ти куќата! Ќе нѐ остават ли да работиме, пелените ваши
женски?! Каде е газдата?
АТИНА: (И таа вика.) По крст! Мртовец имаме во куќава! Мртви и ладни...
(Ачко и Кирца се здрвуваат. Веднаш им станува јасно: покриениот телевизор, трите
бакси пиво и друго. Збунети.)
КИРЦА: Не гледам никаков мртовец, мајко. Сите сте здрави и живи...
АТИНА: (Покажува со бастунчето на фотографијата.) Еве го мртовецот! (Ачко веднаш
го покрива лицето со дланки и бега во еден ќош. Кирца оди кај него и му шепоти луто.)
КИРЦА: Мртовец!
АТИНА: За саат-два доаѓа...
КИРЦА: Газдата?
АТИНА: Мртовецот!
КИРЦА: (Се стаписува.) Мртовецот доаѓа?!... За саат-два?!!
(Додека тие разговараат, Таца ја остава кошницата и тргнува в клозет. Ја отвора
вратата и веднаш вреснува, по репликата на Кирца.)
ТАЦА: Ааааа!!! Војска, мајче! Окупација!!!
(Влегува Тасе со крст в рака, го гледа кршот и тргнува назад.)
ТАСЕ: Пардон! Сум ја утнал...
КИРЦА: (Го препознава.) Газда!!!
ТАСЕ: (Се свртува. Се чукнува по чело.) Молерите!!!
КИРЦА: Молерите! Дојдовме како што се договоривме, а овде... во какви услови... Ќе нѐ
линчуваа...
АЧКО: А ние плус на боледување...
КИРЦА: (Гримаса да ќути.)
ТАСЕ: Јас сакав салонов за жена ми... Беше бомба... дојде телеграма од болницата,
умрела... закопот во два...
КИРЦА: Сето тоа убаво и фино... ама ние... нам ни пропадна денот...
ТАСЕ: (Му го дава крстот на Ачко и вади пари од џеб и му брои на Кирца. Ачко шмрка,
божем плаче и гледа во парите.)
АЧКО: (Низ плач.) Уште сто! (Тасе додава уште сто илјади.)
КИРЦА: (Ги држи парите в рака, ги гледа, незгодно му е.) Ние... вие...
АЧКО: (Му помага.) Вие закопајте ја... ние ќе дојдеме... ова...
КИРЦА: Нема збор! (Му подава рака.) Нека ѝ е лесна црната земја!
(Кирца и Ачко на сите им изразуваат сочувство. Ачко му подава рака и на Кирца и му
вели.)
АЧКО: Другпат кога ќе договараш работа прво распрашај се дали имаат мртовец дома. А
ти, мршоебец, не нафрлај се на мртовци: згодна, еблеста. (Си ги собираат работите и
излегуваат. Сите се зафаќаат да расчистуваат. Тасе го остава крстот кај одарот и
тргнува кај клозетот.)
ТАЦА: Тасе, зафатено е. Војска!
МИЦА: (Гневно на Таца, кривејќи се.) Војска!... Тате, Ладе! Го знаеш... мојот... На
отсуство е...
ТАСЕ: На отсуство овде?!!
ТАЦА: (Го гледа крстот.) Тасе, зошто овде не пишува „ОВДЕ ПОЧИВА“.
ТАСЕ: А зошто да пишува? Нема веројатно на гробишта да игра кошарка!
(Од клозетот излегува војникот. Се спастрил, се дотерал. Го поздравува Тасета
војнички.)
ВОЈНИК: Војник Ладе Тепајмајкоски, воена пошта три три три три.
ТАСЕ: Ти кај служиш?

8
Викенд на мртовци
ВОЈНИК: (Војнички.) Во Зе-мун!... Служам мадиња! Збирам царевка... снег шиба, ветар до
колена...
ТАСЕ: Одлично! Јуришај и понатаму од победа во победа!
АТИНА: Не бој се, јуриша тој и натаму и наваму! (Покажува на Мица. И веднаш ѝ вели.)
Оди да купиш три шишиња вино!
(Мица излегува. Атина вади од некаде црн сатен и ги покрива двете масички. Телефонот
ѕвони. Тасе ја зема слушалката и веднаш побеснува.)
ТАСЕ: Ама ти уште не си тргнал од Скопје?!! Знаеш ли дека закопот е во два?... Па кога
знаеш?!!... Што?!!! Пајакот?!!! Па ти си идиот!!... Крем?!!!
ТАЦА: (Промрморува.) Солеа... Сува ми е...
ТАСЕ: (На мајка си.) Овој како в газ да е правен! Паркирал во центарот на градот, на
најпрометната улица. И – пајакот!
АТИНА: Кој пајак? Што пајак?!
ТАСЕ: Му ги однесол фиќото!
ТАЦА: (Со ужас, на Тасе.) Пајак?! Црн, голем?!
ТАСЕ: (Ѝ врекнува.) Нее! Бел, мал, олкунѕав!
(Втрчува Мица со три шишиња вино.)
МИЦА: Тате, доаѓаат!!!
ТАСЕ: Цанде и Ката?! Невозможно! Сега раз...
МИЦА: Твојот директор со секретарката!
(Сите се растрчуваат да го средат салонот. Донесуваат некоја тепсија со песок,
закачуваат свеќи, ги запалуваат, пред Катината фотографија ставаат букет цвеќиња.
Влегуваат директорот со секретарката. Ги оставаат цвеќињата на одарот, се
поклонуваат. Директорот му приоѓа на Тасе, се прегрнуваат, божем го бакнува
трипати.)
ДИРЕКТОР: Тасе, сите ќе умреме! Некој порано, некој после! Никој не живее вечно!
ТАСЕ: Да знам, другар директоре!
(Секретарката истото го прави со Тасе.)
СЕКРЕТАРКАТА: Тасе, сите ќе умрете! Некој порано некој сега!
ТАСЕ: Знам, сега ми кажа директорот.
(Директорот со раце меѓу нозе, се поклонува пред фотографијата.)
ДИРЕКТОР: Нека ѝ е црна земјата... односно лесна црната земја!
СЕКРЕТАРКА: Нека ѝ е!
ТАЦА: (Писна.) Леле, Катооо!
ТАСЕ: Псст!
(Тасе ги поканува да седнат. Тие седнуваат крај одарот. Директорот го вади саатот од
рака и го става пред себе на одарот. Секретарката вади нотес и писалка и ги става на
одарот, целата е на готовс.)
ДИРЕКТОР: (Љубопитно.) Па, другари, како се случи ова?
АТИНА: Едни молеришта! Бездари! Апаши!
ТАСЕ: Пссст!
ДИРЕКТОР: Мислам... од што умре другаркава Маре?
ТАСЕ: Ката.
ДИРЕКТОР: ... другаркава Ката?
ТАЦА: (Низ плач.) Од ништоооо!
ТАСЕ: Псст! Од ништо!... Нешто со срцето... Друго сѐ здраво. Докторот вели: Не бој се –
на нервозна база е. Додека е жива, ќе ја служи срцето, после не е важно! Само нека не
гледа телевизија!
СЕКРЕТАРКА: Јас без телевизија не можам да живеам, хи-хи!
ТАЦА: (Низ плач.) И Ката не можеше...!
ТАСЕ: Псст! И Ката не можеше, па ѝ се влоши болеста па моравме да ја експедираме на
болница...
9
Викенд на мртовци
ДИРЕКТОР: Во Скопје?
ТАЦА: (Низ плач.) Не. Овде.
ТАСЕ: Псст! Не. Овде.
ДИРЕКТОР: Овде умре?
ТАЦА: (Низ плач.) Не. Во Скопје.
ТАСЕ: Псст! Не. Во Скопје.
ДИРЕКТОР: (Прави мала пауза.) Ова ѝ е првпат?
ТАСЕ: Прв и последен. Досега ова ѝ се нема случено!
ДИРЕКТОР: Има луѓе... по трипати...
ТАСЕ: Умираат?!!
ДИРЕКТОР: Ги удира... па ништо...
ТАСЕ: Не ги удрил мајсторот...
ДИРЕКТОР: Молам?
ТАСЕ: Калфите ги удирале...
(Ѕвони телефонот. Слушалката ја крева војникот.)
ВОЈНИК: Молам?... Бараат некој директор на Лоповпром.
СЕКРЕТАРКА: Локалпром!
ДИРЕКТОР: (Ја зема слушалката.) Даа!... А, ти си Љупчо!... Да, да... што?!! Сигурен ли
си?... Со свои очи си видел?! Аааа! Млекото мамино, тоа да им кажеш!... Само нека
писнат, само нека писнат!... Што?! И таа?!!... Ќе си го најде таа внатре!... Кој? Кој?... Аха,
аха... Кој, кој?... Аха, аха... Е, вака – речи им сега ќе дојдам и сите ќе ги еб... (Се
поткаснува. Ја остава слушалката. Сите ги погледнува и ги шири рацете во смисла на
извинување.) Нешто од комититетот... (Седнува на своето место.) Па, другари, кај
застанавме?
ТАСЕ: Сега ќе дојдам и сите ќе ги еб...
ДИРЕКТОР: (Покажува на Катината фотографија.) Мислам со другаркава...
ТАСЕ: Ја однесовме во главниот град...
ДИРЕКТОР: (Го гледа саатот.) Фино!
ТАСЕ: Фино, не велам – главен град! Ја ставија в кревет само со уште една болна, и тоа од
Крива Паланка. Никогаш ни јас ни Ката не сме биле во Крива Паланка и сега во кревет со
крива паланчанка. Една така со висока температура – чури целата. Таа чури а јас гледам:
подот бетонски, стаклата на прозорците испокршени, вратата не се затвора, лебарки, муви
и глувци си шетаат и уживаат, болните пушат, транзистори јачат...
ДИРЕКТОР: Фино!
ТАСЕ: Фино, не велам. А докторот вели: „За бетонов и стаклава не бој се, со оваа врела
кривопаланчанка нема да настине, напротив, ќе ѝ биде како во Дебарска бања... Само кога
би имале фластер да ѝ ја затнате устата...“ „Другар докторе“, му велам, „Ката моја е
воспитана жена, нема ни да вреска, ни да пее...“ „Ма нека пее ако ѝ се пропее. Фластерот е
за да не ѝ влезе некоја лебарка или глувче в уста додека јаде или спие...“
ДИРЕКТОР: Фино!
ТАСЕ: Фино, не велам. А вчера ме викнаа итно на болница. На Ката ѝ требало крв. Секоја
капка живот значело! Морам јас да дадам моја крв, за тие на Ката да ѝ дадат туѓа крв. Крв
за крв, знаете. Дадов моја крв, ѝ дадов тие на Ката туѓа крв, а докторот ѝ го пипа пулсот.
Вчера тоа. Попладне во седумнаесет саатот. Го пипа докторот пулсот и вели: „Па Ката
ваша е бомба! Кога сите пациенти би биле вакви! Пулс нормален, температура нормална,
уреа нормална, столица нормална, аеге нормално, сѐ нормално!“ Штом сѐ нормално, си
тргнав за дома (Влегува Мица со послужавник со кафе. Ги послужува.)
ТАЦА: (Низ плач.) Тасе уште не беше стигнал од Скопје...
ТАСЕ: Псст! Тасе уште не... Јас уште не бев стигнал од Скопје, дошол поштарот.
Телеграма. „Катерина Стопаревска умре во 19 часот“. Значи, другар директоре, докторот ѝ
го мереше пулсот точно во 17 саатот, јас си тргнав од Скопје точно во 18 саатот. Ката
умрела точно во 19 саатот. Сѐ по ред како по конец!
10
Викенд на мртовци
ДИРЕКТОР: Фино!
ТАСЕ: Фино, не велам!
ТОМИСЛАВ: Ништа не умире, само се мења, рекол Еврипид.
ТАСЕ: (На Томислав, луто.) Ај речи ѝ на Ката нека ни свари по едно кафе ако ништа не
умире!
ТОМИСЛАВ: Свашта!
ДИРЕКТОР: (Го зема часовникот од одарот, станува.) Сѐ е добро што добро ќе сврши!
(Го става часовникот на рака.)
ТАСЕ: Нема да ја почекате Ката?
ДИРЕКТОР: Не можам. Чу, (Покажува на телефонот.) имам состанок во комитетот.
Другпат.
(Втрчува Ноне, и тој сиот во црно, и каскет црн на глава.)
НОНЕ: Бате, готово! Еве потврда за закуп на земјиште!
ТАСЕ: Земјиште?! Ти да не си барал локација за куќа?
СЕКРЕТАРКА: Така оние од гробишта го викаат гробното место, хи-хи... Кога умре тате...
НОНЕ: Гробното место два милони, копањето на гробот два, цирка четири милиони...
(Додека Ноне реферира Мица го носи послужавникот в кујна, му шепнува нешто на
војникот и влегува во шпајзот а веднаш по неа и војникот.) Само, бате, да знаеш: закопот
е во дванаесет саатот!
ТАСЕ: (Незаинтересирано.) Чиј закоп?
НОНЕ: На Ката!
ТАСЕ: (Врекнува.) Па ти си будала! Како во дванаесет?! Колку е сега? Единаесет и
дваесет! Кого ќе закопуваш во дванаесет? Јас ти реков во дванаесет или во два?
НОНЕ: Ти што ми рече е едно, а ситуацијата на теренот друго! Таму – сѐ зафатено!
ТАСЕ: Зафатено?! Па тоа е театар или гробишта?
НОНЕ: А ти мислиш само Ката твоја умрела на денешен ден? Умреле луѓе, бате, пред
Ката, си добиле подобар термин!
АТИНА: Кога изумреа толку луѓе?! Што чекаме, Рајно, јас и ти? Се туркаат и за таму како
за млеко. Да побрзаме дури има место горе!
ТАСЕ: Готово е, мајко! Сѐ е зафатено, распродадено, пополнето, резервирано. Во рајот,
мајко, нема место!
АТИНА: Толку мртовци а нема камбани?!
НОНЕ: Не мора камбани, мајко! Борци, функционери...
ТАСЕ: Да имавме толку борци колку мртовци, војната ќе завршеше пет години порано!
НОНЕ: Со свои очи видов: шест мртовци пред Ката.
ТАСЕ: Те водеа да ги видиш?!
НОНЕ: Како водеа? Ми покажаа список!
СЕКРЕТАРКА: Список?! Зелен?!
НОНЕ: Зелен, со црни линии.
СЕКРЕТАРКА: Ист список на сите им покажуваат! Во петок, сабота и недела, ако имаат
само по еден мртовец, тие го покажуваат зелениот список со шест мртовци – не сакаат да
се ганѕаат со еден мртовец и попладне. Во дванаесет и – го затвораат дуќанот.
ТАСЕ: А оние шест мртовци?
СЕКРЕТАРКА: Тие се фиктивни мртовци. Измислени. И нам ни го покажаа тој список.
Беше сабота. Ние... (Почнува да плаче.) сакавме тате да си го закопаме во два саатот, тие –
не! Во дванаесет и – точка!
АТИНА: Цревата да им се точкаат!
(Директорот ѝ вели на секретарката.)
ДИРЕКТОР: Ѕвони во погребалното!
СЕКРЕТАРКА: (Врти број.) Ало! Погребално претпријатие „ПРЕРОДБА“? Ве молам
директорот. Овде секретарката на ЛОКАЛПРОМ. Го бара нашиот генерален директор...
Повелете! (Му ја подава слушалката на директорот.)
11
Викенд на мртовци
ДИРЕКТОР: Алооо!... Јас, јас... А ти?... Мммм!... Мммм! Мммм! (Се смее.) Можат да ни
се фатат за... Мммм!... Мммм!... Аха, во врска со смртта на другарот Тасе! (Тасе
подрипнува.) Во врска со другарката на другарот Тасе...
ТАСЕ: Ката.
ТАЦА: Сестра ми Ката.
ДИРЕКТОР: Сестра ѝ на Ката... Средете за термин... Јавете ми преку Тасета! (Ја остава
слушалката.) Можете да ја закопате кога што сакате!
(Сите аплаудираат, викаат, весели: Браво, браво!)
ТАСЕ: Ката ова нема да ви го заборави.
(Директорот и секретарката тргнуваат да излезат. Директорот веќе е излезен,
секретарката се враќа, на Тасе.)
СЕКРЕТАРКА: Да ја закопате во три!
ТАСЕ: Зошто во три?!
СЕКРЕТАРКА: За инает! (Излегува. Сите победоносно се погледнуваат.)
НОНЕ: Бате! Бате! Ќе падне закоп, закоп и пол! Каков што ни една твоја жена не
доживеала!
ТАСЕ: Ќе ја закопаме – во – четири! Кроце-кроце! Маме нивно разбојничко! Зелен
список! Ќе позеленат од јад, мртовците нивни! Мицо, кафе за сите, јас плаќам!
(Пауза мала, сите тријат раце од задоволство.)
НОНЕ: Бате!
ТАСЕ: (Нежно.) Кажи, бате!
НОНЕ: Од Внатрешни не даваат дозвола за закоп... (Пауза, тишина.) Од СВР не даваат
дозовола за закоп. Велат: вие така можете и жив човек да закопате...
ТАСЕ: (Врекнува.) Тие можат жив човек да закопаат! Ние крв проплакуваме мртовец
додека да закопаме!
ТОМИСЛАВ: Да не сакаат Ката лично да поѓе по дозволу? Са двајца сведока?
НОНЕ: Бараат отпусна листа од болницата и спроводница. Другото сѐ е готово!
АТИНА: Како готово?! А расол за сарма?... Мицо! Каде е Мица? Мицо! (Мица излегува од
шпајзот, црвена, разбушавена.) Што правиш таму?
МИЦА: Сечам... кашкавал... за лепчињата...
АТИНА: По на ситно! Рап-рап! Да има за сите... (Мица пак влегува во шпајзот.)
НОНЕ: Бате, сѐ друго готово: гробари, кола, камбани, попови...
АТИНА: Кои попови?
НОНЕ: Попови! Двајца... (Камбаните почнуваат да бијат.) Еве ги! Слушајте! (Тој слуша
со уживање и мавта со главата по такт на камбаните.)
АТИНА: Те прашувам: кои попови?
НОНЕ: Православни, не се оџи, не бој се!
ТАСЕ: (Изнервиран.) Што запна ти: кои попови, па кои попови! Какви сака нека бидат –
не ги купуваме за стално! Црни, со брада, со мантија... Има ли инакви попови?
АТИНА: (Упорно.) Кои попови? Млади ли се? (Додека тие разговараат Војникот и Мица
излегуваат од шпајзот.)
НОНЕ: Од каде да знам! Не им ги гледав забите. Не се наредени на излог, па да речам:
завиткајте ми ги овие двајца!
ТАСЕ: (На Атина.) Млади! Па зар ние земаме курви па да бараме млади? И баш ти запна
за млади, антико!
АТИНА: (Удира со бастун на одарот.) Ајде сега па не расцепи им ги празните тикви! Јас
сум барала млади попови! Јас барам стари попови! Младите попови од школа се излезени!
ТАСЕ: Па од школа! Ти сакаш попови од затвор? Го имаше и тоа по војната кога никој не
сакаше да оди во попови. Ама помина тоа! Денеска школа се бара! И господ не сака
неписмени во своите редови. Насочено образование.
АТИНА: Овие млади попови, од школа, сите се комунисти!

12
Викенд на мртовци
ТАСЕ: Па нека се! Нема сигурно на Катиниот гроб да го читаат Комунистичкиот
манифест!
АТИНА: Ќе пропеат згора-згора алелуја, вечнаја памјат и трчаат по други мртовци, ги
знам јас!
ТАСЕ: Баш ја боли сега Ката дали ќе пропеат вечнаја памјат или „Пут путујем“ (Гледа на
часовникот.) Единаесет и пол! Каде е тој мисир? Ако не стигне...
ТОМИСЛАВ: Ќе га одложимо погреб.
ТАСЕ: Јааа! Во Белград ги одложувате закопите? Нема кворум и...
ТОМИСЛАВ: Па кога ќеш да закопаш ако не стигне?
ТАСЕ: Него! Жив!... Солеа!
МИЦА: Сега се на Плетвар!
АТИНА: Ти си виде на газот! (Мица се исплазува и заќутува.)
РАЈНА: Алекса мој кога умре...
(Бучење на мотор на фиќо, потоа сирена неколкупати.)
СИТЕ: Цанде!!!
ТАЦА: Леле, Катоооо, сестро златнаааа! (Камбаните бијат јако.)
АТИНА: (Покажува со бастунот на Ноне, Војникот и Томислав.) Ти! Ти! Ти! Одете да го
внесите ковчегот! (Тие излегуваат.)
РАЈНА: (На Тасе.) Алекса мој кога умре...
ТАСЕ: (Нервозен.) Алекса твој кога умре господ одеше поземи: дваесет динари ковчег –
да умираш и да пееш!
(Камбаните заглушително бијат. Ноне, Томислав, Цанде и Војникот го внесуваат
ковчегот. Атина со бастунчето командува, Таца пишти. Го ставаат ковчегот на
одарот и како по команда сите писнуваат да тажат, да кукаат, секој на свој начин,
некој дури изгледа како да се смее. Таца тропа на ковчегот и вика: „Стани Като, стани,
сестро!“ Рајна се крсти.)
АТИНА: (Најприсебна.) Гревота е да се плаче над неискапан мртовец. Мицо, топла вода и
крпа! Тацо...
РАЈНА: (Во својот елемент, и таа командува сега.) И миризлив сапун! И ножици! На
мртвите многу им растат ноктите. И косата, ама ноктите – дибидус! Алекса мој кога
умре...
ТАСЕ: (Гледа на саатот.) Нема време за капење! (На Рајна.) Нема оние горе да ја
мирисаат! Другпат, мајче, ти ветувам. Едно капење ти следува – ќе се преженам и...
РАЈНА: (Ја фаќа за рака Атина.) Гревота...
АТИНА: (На Ттасе.) Пет минути, сине! (На другите.) Вадете го капакот!
ТАЦА: (Плеска дланка од дланка.) Леле, Катооо! Лелеее! (Го вадат капакот и Таца
просто се фрла на мртовецот.) Леле, сестро, зар ваква да те видааам! Оваа не е Ката!
(Штама. Сите го гледаат мртовецот, камбаните бијат.)
АТИНА: Не е Ката!
НОНЕ: Не е Ката!
ТОМИСЛАВ: Свашта!
ТАСЕ: Не е Ката! (И го погледнува сина си Цанде како да ќе го изеде, Цанде се стуткува
целиот.) Па слеп ли беше, веленцето твое!? Ти ја тутнале оваа! Си ја промашил мајка ти!
(Цанде се доближува до ковчегот и ја гледа покојницата, ја споредува со
фотографијата.) СЕГА ја студираш?!! Ова ли е тој комплет за 35 милиони?! Ова?!!
(Удира со рака на ковчегот.)
ЦАНДЕ: (Се присетува.) Влегов во мртовечницата... (Сите го следат внимателно како да
очекуваат решение.) Полно мртовци, покриени со бели чаршафи... Стапалата ѕиркаат голи
и боси и бели...
ТАСЕ: И си ги одбрал стапалата на оваа?! Или сама се мушнала во
триесетипетмилионскиот ковчег?!
ЦАНДЕ: (Продолжува да се присетува.) Околу мртовците крв, смрдеа...
13
Викенд на мртовци
ТАСЕ: А што очекуваше ти во мртовечницата?! Ливади, темјанушки, пеперуги, пчели...?!!
ЦАНДЕ: Почнав да повраќам...
ТАСЕ: И ти ја спакувале оваа!!!
ЦАНДЕ: Отидов горе... во канцеларијата, по документи. Кога се вратив, Ката беше веќе во
ковчегот...
ТАСЕ: Ката?!
ЦАНДЕ: Тоест оваа.
НОНЕ: (Авторитативно.) Требало да извршиш проверка на содржината на ковчегот!
Анализа на артиклот – работиш во набавна служба! Зар примаш стока наслепо?
ЦАНДЕ: Од каде да знам дека мртовци подметнуваат, мешаат!
АТИНА: Тие. СЀ мешаат! И живи бебиња во породилните домови! Зар на Ратка од
Небрежанине не ѝ тутнаа туѓо бебе? Цели три месеци го доеше...
ТАСЕ: Добро што оваа не бара доење!... Ѝ велев да си се лекува дома...!!! (На Цанде
луто.) Докумените! (Цанде му ги дава.) Документиве точни! Катерина Стопаревска,
моминско презиме... родена... Родена! Таа мртва, тие – родена!
НОНЕ: Бате!!! Со документиве ќе добиеме дозвола од Внатрешни за закоп!!
ТАСЕ: И со дозволата да си го избришеш газот! (Ноне навреден.) А кого ќе закопаш,
мисир?! Оваа?!
(Сите заќутуваат, камбаните бијат. Одеднаш Тасе решително го зема телефонот,
врти. Во истиот миг во еден од предните агли кај просцениумот се пали светло:
масичка, телефон, медицинска сестра во бел мантил. Бремена е, мантилот на мевот
зинал, не може да се запетла. Ѕвони телефонот, таа не брза да ја крене слушалката,
џвака, се прозева, се чеша по мевот.)
ТАСЕ: Алооо!... Алоо! Болница! Алоо!
СЕСТРА: (Ја крева слушалката и пее.) Болницааа!
ТАСЕ: Овде Стопарески Тасе! (Сестрата прави гримса: големи јајца!) Мажот на
покојната Ката... Катерина, од соба број два... во клозе... до клозетот... Онаа во креветот со
болната од Крива Паланка...
СЕСТРА: (Се проѕева.) Аааа! Врне ли во Крива Паланка?
ТАСЕ: (Вреснува.) Сте ни спакувале туѓ мртовец изутрина!!!
СЕСТРА: (Со насмеано лице, весело.) Пааак?! Хи-хи-хи!!!
ТАСЕ: Што „пак“?! Како „пак“?!
СЕСТРА: Пуста Стојна! Пак ги заборавила очилата! (Тасе ја остава слушалката и
заплашувачки тргнува кон сестрата, а по него и сите други. Прават круг околу
сестрата. Сестрата седнува им се обраќа на сите весело.) Кога Стојна ќе си ги заборави
очилата ништо не гледа. И се знае што следува: ги помешува муштериите!
ТАСЕ: Муштериите?!! Кои муштерии?!
СЕСТРА: Кои муштерии! Мртовците во мртовечницата! Нејзе низ раце дневно ѝ
поминуваат булуци мртовци. Сите исти – сериско производство. А плус Стојна без очила!
Не ѝ е лесно, да знаете! Нам ни е полесно...
ТАСЕ: Нам? Кому „Нам“?
СЕСТРА: Нам – на другиот медицински персонал што работиме со живи мртовци... живи
болни... Како се вика, рековте?
ТАСЕ: Кој?
СЕСТРА: Таа, вашата.
ТАСЕ: Катерина Стопареска, соба број два, кревет број еден...
СЕСТРА: (Отвора тетратка, гледа. Сите се наведени над тетратката.) Интересно...
Очигледна грешка... (Весело.) Знаете ли дека вашата е во Охрид! (Се чеша по мевот.)
(Експлозија на радост кај сите.)
ТАСЕ: Ката во Охрид!!! (Сите се повлекуваат, се прегрнуваат, си честитаат, некој
свирнува силно со уста.)

14
Викенд на мртовци
СЕСТРА: (Во слушалка.) Ало, ало! (Ја затвора слушалката, светлото се гаси во тој
агол.)
ТАСЕ: (Целиот сјае.) Ама ми рече мене докторот: „Ката ваша е бомба! Бомба! Пулс
нормален! Притисок нормален! Уреа нормална! Столица нормална!
ТАЦА: Аеге нормално!
ТАСЕ: Аеге нормално, сѐ нормално!“ (Ужива, ја штипнува Мица за образ.) Ја пратиле на
интензивна нега во Охрид! Не знам дали знаете: во Охрид има болница за... каква болница
– првокласен хотел, за срцевите болни. Еден месец така и – дома!
ТАЦА: (Ги брише солзите радосници.) Кутрата Ката! Пекаше Охрид да види, Струга да
види!
ТАСЕ: Има да ѝ направиме посета уште утре! Уште денеска! Цанде стегај го фиќото! На
викенд во Охрид! Мицо, трчај по лимони и портокали! Рајно! Извини! Остана ти без
мртовец! Ти следува еден – зборот е збор!... Да прашам точно во кој хотел е Ката. (Врти
на телефонот, светлото се пали.)
СЕСТРА: Болницааа!
ТАСЕ: (Весело, и тој како сестрата пее.) Пак јааас!... Мажот на Катерина Стопареска,
соба број два, кревет број еден... Рековте во Охрид. Кога би ни кажале во кој хотел е...
(Шеретски.) ако не е тајна... Сакаме да ја посетиме, понадица да ѝ однесиме...
СЕСТРА: (Џвака.) Нема потреба!
ТАСЕ: (Го остава телефонот и оди кај сестрата, по него сите.) Знам јас, сестро, дека е
на строга диета... ама малку портокали, це витамини, нема да бидат на одмет...
СЕСТРА: (Со досада, ним директно.) Боже, другар, таа мртва, вие це витамини!
ТАСЕ: Мртва?!! (Пауза.) Па како талнала мртва во Охрид?!! Јас жив не сум бил...
СЕСТРА: Боже, другар! Па ви реков: Стојна си ги заборавила очилата – на охриѓаните им
ја спакувала вашата покојница, а вам нивната, тоа е барем јасно.
ТАСЕ: А сега?
СЕСТРА: Што сега, не ве разбирам.
ТАСЕ: (Вреснува.) Што да правиме со туѓиов мртовец?!
СЕСТРА: (Полека, со досада.) А тоа? (Се чеша.) Па... другар... туѓ мртовец имаат и
охриѓаните... А тие колку што знам јас, не прават прашање од тоа... Мртовец е мртовец...
Но...
ТАСЕ: Но?!
СЕСТРА: Ако толку сте запнале да го имате баш вашиот мртовец лично еве ви ја нивната
адреса... (Им диктира од тетратката.) Глупчев Климе, улица Караорман, број 23,
телефон 32-225. Извршете размена. Ние, важно, се раздолживме од мртовците. (Сите
тргнуваат, таа вика.) Другар! Немојте да бидете груби со охриѓанката... (Со досада.)
Малку пиетет спрема мртвите! Таа ќе знае да го цени тоа. Чао! (Го затвора телефонот,
светлото се гаси.)
(Сите се враќаат на сцена, околу ковчегот, гледаат во покојницата.)
НОНЕ: Бате! Да не се провлекла оваа од заразното крило на болницата па сите да нѐ
испозарази како кокошки?!
(Сите панично се оддалечуваат од ковчегот.)
АТИНА: (Енергично.) Тацо, гаси ги свеќите да не горат бадијала! Ти! Ти! Ти! Веднаш
изнесувајте ја надвор од куќава! Туѓ мртовец дома – ќе ни ја запусти куќава!
(Таца ги гасне свеќите.)
ТАСЕ: А Ката наша нема да им ја запусти куќата на охриѓаните?
ТАЦА: Ауу! Зошто? Ката наша е домаќинка жена!
ТАСЕ: И Ката наша сега таму е туѓ мртовец! (На Атина.) Да ја исфрлат од дома? Како
цркната мачка? Туѓинец да прифатиш, мајко, та за свој е лесно! Што е оваа крива што
Стојна си ги заборавила очилата?
АТИНА: Тацо, запали ги свеќите! (Таца ги пали.)

15
Викенд на мртовци
ТОМИСЛАВ: Не треба да се прави питање од ова!... Знаш ли ти, Тасе, колку авионски
несреќи има годишно?
ТАСЕ: Кажувај брзо, зашто баш утре мислам да летам за Рио де Жанеиро!
ТОМИСЛАВ: Само минатата година у авионске несреќе загинаа илјаду и двесте људи.
ТАСЕ: Ај да плачеме сега!
ТОМИСЛАВ: И шта мислиш ти: наредени се во мртовечница, покриени Со бели чаршафи,
и ти ќеш да поѓеш, од стопало до стопало, ќеш да пронаѓеш свој мртовец и ќе си га
закопаш?
ТАСЕ: Па ќе си га закопам! Нема да го чувам в плакар затоа што загинал во авионска
несреќа!
ТОМИСЛАВ: Што ќе закопаш? нема мртовечница, нема мртовци!
ТАСЕ: Нема?! А оние твои илјада и двесте – летнале?
ТОМИСЛАВ: Они су само авионски билети, бројка, список...
ТАСЕ: А мртовците?
ТОМИСЛАВ: Каша! Коски, глави, нозе, црева, мозок, крв, ребра. Една нога овде, друга
окачена на некое дрво на илјаду метра даље. И што? Роднините одат тамо, на месту
несреќе, и ги собираат деловите од СВОЈОТ мртовец? (Никој не одговара.) Тие добиваат
запечатен метален ковчег, залемен како конзерва. Нема отварање! Нема гледање! Нема
одбирање! Нема мое, твое, негово! А роднините не прават питање од тоа! Плачат, кукаат,
ронат сузе, корнат коса, а во ковчегот нога неког Црнца, мозак неког Грка, ребро неког
Арапа...
ТАСЕ: Меѓународен лет!
ТОМИСЛАВ: Чин жалости је тука битан! Ни ковчегот, ни она во ковчегот. Тоа е само
симбол! Исплачи се, ќе ти олесни и – точка!
ТАСЕ: (Полека станува.) Ката није загинула во авионска несреќа, несреќо една! Таа умре
најлегално во државната болница во нашиот главен град! (Со неизмерна горчина.)
НАЈНОРМАЛНО! Пулс нормален! Уреа нормална! Столица нормална! Притисок
нормален! Сѐ нормално!... Мицо! Ѕвони им на охриѓаните! (Мица врти на телефонот, се
осветлува аголот каде што преѓе беше сестрата. Во осветлениот круг доаѓа Климе.)
КЛИМЕ: (Ја крева слушалката.) Мољам! Овде другарот Климе! Кој е, мољам?
ТАСЕ: Овде другарот Тасе.
КЛИМЕ: Не познавам таков. Грешка.
ТАСЕ: За таа грешка јас се јавувам.
КЛИМЕ: Немам јас време за грешки. Сезона на годишни одмори! Времето за нас е пари!
ТАСЕ: А за нас јајца пукани!... Имате ли вие мртовец дома?
КЛИМЕ: Тоа е наша работа, и тоа никого да не го интересвит!
ТАСЕ: (Се налутува, ја остава слушалката и му приоѓа на Климе.) Работата е во тоа што
не е само ваша работа. И ние дома имаме мртовец.
КЛИМЕ: Јас не водам евиденција каде сѐ во овој момент има мртовци. Јас сум банкар.
Времето за мене е пари! (Ја треснува слушалката, светлото се гаси.)
ТАСЕ: (Се враќа кај телефонот и пак врти и пак се појавува Климе.)
КЛИМЕ: Мољам. Овде другарот...
ТАСЕ: Климе! Овде другарот Тасе. Тој мртовец, тоест мртвица тоест покојница кај вас е
НАША сопственост, а оваа кај нас е ваша сопственост!
КЛИМЕ: (Вчудоневиден гледа во слушалката, потоа вреснува.) Светлана! (Влегува
Светлана. Климе мавта со слушалката.) Овој вели...
ТАСЕ: (Ја остава слушалката и доаѓа кај нив.) Јас велам: покојницата што е кај вас е
наша сопственост, а вашата е кај нас. (Светлана истрчува од сцената.)
КЛИМЕ: (Ја оставил слушалката, на Тасе.) Па ние, ре, уште не сме го отвориле ковчегот.
Мислиме, што да го отвораме, да го нарушуваме мирот на мртвите... Поплакавме така
паушално... (Доаѓа Светлана и му шепнува на Климета, тој подрипнува.) Вистина, ре?!!
Да видам! (Климе излегува.)
16
Викенд на мртовци
ТАСЕ: Што ти е таа, девојко? Мислам оваа?
СВЕТЛАНА: Некаква баба.
КЛИМЕ: (Се враќа.) Вистина, ре!... Ама да знаете, нема некоја пресудна разлика. Малку
носовите... не се сложуваат... ама ние немаме намера да правиме прашање од носовите.
Кој во жалост гледа на детаљи? Во овие тажни за нас моменти, скршени сме од тага и
болка, немоќни пред жестоката смрт што ѝ го прекрати животот на Зора...
ТАСЕ: (Се свртува кон своите.) Зора се викала оваа. Да знаете ако некој праша...
КЛИМЕ: ... красен човек, прекрасна жена, светол лик, хуман карактер, борец... Со рането
срце, со неизмерна болка во душата тажни сме и претажни што ја имавме... (Светлана го
шибнува со лакт в слабина.) и среќни пресреќни што ја загубивме... (Светлана пак го
шибнува и тој се оддалечува од неа.) ... Сега кога најмногу требаше да му се радвит на
животот крај Охридското Езеро... Безброј солзи пролеавме и ако требвит уште ќе лееме.
Ни го красеше животот со своето присуство крај синото езеро каде што своевремено
Билјана платно белеше...
ТАСЕ: (Го пресекува.) Колега! Да извршиме ние размена на мртовците и...
КЛИМЕ: З’ш, ре, размена?
ТАСЕ: (Налутено.) З’ш ние туѓо не сакаме, свое не даваме!
КЛИМЕ: Таман се исплакавме над оваа, се адаптиравме, зар сега нови солзи, нови
видувања и нови трошоци?!
ТАСЕ: Да се сретнеме во Битола и...
КЛИМЕ: Во Битола? З’ш сега во Битола? Каква Битола?
ТАСЕ: З’ш Битола е на половина пат. Да извршиме примопредавање на мртовците и –
рикверц! Нема ништо поубаво од закоп на свој сопствен мртовец!
КЛИМЕ: Не!
ТАСЕ: Еве попуштам дваесет километри! Да се сретнеме на Ѓавато!
КЛИМЕ: Ни Битола, ни Ѓавато, ни Ресен, ни Јанковец, ни Косел...
ТАСЕ: Овој бара од нас безусловна капитулација!
МИЦА: (Му вика на Климе.) Да ви ја донесеме кај чинарот? На послужавник, со чаша вода
и слатко од лубеница?
КЛИМЕ: (Изнервиран, оди до ковчегот и чука со прст.) Се однесе неодговорно!
Самохрана вдовица, ситуирана со пензија! Не си обезбеди средства за својот сопствен
закоп – зар јас сега да си ја чукам главата? Кога човек оди на лекување во наша болница,
па макар и во државната болница во главниот град, треба да знае што го чека таму! Треба
прво да ги обезбеди сите трошоци за закоп и – молам, патувај! А вие, колега ако толку ви
се штипе срцето за вашата сопственост кај нас, макар што јас не гледам зошто, не е ништо
вонсериско, мољам, повелете, дојдете, ќе ви ја врачиме без никакви надоместоци на име
лежарина, пансион, туристичка такса. Ама побрзајте. Во спротивно, ние вашата ќе ја
закопаме ад хок, под име и презиме на Зора наша... барем оние горе не бараат лични карти
и уверенија за местожителство...
АТИНА: (Се налутува, го крева бастунчето.) Сакаш Ката наша да ја прошверцуваш
место оваа, бездар еден! Господ е слепец, А!?
КЛИМЕ: (Ја гледа презриво преку рамо.) Немам повеќе време.
ТАСЕ: (Врекна.) А јас имам?! Закопот е во два, сега е еден, луѓе доаѓаат, плачат...
КЛИМЕ: Не ме интересира!
ТАСЕ: Не те интересира?! (Покажува на ковчегот.) Па тие над ЗОРА ВАША плачат! Ако
им кажам над кого ги трошат солзите, што мислиш што ќе стане со Зора? Не гарантирам
тогаш за безбедноста на Зора! (Камбаните бијат.) И камбани на Зора ваша ѝ
организиравме! Слушај!
КЛИМЕ: И ние поплакавме и просолзивме над Ката ваша и квит сме. Имате пет минути да
решите. Ако задоцните, ние ќе го извршиме закопот. За нас се најмеродавни документите
од болницата. Еве читајте! (Му ги дава документите, Тасе чита.)

17
Викенд на мртовци
ТАСЕ: Глупчева Зора... моминско презиме... родена... умрена... (Му ги враќа
докуметите.) Ѝ велев да си се лекува дома! Сега ќе ја закопаат Зора и тоа Глупчева.
КЛИМЕ: (Мавта со документите.) Ова нам ни е покритие! Значи: пет минути! (Го
затвора телефонот, светлото се гаси.)
ТАСЕ: Место да рече: „фала“ што сакаме чиста работа, тој ултиматум: пет минути! Сега
одбројува како Ката и Зора да ќе ги лансираме во вселената!
НОНЕ: Ама што се заебаваме со нив! Да појдеме во Охрид, да си ја земеме Ката...
МИЦА: (Иронично.) Не е далеку! А патем, за да не одиме со празни раце, да им ја
однесеме Зора. Повелете! Извинете малку што почекавте...
НОНЕ: Мојот предлог е да одиме без Зора!
ТАСЕ: Без Зора! Па фино! Зора ќе ја чуваме за спомен и долго сеќавање! Ќе складирам
мртоци, залихи ќе правам!
ТОМИСЛАВ: Јас оваа би ѝ ја продал на некоја лабораторија за истражување или на
Медицинскиот факултет за трансплантација на органи во болницата и за вежби на
студентите.
ТАСЕ: Кај живееш ти?
ТОМИСЛАВ: Нушиќева 10, треќи спрат, Београд...
ТАСЕ: Треќи спрат! Ти живееш во облаци! Ова е Кембриџ или Хјустон па ќе им продаваш
мртовци! Не гледаш: нашите болници сами си произведуваат мртовци по клучот: еден
болен еден мртовец. Хиперпродукција! Мртовците ним им се претураат, ти ќе им
продаваш! И без пари да им ја даваш, не ти ја земаат! А и прашање е дали несреќницата,
по лекувањето во државната болница во главниот град, има и половина орган здрав во
себе! Види ја колку жално изгледа!
ТАЦА: (Плаче.) Изгледа! Не ја давам јас Ката наша за оваа! Ката наша се држи уште...
една става... едно тело... едни очи...
ТАСЕ: (Ѝ викнува грубо.) Немој сега да ми ја фалиш! Не ја праќаме на конкурс за езерска
убавица! Доста ми ја фалевте додека ми ја тапосавте за жена!
МИЦА: (Панично.) Тате, уште три минути и отиде Ката наша во охридското подземје!
ТОМИСЛАВ: Можеме да ја кремираме. Тоа е сега модерно. И тие нека ја кремираат Ката
и размена на пепелта.
МИЦА: Тато, уште две минути!
ТАСЕ: (На Томислав.) А што ќе правам со ковчегов ако ги кремираме? Триесет и пет
милиони! Зар да гние празен и неискористен како Фени?
ТОМИСЛАВ: Нека стои за боља времена. Ни јаде ни пие.
МИЦА: Тате, уште една минута!
ТОМИСЛАВ: Тасе, ќе се прежениш – ти треба ковчег!
МИЦА: Тате, уште половина...
АТИНА: (На Мица.) Оди ти вари кафиња! Луѓево доаѓаат, треба да ги послужуваме...
ТАСЕ: (Викнува пресекувајќи со рака.) Свршено е со послужувањето. Затворај го дуќанот!
АТИНА: А луѓето?
ТАСЕ: Луѓето ако сакаат да ја испратат Ката нека одат во Охрид! Јас за Зора не
послужувам!
МИЦА: Тате, ултиматумот помина. Ќе ја лансираат мама...
(Ѕвони телефонот. Во аголот се осветлува. Климе со слушалката в рака. Тасе ја крева
слушалката.)
ТАСЕ: Ало?
КЛИМЕ: (Мавта луто со слушалката.) Што правите, ре? Пет минути поминаа!
ТАСЕ: Решивте ли?
КЛИМЕ: (Бесен, ја остава слушалката и оди кон Тасе.) ВИЕ требаше да решите!
ТАСЕ: (И тој оди кон Климе и сите по него.) Ние решивме.
КЛИМЕ: (Со олеснување.) Оооо! Добро! Многу добро! Одлично! Ние ве чекаме! И Ката ве
чека со нетрпение!
18
Викенд на мртовци
ТАСЕ: И ние ве чекаме! И Зора ве чека со нетрпение.
КЛИМЕ: Мољам!!!
ТАСЕ: Ве чекаме на Ѓавато! (Мица потскокнува весело, ракоплеска.)
КЛИМЕ: (Заплашува со прст.) Ние ќе ја закопаме вашата!
ТАСЕ: Закопајте ја!
КЛИМЕ: Како, ре?!
ТАСЕ: Закопајте ја!
КЛИМЕ: (Се штутка.) Ај, ре, попуштете некој километар! Слезете до Ресен. З’ш инаку
ние ќе мора две планини да качвиме, а вие една.
ТАСЕ: Таква е конфигурацијата на теренот! Затоа пак вие го имате Охридското Езеро!
Или на Ѓавато или – нигде!
КЛИМЕ: (Ја наведнува главата, гледа вземи.) Кога тргвиме?
ТАСЕ: Веднаш! З’ш Зора ваша почна да ферментира, може да експлодира!
КЛИМЕ: Значи, одма?
ТАСЕ: Ние одма, а вуе малку порано од одма з’ш имате да качвите две планини.
(Климе со наведена глава излегува. Ја затвора слушалката и светлото се гаси.)
ТАСЕ: Цанде! Стегај го фиќото!
АТИНА: Да поткасневте малку?
ТАСЕ: Нема време. Завиткај нешто за попат. (Камбаните бијат.)
АТИНА: А народов?
(Пауза, мислат.)
МИЦА: (Шеретски, му намигнува на Тасе.) Да им дадеме... пауза за појадок?
ТАСЕ: (Се искашлува и тргнува на просцениумот. Сите одат по него. Се наредуваат на
просцениумот. Тасе во поза на директорот со рацете меѓу нозете. Камбаните бијат.
Кога ќе престанат.) Другари и другарки! Поради технички причини закопот се одлага на
неодредено време. Благодарам.
(Камбаните сѐ посилно бијат. Буката станува гротескна. Светлото полека се гаси.)

19
Викенд на мртовци

ВТОРИ ЧИН
Планинскиот превој Ѓавато. Лединка. Пејзаж со толку јарки бои што личи на детски
цртеж: зелена трева, шарени разнобојни цвеќиња. Во средина на лединката големо дрво
со дебело стебло и широка крошна во чија сенка ќе се сместат Цанде и Тасе додека го
чекаат Климе од Охрид. Во длабочината густа борова шума, само високите стебла
светкаат, меѓу нив темно. Во непосредна близина е патот Битола-Ресен-Охрид. Патот
не се гледа. Бука на моторни возила – ден на викенд е, сезона на годишни одмори. Во
интервалите кога за момент престанува буката на моторните возила, се слуша јако
свирење на штурци, пеење на птици, лаење на пци.
Шум на фиќо кое наближува. Фиќото влегува од десната страна, доаѓа на левата
страна и застанува, но моторот продолжува да работи. На багажникот мртовечки
ковчег. Од фиќото излегува Тасе, се протега, се проѕева, потоа оди под сенката на
дрвото. Бучат камиони, автобуси.
ТАСЕ: Каков метеж, еба ти планината! Гаси ја крнтијата!
ЦАНДЕ: (Ја отвора вратата од фиќото, без да излезе вика.) Морам да го издувам! Се
души, врие, карбураторот заебава, платините прекинуваат. А не носам резервни платини.
ТАСЕ: Што рече?
ЦАНДЕ: (Вика.) Не носам резервни платини!
ТАСЕ: Резервни платини! Ти помпа не носиш, ебан еден!
ЦАНДЕ: (Го гаси моторот.) Да не нѐ одминат охриѓаните?
ТАСЕ: ОВА е Ѓавато! Ако нѐ одминат нека нѐ бараат. Фиќово се гледа од пат, горе е
ковчегот, што сакаат уште? Да им наместам сообраќаец? (Цанде излегува од фиќото.)
Зошто не го отвориш капакот?
ЦАНДЕ: На оваа жештина?!
ТАСЕ: Велиш врие!
ЦАНДЕ: Аа, ти мислиш на капакот од моторот?
ТАСЕ: А ти мислиш на од вујна ти пп...?
ЦАНДЕ: Мислев мислиш на капакот од ковчегот.
ТАСЕ: Зора да дише чист воздух! Да има поглед!
ЦАНДЕ: Да го донесеме ковчегот овде?
ТАСЕ: (Вчудоневиден.) Овде?! Зора да ни прави друштво? Ти навикна на неа. Од Скопје ја
возиш...

20
Викенд на мртовци
ЦАНДЕ: На ова сонце може да експлодира! Се создаваат гасови и... И така еднаш ќе мора
да ја симнуваме од фиќото.
(Тасе, убеден, без збор оди кон фиќото. Го симнуваат ковчегот и го носат под сенка.)
ЦАНДЕ: Тешка ко камен! А кожа и коски е!
ТАСЕ: Не тежи таа! (Го удира со нога ковчегот.) Ова тежи! Овие мои 35 милиони! Зар
навистина немаше поевтин или чалами бркаше пред скопјаните?
ЦАНДЕ: (Тивко.) Немаше!
ТАСЕ: (Вика.) Не викај! Мислиш ти јас милионите ги берам од дрвјава па ти да ги
трошиш како... Знаеш ли ти во каков ковчег ја закопав мајка ти? Во никаков. Сандак за
грозје! А ги имаше секакви, како на изложба. И поставени со кадифе однатре. И
прозорчиња да гледа мртовецот. А што ќе гледа под земја? Умре ли човек, еби го, ни
златен ковчег не помага...
(Се бришат од потта на чело.)
ЦАНДЕ: Да донесам столчиња?... Ги носам оние платнените, на расклопување. Зошто да
стоиме додека чекаме?
(Оди кај фиќото и се враќа со две столчиња.)
ТАСЕ: (Седнува и го гледа саатот.) Два и дваесет и пет (Го става саатот на ковчегот.)
Па кај се тие охридски клинкури? Две планини, ама сепак... (Додека тој зборува, Цанде ја
помрднува столицата кон сонцето, вади од џеб солеа крем и си го мачка лицето.)
ТАСЕ: (Го гледа со зината уста.) Солеа?!
ЦАНДЕ: (Со затворени очи, се сонча.) Солеа.
ТАСЕ: Затоа ти...! (Вреснува.) Колку плати?!?
ЦАНДЕ: Сто и седумдесет илјади.
ТАСЕ: Колку плати за пајакот, дрво?!
ЦАНДЕ: Миљонче.
ТАСЕ: Цревата ќе ти ги истурам! (Цанде воопшто не реагира. Тасе тешко се издишува.)
Уште и ќе се заколеме ако оние охридски ’рѓи не остават уште некоја минута на сонцево...
(Ја брише потта од врат.) Онаму, кај тополана, има една чешма... Земи некое шише од
фиќото и...
ЦАНДЕ: Сакаш пиво?
ТАСЕ: Сега ќе се зезаме! Каде овде пиво?
ЦАНДЕ: Секогаш носам во фиќото...
ТАСЕ: Па донеси! (Цанде донесува од фиќото неколку шишиња пиво и едно кебе. Се
токми шишињата да ги стави на ковчег.) Не! Ќе се исфлека!
ЦАНДЕ: Ќе го однесеме на хемиско чистење.
ТАСЕ: Ќе те однесам јас тебе на хемиско чистење! (Со кебето прво го покрива ковчегот,
после Цанде ги става шишињата. Седат, пијат пиво, пушат.) Столици... маса... пиво...
цигари. Уште музика фали и – летна бавча „Летница“. Вистински амбиент за Зора.
(Брчење на мотор на кола која наближува. Цанде и Тасе стануваат. Колата запира во
близина, без да се гледа, и по малку на сцена се појавуваа две Германки, автостоперки,
натоварени со огромни ранци. Гледајќи надвор од сцената, мавтаат со раце.)
ЕРНА: Данке шен, хер! Ауф видерзен! Мерси!
ЕЛЗА: Хх-вала! До визења! Плагодарам! Чаооо!
(Колата тргнува, Германките гледаат во шумата во длабочината на сцената, свртени
со грб кон Тасе и Цанде.)
ЕРНА: О, мајм гот! Елза, вас загст ду?
ЕЛЗА: Фантастиш! Вундербар! Колосал!
ТАСЕ: Овие како првпат во животот да гледаат трева и дрвја.
(Тасе се накашлува, Германките се свртуваат.)
ЕРНА: Гут’н таг, хер’н!
ЕЛЗА: Гут’н таг, хер’н!
ТАСЕ: Таг, мајне даме!
21
Викенд на мртовци
ЕРНА: Ви гет-ес?
ТАСЕ: Зер гут, мадам! Многу добро, данке шен!
ЕРНА: Натирлих! Дизе шенхајт! (Ги гледа пивата на покриениот ковчег.) Оооо! Унд дабај
дас биир!
(Тасе зема две шишиња и ги отвора и им дава. Тие земаат, пијат и одеднаш запејуваат,
нишајќи се по такт: „Тринк, тринк, брудерлајн, тринк...“ И Тасе ја прифаќа песната.
Прекинуваат смеејќи се.)
ЕРНА: (Го остава шишето на ковчегот.) Ентшулдиген зи, бите!
ТАСЕ: Варум ентшулдигунг, мајне шене даме? Зи зинд зер симпатиш!
ЕРНА: Оооо, данке шеен!... Их бин Ерна! Зи ист Елза! (Се поклонуваат.)
ТАСЕ: Их бин Тасе, ер ист Цанде.
ЕРНА: Ентшулдиген зи. (Со раце кажува дека ќе се инсталираат во длабочината. Тие
тргнуваат. Во длабочината ги симнуваат ранците, седнуваат, вадат од ранците
предмети. Елза со термос в рака доаѓа кај Тасе.)
ЕЛЗА: Бите, гиптс ес иргендво тринквасер?
ТАСЕ: Тринквасер? Јааа, јааа! Да фори! (Покажува со рака кон шумата. За себе.) На друг
ти кажувај му тринквасер!... Мајн зоон унд зи... геен... Оди покажи и кај има вода! Кај
тополана! И покажи се, дрво! Таму, лево од тополата има едно скришно место, душа си
дало за онаа работа...
ЦАНДЕ: Така тоа оди: плукни – залепи!
ТАСЕ: Ами како? Тоа оди кај нив експрес, овцо! Како инаку? Денеска ќе се запознаеш, па
ќе закажеш состанок за утре, задутре ќе ја... Отиде возот! Ајн момент, фројлан! Их шпрехе
мит мајне зоон...
ЦАНДЕ: Ти сѐ знаеш!
ТАСЕ: Само не знам кога ќе умрам! Вода за пиење, маде голо! Тие имаат сателитски
карти, сѐ снимено, секое дрво, секој камен, секоја река, секој извор, секоја чешма.
Тринквасер, их еба го!
ЕЛЗА: Тринквасер, ја! Бите.
(Цанде и Елза излегуваат од сцена. Ерна нешто вади од ранецот, наведена, натртена.
Задникот ѝ е опнат, бутините светат. Тасе ја голта со очи. Германката одеднаш се
свртува и нагло го погледнува Тасета, го гледа како зркнал во неа, се насмевнува и
тргнува кон него. Тасе се врти зад себе како да бара спас.)
ТАСЕ: Сега ами...?!!
ЕРНА: Бите, хабен зи штрајхолц?
ТАСЕ: (Не знае што е тоа.) Штрајхолц?! (Таа му покажува дување со усните. Тасе
погрешно ја сфаќа, и тој ѝ ги доближува своите усни. Таа врти со глава „најн“, потоа
покажува со рака чкрапнувајќи кибрит.)
ЕРНА: Фаер!
ТАСЕ: Ааа, кибрит! Ја, ја! (Бара низ џебовите кибрит и мрмори.) Да ти ебам кибритот!
(Наоѓа, ѝ дава.)
ЕРНА: Данке шен! (Си оди кај ранците.)
ТАСЕ: (Ја гледа.) Сега – кибрит! Германци би тргнале на кампување без кибрит! Тие до
конец и игла имаат сѐ испланирано. И камо оган? Зошто не пали?... Таа мене да ме запали.
Што сега, Тасе? (Германката пак е натртена, Тасе ја гледа. Од далечината доаѓаат
Цанде и Елза. Елза му се доближува неосетно на Тасе, го фаќа за рамо, тој скокнува
изненаден.)
ТАСЕ: Готово?!
ЕЛЗА: Данке шен!... Пич... ка мај... чина!
ТАСЕ: Ова си ја учел таму? Пувло еден!
ЕЛЗА: Вас? Пу... вло?
ТАСЕ: Их шпрехе мит мајн зоон... Етвас фир унс...
(Елза поздравува со рака и оди кај Ерна. Цанде и Тасе седнуваат крај ковчегот.)
22
Викенд на мртовци
ЦАНДЕ: Од каде ти толку германски?
ТАСЕ: Како од каде? Од војната. Четири години...
ЦАНДЕ: Додека другите...
ТАСЕ: (Реагира брзо и луто.) Што другите? Гинеа, а?! Тоа ти го знаеш подобро од мене!
Од читанките, од филмовите, од песните: „Во борба, во борба, во борба“ Се пукаше и се
гинеше, а? Е, да знаеш: и се живееше! Се раѓавме, славевеме, работевме, шетавме,
водевме љубов, одевме на игранки, правевме излети, одевме на свадби, на родендени,
шетавме на корзо, се смеевме, седевме во ресторани, пеевме, разговаравме...
ЦАНДЕ: Со Германците!
ТАСЕ: И со Германци! Имаше и луѓе меѓу нив, како што имаше и ѓубриња меѓу нас! Еден
од нив, Алекс од Кобленц, можам да речам ми го спаси животот. Ми даде 500 атебрини...
ЦАНДЕ: Атебрини?
ТАСЕ: Таблетки. Лек против маларија. Го немаше во аптеките. Јас и чичко ти Ноне
умиравме од маларија...
(Шум на моторно возило. Тасе и Цанде скокнуваат на нозе.)
ТАСЕ: Тие се! Да знаеш: никакво задржување. Утовар, истовар и – рикверц! (Шумот на
возилото се оддалечува и се губи.) Па кај се тие охридски идиоти?... Ѝ велев да си се
лекува дома!... Да знаеш: со мајка ти немав никакви проблеми...
ЦАНДЕ: Во која смисла?
ТАСЕ: (Го удира ковчегот.) Во оваа смисла! Умре лесно и брзо – так-так! И ни во
болници, ни во главни градови! Дома! Умирање за милина! И што е најважно – умре во
среда.
ЦАНДЕ: Најважно?! Зошто е најважно умирањето во среда?
ТАСЕ: Зашто во четвртокот сѐ беше готово! Важно е да не те закачи викендот!
ЦАНДЕ: (Згрозен.) Викендот?!! Тебе ти текнувало за викенд ден по закопот на мајка ми?!!
ТАСЕ: Па ти си кретен!!! Јас и викенд!! Ооо, шапшал! Па кога сум бил јас на викенд, ајде
кажи!
ЦАНДЕ: Па самиот рече.
ТАСЕ: Реков. Ама друго јас сакам да кажам со тоа што реков. Јас и ти сме службеници?
ЦАНДЕ: Сме.
ТАСЕ: Сме забушанти?
ЦАНДЕ: Сме.
ТАСЕ: Кога најмногу забушуваме?
ЦАНДЕ: Секогаш.
ТАСЕ: Секо... Сепак има разлика. Од понеделник до четврток туркаме некако. Со сила,
ама туркаме. А кога ќе дојде петок кому му се работи? Или во сабота?
ЦАНДЕ: Не гледам каква врска...
ТАСЕ: Зошто јас и ти ги имаме сиве овие заебанции со Ката? Затоа што нѐ фати викендот.
Петок и сабота! Ако појдеш во некоја служба во петок и во сабота, како очите да им ги
вадиш. Зошто Нонета го измаршираа од Внатрешни? Зошто онаа шмизла во
мртовечницата си ги заборавила очилата? Зашто не мисли на работата. А докторот? Петок
вечер, Ката пред очи му умира, а тој: „Ката ваша е бомба! Пулс нормален...“ Ката
веројатно немала никаков пулс, ама нему којзнае кај му лутал умот! Сѐ им е преку кур!
Поради него умре сама ко пес! Слушај што ќе ти речам: Ката да не умреше во петок вечер,
јас ти гарантирам дека сега во ковчегов ќе лежеше таа, а не некоја Зора од Охрид!... А
мајка ѝ на Мица?
ЦАНДЕ: И таа умре во петок?
ТАСЕ: (Блажено.) Во понеделник!
ЦАНДЕ: (Несигурно.) Тоа е добро?
ТАСЕ: Не добро – одлично! Во понеделник почнува работната недела – мораш да
работиш, имаш некоја енергиичка. Закопот одеше како подмачкан, сѐ функционираше
како компјутер. И документи, и термин, и крст, и гробари, и попови.
23
Викенд на мртовци
ЦАНДЕ: Баш ме боли КОГА ќе умрам ако морам да умрам.
ТАСЕ: Умрениот не го боли, ама живите има да наебат. Ова да знаеш: ако жена ти умре во
петок, во сабота или во недела, ти ја имала кимката! Еве Ката! За умирање имаше на
располагање цела недела, можеше да бира понеделник, вторник, среда... А таа туп – петок!
И тоа петок вечер – да изгубиш волја и за смрт на својата сопствена жена.
(Двете Германки поминуваат крај нив, а ранците им стојат на местото.)
ТАСЕ: Шпацирен?
ЕРНА: Јаа! Вир мехтен цу безух’н дас дорф Жавато...
ТАСЕ: Ооо, зер гут! Жавато ист ајне шема мацедонише дорф... Ајне клајне дорф...
ЕРНА: Ја, ја! Вир кен’н шон Жавато! Алзо, ауфидерзен!
ТАСЕ: Видерзен, мајне даме.
(Германките излегуваат од сцена.)
ТАСЕ: Ги виде? Жавато!
ЦАНДЕ: Па што?
ТАСЕ: (Се лути.) „Па што“! Па тоа што чу! Вир кенен шон Жавато! Ние веќе го знаеме
Џавато. Ете тоа! Од пичка си мајчина дошле а го знаат тоа наше посрано село! Сакаат да
го посетат! Сакаат СЀ да видат, СЀ да знаат! Секое рекче, секое селце, секое ритче... „Па
што“! Си бил ли ти некогаш во селото на дедо ти, татко ми Кузман, каде што сме кукнале?
(Цанде ќути.) Знаеш ли ти од кое село е татко ми, твојот дедо Кузман?
ЦАНДЕ: Од Македонски Брод.
ТАСЕ: (Се фаќа со двете раце за глава.) Па ти си комплетен идиот! Каква врска ние
имаме со Македонски Брод? Никој од нас не стапнал таму. Не знае каде му е коренот!
Тиква без корен!
(Шум на кола која застанува во непосредна близина. Сирена и моторот се гаси. Тасе и
Цанде стануваат и одат насред сцена. Влегува Климе. Чекори брзо како човек кој нема
усет за простор и нагло застанува пред Тасе, просто се чукнува со него. Го гледа Тасета
подавајќи ја главата напред.)
КЛИМЕ: Зора?
ТАСЕ: Ката?
(Се поздравуваат. Климе со поглед го бара ковчегот. Го нема на колата, го нема на
лединката. Пак прашува.)
КЛИМЕ: Зора?
(Тасе покажува на „масичката“ со кебе и шишиња пиво. Климе оди таму, го поткрева
кебето и се умирува. Стојат тројцата над ковчег.)
КЛИМЕ: Немавте проблеми?
ТАСЕ: Со Зора? Никакви. Мирна е како бубачка. И во добра состојба е.
КЛИМЕ: Срце е Зора. Незаменлива.
ТАСЕ: (На Цанде.) А сепак ја замениле.
КЛИМЕ: (Шмрка.) Не остави кога најмногу ни требаше. Кога требаше да живее.
Тагуваме, колега.
ТАСЕ: Па и ние тагуваме, ако сакаш да знаеш.
КЛИМЕ: Зошто овде?
ТАСЕ: (Го гледа, не сфаќа.) А зошто не? За тагувањето нема одредено место како за
паркирање.
КЛИМЕ: Мислам зошто сте ја донесле баш овде?
ТАСЕ: Под сенка. Ја ладиме. На оваа жештина може да се расипе... Почна да се поти под
мишки.
КЛИМЕ: Знаци на нервоза. Осетлива е на жештина. Зиме-лете спие со отворени прозорци.
Не поднесува затворен простор – клаустрофобија.
ТАСЕ: (Го прекинува грубо.) Ве чекаме точно педесет и девет минути!
КЛИМЕ: (Вика.) Две планини!
ТАСЕ: Сам си во експедицијава?
24
Викенд на мртовци
КЛИМЕ: Неее! Јас не смеам да возам! (Покажува на очилата.) Астигматизам... Светлана!
Светлана!
(Светлана доаѓа и донесува трето столче.)
КЛИМЕ: Мојата ќерка Светлана, студент по туризам.
ТАСЕ: Мојот син Цанде, студе... службеник на набавна служба...
СВЕТЛАНА: Вие како на викенд! (Покажува на „масичката“.)
ТАСЕ: Столчињата се секогаш во фиќото... Зошто да стоиме? Ве чекаме педесет и девет...
КЛИМЕ: (Нервозно.) Две планини!
СВЕТЛАНА: (Ублажува.) Планини... остри серпентини... камиони лазат како полжави...
(Пауза, разговорот е исцрпен, Климе станува.)
КЛИМЕ: Да го симнеме ковчегот?
(Сите излегуваат од сцена. Штурците стружат, птиците пеат. Влегуваат
четворицата носејќи го ковчегот. Тоа е најгрубо склопен ковчег. Тасе го гледа под око. Го
оставаат наземи и Тасе ги поканува кај „масичката“.)
ТАСЕ: Да се напиеме за душа на покојниците и – патот под нозе.
КЛИМЕ: Јас не смеам! (Се тупка по мевот како да се фали.) Колитис!
ТАСЕ: Колитис! Па чај од нане! Брат ми Ноне така...
КЛИМЕ: (Важно.) Кај мене е на нервна база!
ЦАНДЕ: Чај од нане! Чичко ми Ноне...
КЛИМЕ: (Се нервира, вика.) Кај мене е на нервна база!
ТАСЕ: Брат ми Ноне... само чај од нане...
КЛИМЕ: (Изнервиран, плачно.) Кај мене е на нервна база!
(Сите седнуваат. Тишина.)
ТАСЕ: Туризам, а?
СВЕТЛАНА: Да.
КЛИМЕ: (Важно.) Трета година!
ТАСЕ: Словенците немаат факултет за туризам, а имаат туризам, ние имаме факултет за
туризам, а туризам... (Одмавнува со рака и прави гримаса.)
КЛИМЕ: Не е баш така!
СВЕТЛАНА: Баш така е!
(Пауза. Тасе станува и го гледа ковчегот од Охриѓаните. Го вика со прст Цандета.)
ТАСЕ: Немаше ваков?
ЦАНДЕ: (Низ заби, тивко.) Немаше и доста!
ТАСЕ: (Исто како Цанде.) А за нив се нашол!
КЛИМЕ: (Станува и оди кај нив.) Ви се допаѓа?
ТАСЕ: Па... Врши иста работа како и нашиот.
КЛИМЕ: (Важно.) Едноставен! Функционален! Ефикасен!
ТАСЕ: Во Скопје го купивте?
КЛИМЕ: Не, ре! Не давам јас пари за нешто што го има во Охрид! Во Охрид има сѐ!
Четиристотини илјади динари...
ТАСЕ: (Подрипнува како да го удрил некој меѓу нозе.) Стари?!
КЛИМЕ: Стари, ре!... Многу?
ТАСЕ: Комплет?
КЛИМЕ: (Го гледа зачудено.) Што... комплет?
ТАСЕ: Ковчегов!
КЛИМЕ: Ковчегов комплет?!!! Мислиш: сосе мртовец?!!! Светлана!
ТАСЕ: Мислам: сосе чаршаф, прекривач, перниче...
КЛИМЕ: Не, ре! З’ш? Што се нашло дома...
ТАСЕ: (Го стрела со очи Цандета.) А ние се спруживме 35 милиони динари!
(Климе го гледа зинат, не може да проговори.)
СВЕТЛАНА: (Ја фрла цигарата, станува, ја гази со нога.) Па... време е!
КЛИМЕ: Па, колеги, извинете...
25
Викенд на мртовци
ТАСЕ: Вие извинете...
КЛИМЕ: (Се нервира.) Не, вие извинете... Мило ни беше... Ќе ни помогнете? (Прави
некакво движење со рацете што значи да ги сменат ковчезите.)
ТАСЕ: Нема збор.
КЛИМЕ: (Покажува кон „масичката“.) Да го натовариме и со ортоми да го врзиме да не
се слизне по планињето и да си појдеме дома со празни раце... (Се смее.) Туку прво...
(Покажува на својот ковчег.) да го качиме на фиќото, па после...
ТАСЕ: Што да качиме на фиќото?
КЛИМЕ: Ката!
ТАСЕ: Да ја извадиме од ковчегов...
КЛИМЕ: Да ја вадиме?! З’ш, ре?
ТАСЕ: Како ќе си ја земам ако не ја извадиме?
КЛИМЕ: Вака. Сосе ковчег. З’ш да ги преселваме? Да го нарушуваме мирот на
покојниците!
ТАСЕ: Ако е така, воопшто не требаше да ги симнуваме од колите... (Климе не сфаќа,
гледа со зината уста.) Ќе ги сменевме колите и секој дома!
КЛИМЕ: (Вреснува луто.) Нелиии?!! Стојадин за фиќо?!!
ТАСЕ: Нелиии! А овој кокошарник за мојон ковчег?!
КЛИМЕ: Пред малку комплименти му правеше: „Едноставен! Функционален! Ефикасен!“,
а сега...?
СВЕТЛАНА: Не го рече тој тоа!
КЛИМЕ: Сеедно! Ковчег е ковчег!
ТАСЕ: Ковчег е ковчег, ама има ковчег и ковчег!
КЛИМЕ: И едниот и другиот ќе скапуваат вземи!
ЦАНДЕ: (Прекорно.) Тате!
ТАСЕ: (Збеснува.) Што тате?! Се правиш галант со мои пари! Ако сум дал 35 милиони за
овој ковчег, тогаш сакам да го имам овој ковчег!
КЛИМЕ: Така ли? Имај го! Светлана! Тоа е твојот последен збор?
ТАСЕ: Најпоследен!
КЛИМЕ: Светлана! Си одиме! Кревај!
(Со маки Светлана и Климе го креваат ковчегот и тргнуваат. Цанде ја наведил главата
а Тасе ги гледа и се смешка. Климе одеднаш застанува и го гледа Тасета со детинска
одмазничка гримаса.)
КЛИМЕ: Ката ВАША ќе лежи во овој... кокошарник, а Зора наша во тој од 35 милиони!
Тргај, Светлана! (И турка побрзо да избегаат.)
ТАСЕ: (Сфаќа и вреска скокнувајќи пред Климета.) Ката назад! (Ги турка назад. Тие го
оставаат ковчегот наземи.)
КЛИМЕ: (Плачно-нервозно.) Јас мртовец не можам ни да гледам а не пак да вадам од
ковчег. Да менвиме комплет!
ТАСЕ: Комплет јас го сфаќам: кола, мртовец, ковчег!
КЛИМЕ: Стојадин за фиќо?!!
ТАСЕ: (Го фаќа кебето и го тргнува од ковчегот. Покажува гордо на ковчегот.) А
саркофаг за корито?!!
КЛИМЕ: Како не ви е срам! Корито! Тоа е навреда на честа на нашата покојница!
ТАСЕ: На честа на вашата покојница си требало да мислиш кога си го купувал ова корито!
Купувал, ветар! Си го склепал сам, по принципот „НАПРАВИ САМ“!
КЛИМЕ: Ова е тешка навреда! Ова ќе ви излезе на нос, јас ви велам!
ТАСЕ: Се извинувам!... (Климе зинува од чудење.) Не сте го направиле сам! Каде вие
банкар, кому времето му е пари, ќе прави ковчег!
КЛИМЕ: Ете, гледате, можете да бидете и фин и разбран кога сакате!
ТАСЕ: Признавам: сте го купиле! Ама – во Отпад!
КЛИМЕ: Светлана! (Како да бара помош од неа.)
26
Викенд на мртовци
ТАСЕ: И тој што го правел овој таканаречен ковчег мора да бил мортус пијан. Еднава
страна за цела педа покуса од другава, а целото корито тесно, плитко, кусо. Кутрата Ката,
мора да ѝ ги свиткале колениците за да ја сместат!
КЛИМЕ: (Скока од бес.) А вашиов е увозен! Со гаранција! Со резервни делови! Со поглед
на езеро! Двособен. Може на Ката ваша да ѝ земете и потстанар за да не ѝ биде досадно!
ТАСЕ: И со потстанар ќе биде покомотна одошто сама во ова ваше препотопно корито.
Демоде!
КЛИМЕ: Демоде! А вашиов ќе оди на модна ревија. Ќе го рекламирате на епепе!
ТАСЕ: (Доаѓа до коритото и го гледа, Климе го следи со поглед, готов да му скокне.) Од
лежењето во Отпад штициве, ако се штици, се исушиле, зинале и воопшто не дихтуваат!
КЛИМЕ: (Побеснува, скока.) З’ш, ре, да дихтуваат?! Не е ова кајче или подморница! А ти
Ката да ја задихтуваш, да ја запечатиш, да не ти се врати случајно! Капакот намачкај го со
херметик. (Тасе го гледа часовникот наземи, го зема.) Стави ѝ го и саатот в ковчег.
ТАСЕ: Има и каде да го ставам! Гледај: мерцедес! А не корито! Ама какво корито! Корито
уште и е добро. Картонска кутија за чевли... А слушај звук! (Чукнува на својот ковчег.)
Ова се штици – куршум не ги дупи!
КЛИМЕ: Куршум! Експедирај ја тогаш Ката во Бејрут! Светлана, ти воопшто не се
изјаснуваш!
СВЕТЛАНА: Како не можеш да ја сфатиш најпростата работа?! Луѓето овој ковчег го
платиле 35 милиони, а ние нашиот 400 илјади. Работиш во банка...
КЛИМЕ: (Подрипнува, бесно гледа во Тасета.) Сака да им ја доплатам разликата?!
Триесет и четири милиони и шестотини?!
СВЕТЛАНА: Никој не спомна никаква разлика! Луѓево просто си го сакаат својот ковчег!
КЛИМЕ: За да импонира Ката долу! Углед! Општествен статус! Хиерархија! (Одеднаш се
вкочанува. Го стиска мевот и полека стискајќи ги бутините една во друга излегува од
сцената. Патем брзо го откачува ременот.)
ТАСЕ: Колитис! На нервна база!
(Светлана и Цанде го гледаат. Одеднаш се засрамува. Седнува на столче, ќути, пуши.
Штурците стружат, птиците пеат. Гледа вземи и копа со нога по тревата.)
ТАСЕ: (Плукнува.) Пфу! Срамота! На наши години! Како мрсулковци!
ЦАНДЕ: (Го гледа прекорно.) Ковчегот па ковчегот!
СВЕТЛАНА: Мојон нема право!
ТАСЕ: Има право кога вели: ковчег е ковчег. И едниот и другиот ќе гнијат вземи! Ама...
домашните го знаат... Како да им објаснам.
(Од шумата доаѓа Климе, посрамен, со наведена глава. Тасе станува и му оди во
пресрет.)
КЛИМЕ: Размислував таму...
ТАСЕ: Таму најдобро се размислува.
КЛИМЕ: Имаш право!
ТАСЕ: И ти имаш право!
КЛИМЕ: Значи?
ТАСЕ: Нема проблеми. Да ги смениме покојниците и – дупиме.
(Климе го симнува капакот од своето корито. Сите гледаат во ковчегот. Цанде и
Светлана, фаќајќи за краевите од чаршфот, ја вадат покојницата и ја положуваат
наземи. Тасе клекнува крај неа, го открива лицето и плаче.)
ТАСЕ: Като, Като!... Като, Като! (Ја гали по лицето, своето лице го залепува до
нејзиното.) Синоќа... во Скопје... беше жива... сега на Ѓавато мртва... Като, Като...
(Сега Цанде оди кај „саркофагот“, го крева капакот и Климе веднаш клекнува над
покојницата. Ѝ го открива лицето.)
КЛИМЕ: Зоро, Зоро... Синоќа беше жива во Скопје... сега на Ѓавато мртва... Зоро, Зоро...
(Светлана оди кај татко си, се наведнува да го крене. Ја погледнува покојницата.)
СВЕТЛАНА: Оваа не е баба Зора!
27
Викенд на мртовци
(Штама, само штурците стружат и птичките пеат. Тасе станува и доаѓа до ковчегот.
Сите гледаат во непознатата покојница. Климе се наведнува и одблизу гледа.)
КЛИМЕ: Не е баба Зора! (Станува и го гледа Тасета. Тасе врти околу ковчег и од сите
страни ја гледа покојницата иако не ја познава Зора.)
ТАСЕ: Луѓето кога ќе умрат се менуваат...
СВЕТЛАНА: Не е баба Зора.
ТАСЕ: Има фластер на уста – да не ве буни фластерот? (Се наведнува и го одлепува
фластерот.) Сега?
(Светлана одречува со глава, а Климе брзо со показалецот: не! Тасе пак ѝ го залепува
фластерот преку уста и го погледнува Цандета. Цанде го избегнува неговиот поглед.)
ТАСЕ: Си згрешил со Ката – добро! Ама барем Зора да си ја потрефил!
СВЕТЛАНА: Што е тој крив? Тој Зора и не ја познава. Верижно тоа одело.
ТАСЕ: Како одело?
СВЕТЛАНА: Верижно! Штом тие згрешиле со еден мртовец, после сѐ се измешало. Тате и
јас први бевме во мртовечницата...
ТАСЕ: Први? Бевте? И не сте си ја зеле Зора?!
СВЕТЛАНА: Слеговме долу кај мртовечницата... Вратата заклучена... Ѕиркаме низ
стаклата: мртовци наредени на бетонски маси... покриени со бели чаршафи... само
стапалата голи... Одеднаш еден мртовец стана и така гол, со картонче на палецот тргна
кон нас, тоест кон вратата и почна да чука и да вика...
ТАСЕ: Мртовецот?!
СВЕТЛАНА: Тој. После се разбра работата: синоќа го однесле во мртовечницата, мислеле
е мртов, а тој само во кома...
ТАСЕ: (На Цанде.) Што ти реков јас: петок вечер! Умот им лета!
СВЕТЛАНА: Се исплашивме и веќе не се осмелувавме да слеземе долу. Ѝ дадовме на
болничарката сто илјади...
ТАСЕ: На Стојна?
СВЕТЛАНА: Не знам како се вика...
ТАСЕ: Една така... без очила?
СВЕТЛАНА: Без очила. Зошто е тоа важно?
ТАСЕ: (Покажува на двете покојници.) Еве зошто е важно! Ги смешале муштериите.
КЛИМЕ: И каде е сега Зора наша?
ТАСЕ: Кај оваа! Таа овде, Зора кај нив!
СВЕТЛАНА: Не мора ни таму да е. Тоа е верижно. Можеби е негде во Косово...
КЛИМЕ: Што бара во Косово?! Луѓето бегаат од Косово...
СВЕТЛАНА: Во државната болница во Скопје се лекуваат болни и од Косово и од Јужна
Србија... Можби е во Врање...
ТАСЕ: Можеби е во Крива Паланка...
КЛИМЕ: Јас не сум бил во Крива Паланка – баба Зора... Гранично место... без
документи...
СВЕТЛАНА: Треба да се праша во болницата кој сѐ умрел синоќа, и така да се бара...
Тато, дојди малку! (Светлана излегува од сцена. Климе по неа. Цанде и Тасе стојат без
збор. Штурците стружат сѐ посилно. Тасе гледа во правецот каде што излегоа
Светлана и Климе, со шепот на Цанде.)
ТАСЕ: Не им е лесно, воопшто не им е лесно!... Замисли да мора да одат по Зора дури во
Косово! Во Ѓенерал Јанковиќ... Ќути, Цанде, ќути! Сме имале голема среќа – ја
потрефивме Ката од прво! Полн погодок! (Ги трие задоволно рацете, Цанде го гледа со
чудење.) А ова можеше да ни се случи нам: во нашиот ковчег Зора нивна, а во нивниот
место Ката некоја косовка девојка!... (Решително седнува.) Цанде! да си ја спакуваме ние
Ката, да се поздравиме со луѓето... (Се наведнува, го фаќа чаршафот во кој лежи Ката за
еден крај и со глава му дава знак на Цанде да го земе другиот крај, Цанде не мрднува.)
Што е сега? Сакаш молба со таксена марка? Фаќај!
28
Викенд на мртовци
ЦАНДЕ: Зар ти не сфаќаш?
ТАСЕ: Сфаќам. Фаќај! Ката не ѝ е потстанар на оваа косоварка па да лежи на земја како
кучка пред врата, а таа да ужива во нејзиниот ковчег.
ЦАНДЕ: Тоа не е решение.
ТАСЕ: Не е? Имаш ТИ решение?
ЦАНДЕ: Немам... Тие ни ја донесоа Ката...
ТАСЕ: Ни ја донесоа, секоја им чест! Фала им! И...?
ЦАНДЕ: А ние?
ТАСЕ: А ние ќе си ја земеме! За ковчезите се разбравме, други проблеми не правиме...
ЦАНДЕ: Ние НЕ им ја донесовме Зора!
ТАСЕ: Ние не им ја донесмве Зора или ТИ не им ја донесе!
ЦАНДЕ: (Одмавнува луто со рака.) Од каде ја знам јас Зора!
ТАСЕ: (Очаен, немоќен, чука дланка од дланка.) Да знаев дека ова не е Зора...!
ЦАНДЕ: Што ќе направеше? Ќе ѝ залепеше уште еден фластер, преку очи, ќе ѝ го
изменеше личниот опис за да не ја познаат?
ТАСЕ: Оние педесет и девет минути чекање попаметно ќе ги искористев. А јас те
послушав тебе (Го имитира подбивно.) „Се создаваат гасови – на ова сонце може да
експлодира“... Ааах, како не го искористив ова сонце!
ЦАНДЕ: (Се чуди.) Ова сонце?!
ТАСЕ: Сонце, сонце! Ќе го отворев ковчегот, ќе го оставев на сонце па Зора да
експлодира! Па да ги собираат нејзините делови! Една нога овде, друга окачена на некое
дрво на илјада метра таму негде пустиње, очите пукнати, едно ваму, друго таму... Па
тогаш нека ја идентификуваат и нека велат „ова не е баба Зора“! Сега е доцна! Сега тие:
„Ова не е баба Зора“! Не е зашто ја имаат цела, неначната. И ја студираат секоја црта на
лицето... Ќе ги прашав да мораше да ја собираат по гранките на шумана... Псст!
(Доаѓаат Климе и Светлана.)
КЛИМЕ: Ние сега мораме да одиме...
ТАСЕ: (Додворнички.) Морамеее... Пат нѐ чека, времето не чека... Цанде, да ги сместиме
мртовците и... Која прво? Ајде прво од колегава... (Сака да се ослободи од непознатата
во својот ковчег.) ... две планини ги чекаат... (Тасе го фаќа едниот крај од чаршафот во
кој лежи непознатата покојница.) Фаќај! Убаво да ја сместиме во ковчегот од колегата...
(Цанде се мрднува, Климе своето „корито“ го поклопува празно и седнува врз ковчегот.
Тасе го гледа и му приоѓа.) Сега ќе седиме на ковчези?!
КЛИМЕ: Знаеш ли ти што треба да правиме? Јас не знам.
ТАСЕ: Што има да се знае! Додека ја имате онаа, лесно е. Ќе ја трампите и готово.
КЛИМЕ: Доста ми е трампање.
ТАСЕ: А, ќе ја закопате ад хок! Најмеродавни се документите од болницата, а тие гласат
на Зора ваша. Тоа ви е покритие. Оние горе не проверуваат лични карти и уверенија за
местожителство...
КЛИМЕ: (Станува, на Цанде.) Ќе помогнеш? (Се фаќа за едниот крај од своето
„корито“.)
ТАСЕ: (Крикнува.) А Зора.. тоест оваа?!
КЛИМЕ: Таа не е Зора! Вие сте задолжени и надлежни за неа. Вие ја зедовте од болница,
вие ја донесовте, јас ни името не ѝ го знам...
ТАСЕ: И вам ви следува едно парче! Нема сега јас сто мртовци да закопувам! Како сакаше
Ката наша да ја закопаш ад хок? „Ако задоцните, ние ќе ја закопаме“. Или не беа тоа твои
зборови?
КЛИМЕ: (На Цанде.) Ќе фатиш или да ја викам Светлана?
ТАСЕ: Знаеш ли ти, колега, колку авионски несреќи има годишно во светот?
КЛИМЕ: Не сум јас овде на квиз!
ТАСЕ: (Очаен.) Само минатата година во авионски несреќи загинаа три илјади и двесте
луѓе! Зора ваша да беше меѓу нив?! Те прашувам: Зора ваша да беше меѓу нив? (Климе го
29
Викенд на мртовци
гледа со чудење.) Што ќе правеше? Ајде кажи што ќе правеше? Ќе добиеше една конзерва,
внатре две-три нозе, една рака, малку мозок, малку месо... Симболот е важен! Исплачи се,
ќе ти олесни и – готово... (Шмрка, готов да заплаче.)
КЛИМЕ: Колега, јас ти се чудам и...
ТАСЕ: Колега! И тоа ми е некаква колегијалност! Јас два мртовци, ти ни еден! Каде е тука
колегијалноста? Солидарноста?
КЛИМЕ: Ти си во подобра ситуација! Ја имаш својата Ката. Ти ја донесов! А јас? Две
планини, бензин, време и – што? Се враќам со празни раце, со празен ковчег... Ти барем се
враќаш со Ката!
ТАСЕ: И со една придружничка! Како Ката да е мис на Европа!
КЛИМЕ: (Го начека.) Е па, комотен е твојот саркофаг! Мерцедес! Има место и за
потстанар! Светлана!
(Цанде го фаќа едниот крај на „коритото“, Климе другиот и го изнесуваат. Додека го
изнесуваат, Тасе очајно ги гледа, штурците гротескно стружат. Тасе седнува на
столче, ја закопува главата в раце. Се враќа Цанде и без збор стои крај Тасета. Молчат
двајцата.)
ТАСЕ: (Го погледнува Цандета над себе.) Се заљубила во тебе!
ЦАНДЕ: Светлана?
ТАСЕ: Оваа! Со фластеров! Како фластер се залепила за тебе! А ти му помагаш да си оди
со празен ковчег за да не ти ја грабне Зора... Не е ни Зора!
(Доаѓаат Климе и Светлана. Тасе седи со наведната глава. Светлана му ја клава раката
на рамо за поздрав и утеха. Климе му подава рака на Тасе, овој не ја прифаќа. Еден
момент Климе и Светлана стојат над непознатата покојница.)
КЛИМЕ: Како кукла е! Нека ѝ е лесна црната земја!
(Светлана и Климе полека тргнуваат да си одат. Тасе скокнува и застанува пред нив,
очајно.)
ТАСЕ: Се сложувам! Земете ја сосе ковчег! Ката ќе ја ставам во вашиот ковчег! Не барам
никаква разлика! (Ги гледа со очај, рацете му се наместени како да моли. Климе и
Светлана сакаат да го одминат.) Згора на тоа ги давам и столчињава (Ги грабнува
столчињата.) Туристички столчиња! Ќе си седите крај Билјанините извори... (Климе и
Светлана исплашени, го одминуваат и излегуваат. Тасе оди по нив со столчињата в раце
и почнува да пее.) „Билјана платно белеше крај Охридското Езеро...
ЦАНДЕ: (Исплашен, загрижен.) Тате!!!
ТАСЕ: ... оздола идат винари... винари белограѓани... (Тоа е повеќе плач, крик одошто
песна, слом на човек во безизлезна ситуација.) ... кроце терајте карванот... да не ми...
платно згазите... платното... (Песната е сѐ потиха, преминува во липање.) ... ми... е...
даровно... (Се струполува крај ковчегот. Шум на запален мотор и колата од охриѓаните
полека се губи, штурци страшно стружат.)
ЦАНДЕ: Тате!
(Тасе втренчено гледа во непознатата покојница.)
ЦАНДЕ: Тате!... Време е... Саатот...
ТАСЕ: (Не симнувајќи ги очите од покојницата.) Погледни ја, синко и кажи што ти паѓа
на ум... Камен ли е?... Дрво ли е? Грутка земја ли е?... Погледни!... Таа е нечија мајка!...
Нечија жена!... Нечија сестра!
ЦАНДЕ: Нечија мајка... нечија сестра... нечија жена...
ТАСЕ: Сега некој негде ја бара... Некој негде ја оплакува...
ЦАНДЕ: Ја бара...
ТАСЕ: Некоја друга, непозната покојница сега лежи во нивниот ковчег, во нивната куќа...
А можеби веќе и не е во нивната куќа... (Станува, се рашетува околу ковчегот.) Можеби
овој момент некој останува со празни раце како Климе, а друг добива придружничка на
својата покојница како јас... А таа друга придружничка некој негде ја бара... Цанде!
(Одеднаш е енергичен.) Сега настапуваме ние!
30
Викенд на мртовци
ЦАНДЕ: (Загрижен.) Настапуваме...
ТАСЕ: Цанде, фиќото! Прва етапа: Ѓенерал Јанковиќ! Тие ја очекуваат оваа... (Покажува
на непознатата покојница.) оваа... Себа! Оваа е Себа!
ЦАНДЕ: (Исплашен.) Себа...
ТАСЕ: Одиме на размена со... (Чека одговор од Цандета.) Со...?
ЦАНДЕ: Со... оваа... Себа.
(Тасе пак врти околу ковчегот, скоро маршира.)
ТАСЕ: На размена во Ѓенерал Јанковиќ одиме со... Ката! Ката ним не им е ни мајка, ни
жена, ни сестра... Нема да сакаат да ја земат Ката... Им ја земаме покојницата и веќе ги
имаме три! Три!... Следната етапа – Крива Паланка. Одиме на размена со... Со?
ЦАНДЕ: Со...
ТАСЕ: Со – Ката!
ЦАНДЕ: Пак... со Ката?... Дали... ќе издржи?
ТАСЕ: (Се замислува на тоа прашање. Оди кај Ката, која уште лежи наземи, клекнува
до неа, над лице, ја гали по лицето.) Издржи, Като! Ова го правам за твое добро! Ќе имаш
придружнички како царица! Издржи! Досега одлично се држиш! (Станува, маршира
околу Ката. Со поглед околу.) Ќе има уште Ѓавата! Ќе има уште Ѓавата! Ќе ги соберам
сите мртовци што во моментов скитаат без контрола!
(Од дното на сцената доаѓаат двете Германки. Обелчени се во македонска народна
носија. Весели се, насмеани, ги довикуваат Цандета и Тасета: „Уу-ууу!“ и почнуваат да
пеат „Македонско тевојче, китка шаена...“ и играат. По некое време помладата Елза го
забележува ковчегот и покојната Ката во бел чаршаф наземи. Се вкочанува и со рака
покажува натаму. Ерна го следи нејзиниот поглед и вреснува.)
ЕРНА: Мајн гот! Мајн гот!
(Смртно исплашени, ги грабаат ранците, пикаат внатре од работите околу ранците.
Во тој момент Тасе врекнува.)
ТАСЕ: Покрет! (Ја ставаат Ката во ковчегот крај непознатата покојница. Цанде брзо
го поклопува ковчегот.) Покрет! Покрет! Мајне даме, абфаааар! Коменз зи мит унс!
(Германките сакаат да избегаат. Тој ги фаќа двете за по една рака и ги влече кон
ковчегот.) Комен зи мит унс! Вир фарен нах Битола! Монастир! Цузамен фарен! (Со
лудачка упорност и сила ги довлечкува до ковчегот. Со нога го отвора капакот и им ги
претставува покојниците.) Мајне даме, вир хабен иа цвај штик! Мајне фрау Ката унд иир
цимерколеге Себа... ви резерве...
(Германките гледаат во Цанде, тој им дава знак да бидат мирни, да повладуваат со
глава.)
ЕРНА: Ја... ја... Ди резерве... Натирлих...
ТАСЕ: Имер мит резерве... Фир јец нур ајне резерве! Морген вир верден хабен драј штик!
Иберморген фир штик...
ЕРНА: Дас ист зер гуд...
(Цанде го става капакот на ковчегот. Тасе врекнува цела планина да јачи.)
ТАСЕ: Абфаааар! (Тасе, Цанде и Германките го товарат ковчегот на фиќото. Тасе го
наведува предното седиште и Германките сосе ранци ги втерува викајќи.) Бите, немен зи
плац! Бите, мајне даме! Пали!
ЦАНДЕ: Ќе нѐ казни милицијата – шестмина во фиќо!
ТАСЕ: Пали! Влегувај! Абфаар!
(Влегуваат двајцата, Цанде го пали фиќото и тргнува. Ја преминува сцената и излегува.
Буката на моторот се губи. Стружењето на штурците сѐ посилно и посилно.)

КРАЈ
31

You might also like